ракомет

Вујовиќ: Посебно ме разочараа македонските ракометари

Веселин Вујовиќ имаше лошо деби по враќањето во Вардар бидејќи црвено-црните беа поразени од Еурофарм Пелистер со убедливи 22-31 во Суперкупот.

По натпреварот Вујовиќ не ги криеше критиките за ракометарите, а посебно потенцираше дека не е задоволен од македонските ракометари.

„Немам забелешки за победата на Еурофарм Пелистер. Некои играчи се далеку од енергијата која им е потребна во Вардар. Можеби е добро што се случува сега за предупредување, но јасно е дека некои ракометари мораат да се замислат дали во иднина можат да го носат дресот на Вардар. Реално, задоволен сум само од загревањето, со што друго би можел во пораз од девет разлика. Посебно сум незадоволен од македонските играчи, на кои посветувам време и вложувам и на нив сметам, но покаќаа дека се далеку од квалитетот. Ќе имаме проблеми ако продолжат вака“, изјави Вујовиќ.

Пред почетокот на сезоната Вардар го очекува и настапот на Струшкиот турнир


Стружанецот Колоски го засили Голден Арт

Стефан Колоски ја засили левата бековска позиција на Голден Арт КЛ7. Стефан Колоски е нов играч на младиот тим на Голден Арт КЛ7. 24 годишниот Стружанец доаѓа во Голден Арт КЛ7 од екипата на ГРК Тиквеш, за да ја пополни левата бековска позиција и да ја зацврсти одбраната.

Претходно во својата кариера Колоски има настапувано и за Струга, Работнички и Јуниор КВ.

„Драго ми е што сум дел од ваков проект насочен кон вложување во македонски ракометари. Можноста да тренирам во висок ритам, да добијам шанса и минутажа беа клучни за мојата одлука да пристапам на Голден Арт КЛ7. Стабилноста на функционирање на клубот ми е добро позната и можам да кажам дека сум одлично примен”, изјави Стефан после неколку тренинзи во новиот клуб.


Само македонски екипи на Струшкиот ракометен турнир годинава

Шест македонски прволигаши ќе настапат на 49. издание на Струшкиот ракометен турнир, на кој годинава, спротивно на традицијата, нема да учествуваат екипи од странство.

Бранителот на трофејот Еурофарм Пелистер ќе игра во групата Б заедно со Металург и Тиквеш, додека актуелниот шампион Вардар за противници во групата А ќе ги има екипите на домаќинот Струга и Бутел.

„Меѓународниот ракометен турнир – Струга 2021“ своето 49. издание ќе го има од 12 до 15 август на отвореното игралиште на Женска плажа во Струга.


Вардар ќе дебитира во Норвешка во Лигата на шампионите

Европската ракометна федерација (ЕХФ) заедно со клубовите учесници и ТВ куќите ги дефинираа термините и саатниците за натпреварите од групната фаза од Лигата на шампионите. Вардар1961 во десетте дефинирани термини, седумпати ќе игра во среда, а трипати во четврток.

Вардар сезоната во Лигата на шампионите ја почнува на гостински терен во Норвешка против Елверум на 15 септември од 18.45 часот. Првиот домашен меч го игра со Мешков Брест на 22 септември (среда) од 20.45 часот.

Распоред на мечевите на Вардар за првите 10 кола.

1 коло, 15.09.2021

Елверум – Вардар 18,45 

2 коло, 22.09.2021

Вардар – Мешков Брест 20,45

3 коло, 2.09.2021

Вардар – Алборг 18,45

4 коло, 13.10.2021

Вардар – Монпелје 20,45

5 коло, 20.10.2021

Алборг – Вардар 18,45

6 коло, 27.10.2021

Вардар – Кил 20,45

7 коло, 18.11.2021

ПИК Сегед – Вардар 18,45

8 коло, 25.11.2021

Вардар – ПИК Сегед 20,45

9 коло, 02.12.2021

Кил – Вардар 20,45

10 коло, 08.12.2021

ППД Загреб – Вардар 20,45


Охриѓани ги започнаа подготовките за новата сезона

Ракометниот клуб Охрид со тренинг и состанок официјално ги стартуваше подготовките за новата сезона во Супер лигата.

„Гладијаторите“ деветтата сезона во суперлигашкото друштво ќе ја започнат со мали измени но значајни измени во ростерот. Нови ракометари се Алекса Петровиќ (десен бек), Мице Шилегов (десно крило), Филип Грубор (пивот) и Никола Ристески кој е приклучен од младинските категории. Ростерот ќе биде затворен со голман кој ќе му прави друштво на Јагош Брауновиќ.

„Најпрво да ви посакам добро здравје, а потоа добра и успешна сезона со РК Охрид. Ќе одиме чекор по чекор, ќе работиме по план и програма, опфаќајќи ги сите сегменти“, им се обрати на ракометарите тренерот Раде Стојановиќ.

Стојановиќ рече дека екипата ќе одигра пет или шест контролни средби со македонски екипи. Ако испадне прилика клубот ќе отпатува на некое гостување каде ќе се одигра двомеч со екипа од странство.


Финалето во Токио ќе го суди македонскиот судиски тандем Начевски-Николов

Финалниот дуел во ракомет на Олимписките игри во Токио ќе се одигра во утре, Сабота помеѓу Франција и Данска. Но, покрај атрактивноста на овој натпревар она што за нас е многу позначајно е тоа што македонска судиска двојка ќе го суди финалето.
Ѓорѓи Начевски и Славе Николов се избрани за главни судии на финалето на машкиот ракомет во Токио.

Ова е огромно признание за најдобриот македонски ракометен судиски тандем. Тоа не им успеало ниту на Марјан и Драган Начевски.

Начевски и Николов беа дел и од Олимписките игри во Лондон 2012 и Рио 2016, а финалето во Токио го добиваат веднаш по финалето на Европското првенство кое исто така беше под нивна арбитража.


Ракометарите на Еурофарм Пелистер се имунизираа пред почетокот на сезоната

Вчера во вакциналниот центар во Битола, во спортската сала „Јован Калаузи“, комплетната екипа на Еурофарм Пелистер изврши имунизација на ковид-19. Ракометарите и стручниот штаб ја примија првата вакцина. Втората е закажана за 24 август. Клубот во соработка со здравствените власти комплетно ја обезбеди и организираше имунизацијата. РК Еурофарм Пелистер изразува благодарност до здравствените власти за соработката и поддршката.

По консултацииите со здравствените работници, ракометарите добија слободни денови и в четврток им се враќаат на тренинзите. В петок пелистерци заминуваат на викенд во Маврово, каде ќе одиграат два контролни натпревари против Еурофарм Пелистер 2 (од неделата се подготвува во Маврово) и Металург (денес замина на подготовки).

Сите ракометари освен Марио Танкоски, кој заздравува од повредата, тренираат во група, под будното око на стручниот штаб.


Табоада: Еурофарм Пелистер е одличен проект за мене

Деновиве во составот на Еурофарм Пелисер пристигна левиот бек од Куба, Реиние Табоада, кој дојде од францускиот Данкерк. Кубанецот по пристигнувањето вели дека дошол во Битола за да му помогне на тимот да стигне до многу посакуваната шампионска титула во Македонија.

„Еурофарм Пелистер е клуб кој напредува постојано. Беше второпласиран во домашниот шампионат минатата сезона. Ова е добра шанса за мене да се дефинирам како ракометар и да му помогнам да екипата да се искачи на првото место и да освојува титули.

Сакам да играм „еден на еден“, ја користам мојата физичка сила. Но, интелегентен сум и ја „читам“ играта, го „читам“ натпреварот. Исто така шутирам од далечина.

Гледав некои европски натпревари на Еурофарм Пелистер, како и дерби натпреварите против Вардар 1961 во домашната Суперлига. Ми оставија добар впечаток и ова е добар проект за мене. Ми се допаѓа екипата“, смета Табоада. 

Првиот официјален натпревар на Табоада во Македонија е Супекупот на Македонија против Вардар 1961 на 11 август во Скопје.


Вардар 1961 ги започна подготовките за новата сезона

Македонскиот ракометен рекордер и актуелен освојувач на двојната круна, Вардар1961 ги почна подготовките за новата сезона. Екипата првпат ќе има вака напорна сезона и покрај во ЕХФ лигата на шампионите и СЕХА лигата, ќе игра од самиот почеток и во домашното првенство. Кон крајот на август почнуваат четвртфиналните средби од СЕХА лигата, па затоа тимот порано од вообичаеното почна со подготовките.

„Се надевам дека играчите ќе ја оправдаат довербата. Ќе видиме дали ќе има уште засилувања и во стручен штаб и во играчкиот кадар. На Златибор ќе биде полесно да се подготвуваме. Не очекува и натпревар против Еурофарм Пелистер и тоа ќе биде вистински празник. Имаме Струшки турнир и Хумел”, рече тренерот на „црвено-црните”, Веселин Вујовиќ.

Тимот по враќањето од Златибор ќе работи во Скопје, а потоа ќе замине за Струга каде ќе игра на традиционалниот турнир. Планирано е играње и на турнир во Магдебург по што почнуваат официјалните натпревари, четвртфиналето во СЕХА лигата.


Струшкиот турнир и годинава само со македонски екипи

На половината од август месец и со шест македонски екипи на отвореното игралиште „Горан Попоски-Бабец“ ќе се одржи 49-то издание на Струшкиот ракометен турнир.

Покрај домаќинот Струга, на турнирот ќе играат актуелниот првак Еурофарм Пелистер, вицешампионот Вардар, Металург, Бутел Скопје и Тиквеш.

Изгледот на групите и термините на одигрувањето на мечевите ќе бидат дополнително објавени.

Годинашното издание треба да биде најава за 50-годишниот јубилеј следната година за кое организаторите најавуваат спектакл од светски размери.