ракомет

Еурофарм Пелистер го претстави Египќанецот Мамдух

Мохамед Мамдух Шебиб официјално беше претставен како ракометар на Еурофарм Пелистер. Тој позираше со зелено-белиот дрес во спортската сала „Боро Чурлевски“ на полувремето од натпреварот од Суперлигата против Радовиш.

По претставувањето Мамдух Шебиб изјави:

„Во тимот има многу ракометари со кои сакав да играме, има многу легенди, многу ракометари кои играле во големи клубови во Лигата на шампионите и македонски репрезентативци против кои играв во националниот тим. Македонците се слични како нас, сакаат сонце, сакаат слободен свет и баш тоа го затекнав тука. Во Египет имаме одлични навивачи, но така е и овде и едвај чекам да заиграм во Битола и да ја почувствувам атмосферата и поддршката.

Малку е потешка ситуацијата во која се наоѓаме по поразите минатата недела. Ја разбирам, но како играч барам поддршка од сите да излеземе од овој период и да отпочнеме нова победничка серија.

Зборував со Карим Хендави, тој е како брат за мене. Зборував и со Калифа Гедбан, Суси, Хосни и ми кажаа дека ќе уживам во ракометот тука“.

Дебито на новиот пивотмен на Еурофарм Пелистер се очекува неделава, која битолчани гостуваат во Данска против Фредериција и во Скопје против Бутел Скопје.


Лазаров ги „отвори“ картите за стартот на евро-квалификациите

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров го објави поширокиот список на ракометари за претстојните квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство во 2026 година во Шведска, Данска и Норвешка.

Во рамки на ЕХФ неделата нашата сениорска селекција ќе одигра два квалификациски натпревари против Естонија и Литванија. Нашите најдобри ракометари во првото квалификациско коло ќе играат против селекцијата на Естонија во СЦ „Борис Трајковски“, а натпреварот е закажан за 6 ноември 2024 со почеток во 20:00 часот. Во второто квалификациско коло нашите ракометари ќе играат на гостински терен против селекцијата на Литванија во Виљнус, а почетокот на натпреварот е закажан за 17:00 часот по локално време.


Романија ги надигра нашите ракометарки на „Трофеј Карпати“ во Клуж

Македонската женска ракометна репрезентација го запиша третиот пораз на „Трофеј Карпати“ кој се реализира во градот Клуж.

Денеска загубивме од селекцијата на Швајцарија со 27-22 иако во поголемиот дел од мечот бевме рамноправен противник. Во нашиот табор во поглед на реализација се издвоија Дамјановска и Ристовска кои постигнаа по 5 голови.

Во претходните две кола македонските ракометарки загубија од домаќинот од Романија и репрезентација на Словачка.


Карасманакис: Успешно ја завршивме нашата задача

Ракометарите на Алкалоид се пласираа во третото коло од ЕХФ Купот откако денеска и на реваншот славеа на гостински терен против Драгунас Клаипеда со 31-37. Скопјани имаа и залиха од +11 голови по убедливата победа на домашен терен минатата сабота.

„Одигравме еден тежок натпревар. Ја имавме нашата предност од првиот меч, но и покрај тоа знаевме дека противникот ќе даде 1000% затоа што игра пред својата публика. Нашата задача успеавме да си ја завршиме и да се пласираме во следната фаза. Имавме грешки на овој натпревар, но знам дека ќе ги поправиме на следните дуели кои ни следат. Овој меч во Литванија ни беше потежок од оној во Скопје“, рече Карасманакис.

Ждрепката за следната рунда на Европскиот Куп на ЕХФ е во вторник.


Неочекувана смена: Недановски не е повеќе тренер на Вардар 1961

Македонскиот вицепрвак Вардар 1961 ќе направи тренерска смена и во следниот период ќе добие нов предводник. Досегашниот тренер Владо Недановски и управата на клубот се договорија за прекин на соработката.

Клубот преку официјално соопштение во кое директно обраќање има претседателот Михајло Михајловски ја соопшти веста за смената. Во соопштението се наведува дека дојде време за промени, меѓутоа Недановски не заминува од Вардар. Напротив, тој ќе добие нова улога во клубот.

Клупата на Вардар привремено ќе ја преземе Стојанче Стоилов. Се очекува вардаровата легенда да го поведе тимот на гостувањето кај Порто во Европската лига на ЕХФ, а потоа до среда е најавен ангажман на новиот предводник.

Недановски дојде во тренерскиот тим на Вардар првпат во 2020 година како асистент. Една година подоцна тој беше привремен тренер, а потоа пак беше асистент. Од заминувањето на Давид Дејвис во 2022 година, Недановски ја презеде тренерската палка и досега го водеше Вардар.


Лазаров: Добро ја решивме првата европска задача

РК Алкалоид ја оствари целта и се пласира во третото коло на Европскиот куп на ЕХФ. По реваншот со РК Драгунас Клаипеда и гостинската победа во Литванија (37-31), имперсиите од натпреварот ги изнесе тренерот Кирил Лазаров.

„Не е лесно да се победи било кој противник на гости, посебно во еден европски куп. Победата ја остваривме со стил, во 22. минута имавме девет разлика, потоа дојде до некое опуштање и се мачевме цел натпревар. Меѓутоа, сите овие работи се нови за нашите играчи, имам разбирање, треба да учиме од грешките. Победивме една квалитетна екипа која физички трча 60 минути и не е лесно да се подговиш за неа. Иако ова е прво европско коло, горд сум на она кое го направивме. Посебно во последните седум дена во кои имавме три средби кои доста бараа од нас.

Анализирајќи го противникот, првата средба беше потешка. Увидов дека се работи за квалитетен ривал кој знае што сака. Шпанскиот систем донел ред во овие четири до пет месеци, многумина ме гледаа како смешен кога кажав дека треба да се биде претпазлив. Влеговме дисциплинирано, успеавме да поставиме една добра залиха во Скопје која ни даде да спиеме мирно. Сакавме да победиме и на реваншот, тука ни беше полесно да играме, затоа што знаевме што не очекува.

Ни следи ждрепката од третото коло, имаме свои желби, за да имаме и поголеми шанси. Меѓутоа кој и да ни падне на ждрепката, нема ние да се си ставаме некаков товар. Важно ни е ние да одиме напред и нашиот систем да функционира. Нема да излеземе на терен со бело знаме, без разлика на името и на квалитетот на противникот“, заврши Лазаров.


Дебакл на Охрид во Романија и елиминација од ракометна Европа

Охрид претрпе елиминација во третото по ранг клупско натпреварување во ракометна Европа, ЕХФ Купот откако загуби во реванш дуелот против романската Потаиса Турда со 39-29.

Избраниците на Стевче Алушовски не беа на потребното ниво. Во првиот дел во најголем дел се играше изедначено, а во завршницата Турда направи стигна до највисоките „плус три“ со кој замина на паузата 17-14.

Таа завршница на првото полувреме како да беше најава на она што се случуваше во вториот дел кога домакинот доминираше и со неколку кратки на средината од ова втор полувреме дојде и до двоцифрена разлика (29-19).

Со по пет голови лидер на Охрид беа Ојлески и Орјоникидзе, додека за Потаиса Турда 15 голови постигна Гхита.


Алкалоид со две победи го елиминира литвански Драгунас Клаипеда

Алкалоид ја оствари целта и патува во следната фаза во Европскиот куп на ЕХФ. Македонскиот претставник славеше над Драгунас Клаипеда сп 31-37 и на гостувањето во Литванија и обезбеди две победи на два меча.

Со седум голови Серафимов беше лидер на Алкалоид, а него го следеа Бинго и Митев со по шест. Галевски забележа 10 одбрани. Лидер на Драгунас Клаипеда беше Лускенас со шест голови.

Вториот македонски претставник во Европскиот Куп, Охрид, попладнево гостува во Романија кај Турда.


Ракометарките загубија и на вториот натпревар на „Трофеј Карпати“

Женската ракометна репрезентација на Македонија претрпе пораз и на вториот натпревар на „Трофеј Карпати“.

Откако вчера бевме убедливо поразени од Романија, денеска Словачка беше подобра од Македонија со 29-27.

Македонските ракометарки одиграа солидно прво полувреме по кое имаа и предност од 17-15, но во вториот се појавија проблеми со реализацијата и техничките грешки, а Словачка тоа знаеше да го искористи.

Утре Македонија го игра последниот натпревар на турнирот против селекцијата на Швајцарија.


Лазаров: Алкалоид брка победа и на вториот натпревар со Клаипеда

Ракометарите на Алкалоид денес во литванскиот град Клаипеда ќе се обиде да стигне до својата прва европска победа на гостински терен. На првата средба во Скопје, РК Алкалоид славеше убедлива победа од 11 гола разлика (42-31), но целта не е само да се одбрани разликата и да се обезбеди пласман во следното коло, туку да се извојува уште една победа над брзата екипа на Клаипеда Драгунас. Екипата од вчера е во Литванија, одработи еден тренинг во салата во која ќе се игра натпреварот и се запозна со амбиентот во домот на литванските „змејови“.

Стручниот тим и ракометарите се оптимисти во поглед на исходот на реванш натпреварот, без оглед што имаа напорна недела во која веќе одиграа два меча, а сега одново ги чека наттрчување со литванскиот состав и тоа во нивната сала.

„Очекувам тежок натпревар затоа што во шест дена ќе играме три натпревари и тоа не какви било, туку два натпревари од Европски Куп и еден дерби меч со Еурофарм Пелистер, а имаме едно долго патување. Свесен сум дека нема да биде лесно. Имаме хендикеп со повредата на Никола Костески, тоа треба да го споменеме. Внимателен сум, затоа што публиката во Автокоманда, виде, имаме за противник екипа што сака да игра, сака да се наттрчува цел натпревар. Анализиравме и видовме дека во 48 минута беше само шест разлика, а во 54 беше 13 разлика. Можеше да биде поинаку, можеби малку е нереален резултатот. Имаме голема залиха, но тоа не треба да не опушта, ќе се потрудиме да бидеме квалитетни и да одиме на победа, тоа ни е целта.

Ќе биде доста неизвесно до крај, посакуваме победа, но ќе мораме да ја заслужиме. Ќе треба добро да се испотиме за да победиме, а тоа нема да биде едноставно, затоа што, реков, за шест дена играме трет силен натпревар, а имавме и долго патување. Момците се спремни, но и се исцрпени, затоа што одиграа два одлични натпревари и малку се емотивно истрошени по радоста што ја имаа по двете средби.
Ќе треба многу да трчаат, свесни сме за тоа во стручниот штаб и ќе направиме сѐ за да излгедаме добро и да победиме и сега“, рече Кире Лазаров.

Натпреварот почнува попладнево во 15:00 часот.