ракомет

Вујовиќ: Комплетни сме и првпат фаворити оваа сезона

Вардар утре го очекува натпревар со Монпелје во рамките на Лигата на шампионите, а овој дуел се игра утре од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“, и е дел од четвртото коло во групата А.

Пред овој натпревар тренерот Веселин Вујовиќ рече дека ќе може да смета на сите ракометари и до последен момент ќе размислува со кој состав ќе излезе на мегдан против Монпелје.

„Имам високо мислење за Монпелје. Сметам дека е историски тим, кој е достоен за респект. Ќе биде исклучително тежок натпревар и ќе нѝ биде потребна сета помош, особено од навивачите. Вардар е во одличен момент досега нема пораз во Лигата на шампионите, а имам проблем да изберам со кои 16 ќе истрчаме утре затоа што за првпат немаме проблеми со повреди и сите ги имам на располагање. Вардар е за првпат фаворит на еден меч, иако знаеме дека не чека тежок и интересен дуел. Одбраната секако повторно ќе биде клучна. Тешко е да добиете натпревар на кој ќе постигнете само 24-25 гола. Наша цел е да играме силна одбрана и тоа да ни овозможи да немаме паника во нападот. Ни помага тоа што и голманите беа на нивото изминатите неколку натпревари“, изјави Вујовиќ.

Досега Вардар и Монпелје имаат одиграно три натпревари во кои „црвено-црните“ имаат две победи и едно реми. Средбата се игра во СЦ „Јане Сандански“ од 20:45 часот.


Вујовиќ: Полесно е да се игра со навивачи

Вардар ја запиша првата победа во Лигата на шампионите, совладан е Мешков Брест со резултат 35:27, а на полувреме „црвено-црните“ водеа со 19:13.

Веселин Вујовиќ по натпреварот изјави дека е среќен за победата, велејќи дека со Комити се е поинаку и полесно.

„Се плашев од овој меч, затоа што знам каква екипа е Мешков и многу ја ценам. Ние го отворивме дуелот доста мотивирано, ни помогнаа неколку сјајни одбрани на Томовски и атмосферата од трибините. Така бевме носени со таа енергија, нашите шутери беа расположени и тоа беше тоа. Кога променија во таа фаза 5-1, морав да менувам со Дибиров и Гаџа некоја тактика во средината затоа што браќата Њокас уште не се воиграни. Сепак, морам да потенцирам дека Мешков Брест има повредени играчи и ние ја искористивме таа ситуација. На противникот му посакувам среќа во наредните натпревари“, изјави Вујовиќ по натпреварот.


Вујовиќ: Кудуз нема да игра против Мешков Брест, но и тие имаат проблеми со повреди

Ракометарите на Вардар в среда во Скопје го пречекуваат Мешков Брест во вториот меч сезонава во Лигата на шампионите. На прес-конференцијата пред мечот, за очекувањата зборуваше првиот човек на клупата на „вардарци“, Веселин Вујовиќ.

“Едно е сигурно, а тоа е смртта, а се друго е релативна работа. Не сакам да се жалам, но во последните сеудм дена одигравме четири меча, и ако ги сметаме Мешков Брест и Еурофарм Пелистер, тоа ќе бидат шест за 14 дена. Вардар во овој момент нема капацитет за толкав број на натпревари. Но ајде да не биде се црно. Како што знам и Мешков има проблеми со повредени играчи. Кудуз не верувам дека ќе може да ни помогне ниту со Мешков Брест. Ние во псоледните седум дена не направивме два нормални тренинзи. Ние немаме уште еден среден бек, а за да пробам некој од другите ракометари нема време. Треба да се надминеме себе за да го победиме Мешков. Тие имаат сигурен клуб, буџет, можат да носат сериозни играчи, иако сите знаеме дека се се врти околу Скубе. Ние без навивачи во сала не сме Вардар. Колку од “Комити” ќе дојдат не знам, но секако би ни значело да бидат во голем број”, вели Вујовиќ.


Лук Абало зачуди со изборот за продолжување на ракометната кариера

Долговечното десно крило на француската ракометна репрезентација Лук Абало, својата кариера ќе ја продолжи во Јапонија. Со 37 години донесе интересна одлука и ќе стане нов играч на Зеекстар Токио.

Абало исто така изненадувачки минатата сезона ја помина во норвешки Елверум, а пред тоа настапуваше за Иври, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и ПСЖ. Освои се што може да се освои во ракометот, а за француската репрезентација заигра 286 пати и постигна 854 погодоци.

Од репрезентацијата се повлече откако со неа годинава баш во Токио го освои своето трето олимписко злато и вкупно четврт олимписки медал.


Наместо во Металург – браќата Њокас во црвено-црниот дел на Скопје

Вардар пред стартот на Лигата на шампионите обезбеди две големи имиња како нови засилувањата. Наместо да играат за Металург, каде потпишаа пред неколку месеци, француските браќа Оливие и Кевин Њокас ќе играат кај црвено-црните.

Од страна на управата на Вардар веќе биле поднесени барања за сертификати, а сите други формалности за трансферот биле веќе средени. Вардар ги уплатил и парите за late entry трансфери, па останува само да се официјализира трансферот.

Тие ќе можат да настапуваат за Вардар во сите натпреварувања. Со нив тренерот Веселин Вујовиќ добива конкуренција која му е потребна во бековската линија. Оливие ќе им се придружи на Кудуз и Талеси, додека Кевин на позицијата десен бек ќе биде конкуренција на Гурбиндо и Моралес.


Савевски промовиран за селектор на женската ракометна репрезентација

Ракометната федерација на Македонија го именува Љубомир Савевски за селектор и координатор на националните селекции во женска конкуренција.

Љубомир Савевски функцијата Координатор на националните женски селекции ја извршување во период јуни – август 2021 година на Шампионатите кои се одржуваа во Скопје и Клаипеда, каде имаше извонреден успех со генерацијата У-17 кое се одржуваше во Литванија, освојувајќи го првото место, објави РФМ.

Според новиот договор Савевски започнувајќи од септември 2021 година функцијата за која е именуван ќе ја извршува за период од две години.


Скубе од следното лето се сели во Полска, потпиша со Киелце

Сташ Скубе од следната сезона ќе игра во полскиот шампион Киелце.

Словенецот од Вардар премина во Мешков Брест, а сега со Киелце потпиша договор на три години. Тој е среќен што ќе игра во клуб кој ќе се бори за освојувањето на Лигата на шампионите.

„Среќен сум што ќе играм за Киелце, ова е амбициозен клуб со високи цели. Одлуката не беше тешка, од никого не слушнав лош збор за овој клуб. Се надевам дека ќе му помогнам на клубот да победува, како во домашниот шампионат така и во Лигата на шампионите“, изјави Скубе.

Медиумите најавуваат дека доаѓањето на Скубе во Киелце би можело да значи заминување на Игор Карачиќ.


АМС им додели спортска пензија на судиите Начевски и Николов

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, денеска организираше прием за нашите најдобри ракометни судии,  Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, кои беа дел од големото финале на ЛОИ во Токио.

Мојсовски со одбрани зборови им се заблагодари за целиот придонес во спортот и афирмација на нашава земја надвор од границите.

Начевски и Николов кои високо котираат на листата на ЕХФ, покрај посебните признанија што ги примија  од АМС, добија и ветување дека ќе влезат и во конкуренција за државна пензија како заслужни спортисти.


Секељи прогласен за најдобар голман на Струшкиот турнир

Викендов заврши 49-от Струшки ракометен турнир, а по драматичен финиш и по продолженија, Еурофарм Пелистер загуби од Вардар 1961 со 35-33. Тимур Дибиров е прогласен за најдобар играч на годинешното издание на традиционалниот летен ракометен собир.

Наградата за најдобар голман отиде во рацете на унгарскиот чувар на мрежата на Еурофарм Пелистер, Мартон Секељи, а најдобар стрелец на турнирот е Златко Мојсоски од Бутел.

Еурофарм Пелистер три години по ред игра во финалето на турнирот, двапати загуби и еднаш победи во натпреварот за трофеј.


Лазаров: Момците покажаа карактер и дух, верувам во победа над Полска

Селекторот на македонската репрезентација Кире Лазаров сосема очекувано е горд на пласманот на кадетската репрезентација на Македонија во финалето на ЕХФ шампионатот по победата во пенал-рулетот над Швајцарија.

Лазаров по мечот го нагласи задоволството од начинот на кој играа кадетите за кои верува дека може да дојдат и до комплетен триумф на шампионатот.

„Навистина ми е драго поради момците што успеаја да се изборат за финале. Начинот на кој се дојде до победата и се она што се случуваше на теренот на овој историски и интересен натпревар е навистина за гордот. Среќен сум поради момците, мислам дека и Господ не награди на крај. Покажаа ракометарите карактер на овој меч. Оваа победа сигурен сум дека ќе ни даде уште поголем мотив за финалето против Полска. Верувам дека ќе дадат се од себе и на тој меч за победа“ – истакна Лазаров по полуфиналето со Швајцарија.