Шундовски: Честитки за момците, одигравме како тим во вториот дел
Звонко Шундовски беше презадоволен од триумфот на неговиот тим, прв за битолчани во Лигата на шампионите. Првакот на Македонија славеше во елитното натпреварување и го проби мразот, па сега со право се надева и на пласман во плејофот.
„Ова не беше натпревар без грешки, особено ги имавме во првото полувреме, но во тој период три пати се вративме од негатива од три гола. Во вториот дел одигравме како тим и затоа уште еднаш сакам да им честитам на момците. Верувам дека овде нема да застанеме“, рече тренерот на Пелистер.
Во Лигата на шампионите следува тринеделна пауза поради репрезентативните настапи, а во следното коло Еурофарм Пелистер повторно ќе се сретне со Фредериција, но сега на домашен терен.
Еурофарм Пелистер ја совлада Фредериција среде Данска
Еурофарм Пелистер со 23-25 славеше на гостувањето кај Фредериција во меч од Лигата на шампионите, и конечно се израдува на триумф во елитното ракометно натпреварување.
Голманот Никола Митревски беше еден од главните актери во триумфот на нашиот тим во Данска, но и добрата игра во нападот во вториот дел. Во првото полувреме Фредериција имаше минимално водство, а на паузата замина со водство од 12-9 и тоа благодарение на една серија од 3-0 во финишот.
Во вториот дел Пелистер влезе со серија од 7-2, го презема водството и не го пушти до крајот. Највисоката предност беше четири гола, 21-17, а конечниот резултат 25-23.
Следниот натпревар на Пелистер во Лигата на шампионите е на 20. ноември кога во Битола гостува токму Фредерција.
Загреб ги отпушти тренерите Николиќ и Чупиќ
Најдобриот хрватски ракометен тим Загреб во наредниот период ќе добие нов тренер и тоа откако досегашниот предводник Андрија Николиќ одлучи да си поднесе оставка.
Загреб претрпе убедлив пораз на гостувањето во Германија кај Магдебург (36-24), пораз кој беше шести во седмиот натпревар во елитното натпреварување, па Николиќ реши да повлече потег и да го напушти кормилото на клубот.
Тимот од хрватската престолнина допрва ќе го решава ова прашање, но она што е познато е дека со Николиќ си заминува и Иван Чупиќ кој беше дел од стручниот штаб, поточно асистент. Ова за легендата на Вардар беше прво тренерско искуство и сигурно истото ќе му значи во понатамошната кариера.
Шундовски: Подготвени сме за позитивен резултат во Данска
Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре ќе гостуваат во Данска на тимот на Фредерица во обид да стигнат до првата победа во Лигата на шампионите сезонава, но за тоа да се случи ќе треба да најдат начин да ги неутрализираат своите двајца поранешни членови.
За дуелот против Табоада и Хенеберг зборуваа тренерот Шундовски и десниот бек Цехте.
Звонко Шундовски
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Фредериција е добар тим, доаѓа од Данска, која сите знаеме што значи во европскиот ракомет. Фредериција игра типично дански ракомет, брзо и модерно и со доста шутеви од надвор. Имаат микс на квалитетни дански и странски ракометари. Преферираат да играат брзо, „еден на еден“, но мислам дека може да се изненадат. Со победата против Висла, Фредериција доби самодоверба, но тоа нас не нè интересира. Имаме своја работа и подготвени сме за позитивен резултат. Сите веруваме во тоа и со правилен пристап мислам дека имаме шанси. Говорот на телото“ на моите ракометари е подобар, пофокусирани сме и убеден сум дека оваа екипа ќе ги покаже своите квалитети. Нашите цели остануваат домашните трофеи и бодови во Лигата на шампионите.
Нејц Цехте
(РК Еурофарм Пелистер)
Сериозно се подготвуваме и со видео-припрема и на тренинг и во одбрана и во напад. Засега добро ги анализираме и убеден сум во добар натпревар. Фредериција создава екипа, растат од година во година, креираа нова екипа во споредба со тимот против кој јас играв за ГОГ Гудме. Некои ракометари се нови и можеби не играат брзо како останатите дански екипи. Во Данска се игра „еден на еден“ и ќе завршиме голема работа ако тоа го затвориме. Не играат во својата сала и тоа може да биде уште еден хендикеп за нив.
Дуелот на Еурофарм Пелистер и Фредериција е прв меѓусебен дуел на двата клуба.
Селекторот на Аргентина промовиран во нов тренер на Вардар 1961
Актуелниот селектор на Аргентина, Гиљермо Милано ќе седне на клупата на најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар 1961 и најмалку до крајот на актуелната сезона ќе ги предводи „црвено-црните“.
Како што вечерва соопшти двократниот европски првак, „постигнат е договор за соработка до крајот на сезонава, со можност истиот да биде продолжен. На почетокот на следниот месец Милано ќе пристигне во Скопје и ќе ја преземе екипата на Вардар“.
Милано доаѓа на клупата на Вардар 1961 откако од 2021 година е аргентински селектор.
Со репрезентацијата на Аргентина настапи на последните Олимписки игри во Париз, на Светското првенство 2023 година во Полска и Шведска, а го освои златниот медал на Панамериканските игри 2024, совладувајќи го во финалето Бразил.
Лазаров го скрати списокот за двомечот во ноември
Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров го објави списокот на повикани ракометари за претстојните квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2026.
Во рамки на ЕХФ неделата Македонија ќе игра квалификациски натпревари против Естонија и со Литванија.
На списокот на Лазаров се наоѓаат:
Голмани:
МАРКО КИЗИЌ РК АЛКАЛОИД
МАРТИН ТОМОВСКИ ПОТСДАМ
ИВАН ГАЛЕВСКИ РК АЛКАЛОИД
Леви крила:
ПЕТАР АТАНАСИЈЕВИЌ РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
ЦВЕТАН КУЗМАНОСКИ РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
Леви бекови:
ФИЛИП КУЗМАНОВСКИ РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
ПАВЛЕ АТАНАСИЈЕВИЌ РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
МИХАЈЛО МЛАДЕНОВИЌ РК АЛКАЛОИД
Средни бекови:
МАРКО МИТЕВ РК АЛКАЛОИД
ИГОР ЃОРГИЕВ РК АЛКАЛОИД
ИВАН ЏОНОВ РК АЛКАЛОИД
Десни бекови:
МАРТИН СЕРАФИМОВ РК АЛКАЛОИД
МАРТИН ВЕЛКОВСКИ РК АЛКАЛОИД
ТОМИСЛАВ ЈАГУРИНОСКИ РК ВАРДАР 1961
Десни крила:
АЛЕКСАНДАР ПЕТКОВСКИ РК АЛКАЛОИД
Пивотмени:
ЖАРКО ПЕШЕВСКИ РК ЕУРОФАМ ПЕЛИСТЕР
МИЛАН ЛАЗАРЕВСКИ РК ВАРДАР 1961
МАРКО СТОЈКОВИЌ РК АЛКАЛОИД
ВАЛЕНТИН КАРАСМАНАКИС РК АЛКАЛОИД
Дефанзивци:
МИХАИЛ АЛАРОВ РК ВАРДАР 1961
Средбата со Естонија е закажана за 6 ноември во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, а на 10 ноември нашите ракометари ќе играат на гостински терен против селекцијата на Литванија.
Ненад Костески започна со тренинзи по осум месеци
Еурофарм Пелистер објави дека по долга пауза Ненад Костески се приклучи на тренинзите на екипата.
Десното крило кое имаше повреда на предните вкрстени лигаменти повторно тренира по пауза од шест месеци.
Секако ова е добра вест и за најдобрата македонска репрезентација која наскоро ќе ги почне квалификациите за ЕП 2026, а во јануари ја очекува настап на ЕП 2024.
Во рамки на ЕХФ неделата нашата сениорска селекција ќе ги одигра првите два квалификациски натпревари за пласман на ЕП 2026 против Естонија и Литванија.
Дебакл во Порто, вардарци елиминирани уште во групната фаза на ЕЛ
Вардар 1961 загуби на гостувањето кај Порто со 37-24 (17-10) во дуел од Европската лига на ЕХФ.
На тој начин „црвено-црните“ ги загубија шансите за пласман во следната рунда, откако беа поразени од истиот ривал и во Скопје.
Вардар 1961 имаше сили до средината на првото полувреме кога губеше со два гола разлика, а од тој момент домашниот тим ги презеде работите во свои раце и до крајот успеа да запише убедлива победа.
Валдеш со девет гола беше најдобар стрелец кај португалскиот тим, додека Фернандеш реализираше пет. Кај Вардар, Срдановиќ даде шест гола, а Георгиевски и Крсманчиќ погодија по три пати.
До крајот на Европската лига за Вардар остануваат уште два меча – против Мелсунген на домашен терен и против Валур на гостински терен.
Грчевски го објави широкиот список за Европското првенство
Селекторот на женската репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, го објави поширокиот список на ракометарки пред Европското првенство во Унгарија, Швајцарија и Австрија.
На списокот има 35 ракометарки, а меѓу нив главно се ракометарките кои и досега настапуваа за националниот тим.
Грчевски на списокот има 14 ракометарки што настапуваат во странство, како и 21 ракометарка што играат во домашното првенство.
На Европското првенстви нашите ракометарки ќе играат против еден од домаќините – Унгарија, како и против Шведска и Турција.
Алкалоид доби поволен ривал во третото коло на ЕХФ Купот
По двете победи над РК Драгунас Клаипеда од Литванија, ракометниот клуб Алкалоид се пласираше во следната фаза од ЕХФ Европскиот куп. Со ждрепка македонскиот претставник го доби ривалот за пласман во осминафиналната фаза од натпреварувањето.
Играчите предводени од тренерот Кирил Лазаров ќе ги одмерат силите против Вест Виена од Австрија.
Првиот натпревар ќе се игра на 23/24 ноември во Скопје, а реваншот е седум дена подоцна во Австрија.
По успешниот настап во ЕХФ Европскиот Куп, Алкалоид им се враќа на обврските во македонската Суперлига. Следниот меч ќе го игра во среда на гостински терен кај екипата на РК Пролет 62.