ракомет

Кирил Лазаров: Сезонава да направиме чекор напред

Ракометарите фаќаат ритам на тренирање во „Автокоманда“, има осум нови играчи кои му се приклучија на тимот, а впечатоците од актуелниот состав и очекувањата за следната сезона ги сподели тренерот Кирил Лазаров.

„Целата стратегија, поставеноста на клубот е од година во година да се прави чекор напред. Не сакаме тие чекори да бидат крупни, туку да одиме постепено и да го развиваме клубот. Јас како тренер сум среќен и горд што и оваа сезона останавме во истиот македонски концепт, во ростерот ќе имаме 23 играчи, од кои 21 ќе бидат македонски. Одлучивме да продолжиме по истиот пат, да даваме шанса на македонските играчи и да се биде поконкурентен како во Македонија, така и во европски рамки. Задоволен сум од во преодниот рок успеавме да донесеме нови играчи, во ростерот имаме осум нови имиња, потребно ќе ни биде време да се воиграме, затоа и малку порано стартуваме од сите останати суперлигаши“, изјави Лазаров.

Алкалоид подготовките ги почна во Скопје, следната недела оди во Маврово, па следува турнеја во Србија, Хрватска и Словенија каде се предвидени осум пријателски натпревари.

Посакува неговиот тим да ја подобри реализацијата во македонското првенство.

Во едно европско полуфинале ние даваме над 40 гола, а во македонско првенство се игра многу поспоро и не можеме да ја минеме границата од 25 гола. Тука би требало да се поправиме, смета Лазаров.

За квалификациите во Европската лига на ЕХФ и средбити со Хановер, тренерот Лазаров фаворитската улога ја препушти на бундеслигашот.

„Како клуб одлучивме да излеземе од комфорната зона и да играме во Европската лига, по оној освоен ЕХФ Куп во кој има силни противници, тоа може да се види по листата и оваа година. Сакаме да одиме чекор понапред, прифативме ризик. Имавме малку незгодна ждрепка, добивме бундеслигаш. Успеав по ждрепката да изгледам неколку мечеви и увидов зошто во текот на Бундеслигата во поголемиот дел беа на првото место. Се работи за систем со екстра-квалитетен тренер, бивш селектор на репрезентацијата на Германија, на секое зошто има затоа. Ривалот е фаворит, но ние ќе се бориме и нема да се предадеме“, потенцира Лазаров.


Вардар 1961 доби група во мерка во Лига Европа

Денес во Виена во седиштето на ЕХФ беа формирани групите за новата сезона во Лига Европа.

Ракометарите на Вардар ќе бидат во групата Ф со Кристијанштад од Норвешка, Феникс Тулуз од Франција и победникот од двомечот меѓу хрватските состави Дуго Село и Сесвете.

Екипата на Алкалоид во елиминацискиот дел доколку го помине германскиот Хановер, ќе игра во групата „Г“ заедно со Фредериција од Данска, Татран Прешов од Словачка и победникот од шведската пресметка меѓу Савехов и Малме.


Охрид и Бутел добија поволни противници во Европскиот Куп

Во седиштето на Европската ракометна федерација се одржа ждрепката за ЕХФ Европскиот Куп во машка конкуренција.

Бутел за ривал во првото коло го доби Дуделанж. Првиот дуел ќе биде во Луксембург а реваншот во Скопје. Тимот на Тиквеш го доби Бешикташ. Македонскиот состав во првиот меч ќе гостува кај турскиот шампион. Екипата на Охрид ќе игра против Баку (Азербејџан). Во воведната пресметка охриѓани треба да гостуваат.

Првите натпревари од второто коло се закажани за 6/7 септември додека реваншите ќе се одиграат седум денови подоцна.


Алкалоид го доби најсилниот можен ривал во квалификациите за Европската лига

Ракометарите на Алкалоид добија силен противник во баражот за пласман во групите на Европската лига на ЕХФ.

Избраниците на Кирил Лазаров на извлекувањето беа во вториот шешир, а среќата не беше на страната на македонскиот тим затоа што го доби бундеслигашот Хановер за противник на патот кон групите во второто по ранг натпреварување на ЕХФ.

Двомечот ќе се одигра на 30/31 август, односно 6/7 септември. Алкалоид доаѓа во Европската лига како освојувач на ЕХФ Купот и со „вајлд-карта“.

Екипата на Вардар 1961 како вуцешампион е директен учесник во групната фаза, додека место во оваа фаза преку квалификациите ќе бара екипата на Алкалоид.


Еурофарм Пелистер се засили со 15-годишен десен бек

Новиот суперлигаш Еурофарм Пелистер 2 активо работи на засилувањата за новата сезона. Ново име е 15-годишниот Илија Илијевски, еден од најголемите таленти на македонскиот ракомет. Тој во Битола доаѓа од матичниот клуб Вардар Неготино.

Младиот ракометар потпиша договор на четири години, а со тоа клубот од Битола ја продолжува стратегијата за млади македонски ракометари да го сочинуваат костурот на клубот.

Илиевски е висок 202 сантиметри и игра на десната бековска позиција.


Еурофарм Пелистер 2 потпиша со француски десен бек

Повратникот во македонската ракометна Суперлига, Еурофарм Пелистер 2 ги засили своите редови за новата прволигашка сезона со францускиот десен бек Баптист Одифред.

„Дваесетишестгодишниот Одифред, висок 199 сантиметри, е одличен и ракометар со важна улога и во играта во одбрана“, соопшти битолскиот клуб.

Одифред доаѓа во Еурофарм Пелистер 2 со драгоцено меѓународно искуство од настапите Диферданж од Луксембург и јапонски Даидо Стил, откако претходно во Франција настапуваше за Дижон и Безансон.

Одифред потпиша двегодишен договор со Еурофарм Пелистер 2 и ќе му се приклучи на тимот на крајот на овој месец на почетокот на подготовките за новата сезона.


Томовски го замени Потсдам со Битигхајм

Германскиот второлигаш Битигхајм денеска го промовираше нашиот репрезентативен голман Мартин Томовски како ново засилување за следната сезона. Томовски се сели во Битигхајм од екипата на Потсдам и потпиша договор до 2027 година.

„Мартин Томовски е искусен голман кој ги докажа своите способности и во германската Бундеслига. Мартин остави многу добар впечаток кај своите претходни клубови и соиграчи, и на теренот и надвор од него. Тој ќе биде важен фактор во нашата цел – промоција во Бундеслигата“, изјави извршниот директор на клубот, Бастијан Шпалингер.

Томовски вели дека е мотивиран за новиот предизвик: „Среќен сум и со нетрпение го очекувам следниот чекор со Битигхајм. Целите се јасни и имаме ист план. Затоа сум на вистинското место!“, вели Томовски.


Вардар 1961 доведе два средни бека

Двократниот европски ракометен првак Вардар 1961 донесе две странски засилувања во своите редови за новата сезона.

Нови ракометари на Вардар, како што соопшти попладнево клубот, се централните бекови, Јапонецот Харуки Кавада и Аргентинецот Николас Боно, кои ќе се појават на подготовките на екипата на крајот од месецов.

Кавада е 19 годишен младински репрезентативец на Јапонија со која настапи на последното Светско првенство во Полска,, додека на ланското Азиско првенство беше прогласен за најкорисен играч на турнирот.

Во новата сезона на позицијата среден бек ќе настапува и 27-годишниот Аргентинец Боно, кој доаѓа во редовите на Вардар од францускиот Истр.

Боно е репрезентативец на Аргентина со која настапи на Олимписките игри 2024, како и на Светското првенство порано оваа година.


Вардар во групите, Алкалоид мора да игра квалификации во Европската лига

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги објави екипите кои ќе играат во новата сезона во Лигата Европа. Македонија во второто по ранг натпреварување на ЕХФ ќе ја претставуваат Вардар и Алкалоид.

„Црвено-црните“ ќе играат директно во групите, заедно со уште 19 екипи, а Алкалоид како победник на Европскиот куп доби „вајлд карта“ за настап во Лига Европа и е рангиран во вториот „шешир“ од квалификациите, каде се вкупно 24 екипи.

Извлекувањето на групите ќе биде на 18 јули, а натпреварите во групите почнуваат на 14 октомври. Двојките од квалификациите ќе бидат познати на 15 јули, а натпреварите ќе се играат на 30.август и на 7 септември.


Нејц Цехте трета сезона по ред ќе игра за Еурофарм Пелистер!

Со потврдување на ростерот од минатата сезона и доведување на квалитетни новајлии, полека се комплетира Еурофарм Пелистер за сезоната 2025/26. Ни претставува задоволство што некои од нашите професионалци се пронаоѓаат и подолго во нашата шампионска средина. Десниот бек на словенечката репрезентација, Нејц Цехте, го продолжи договорот со битолскиот клуб на уште една сезона. Така Цехте наскоро ќе ја започне третата сезона во Македонија, откако во 2023 година дојде од Скандинавија.

Нејц Цехте е стандарден репрезентативец на Словенија со околу стотина настапи во дресот со државниот грб. Својата професионална кариера ја градеше во Горење (Словенија), Хановер (Германија) и ГОГ Гудме (Данска). Со Еурофарм Пелистер освои две шампионски титули, а во претходните две европски сезони постигна педесет погодоци (16 гола во сезоната 2024/25 и 34 гола во сезоната 2023/24).

Цехте ќе се јави на прозивката за новата сезона на крајот од месец јули.