останато

Кевин Магнусен назначен за тест возач во Хас

Извршниот директор на Хас, Ајао Комацу, изјави дека поранешниот возач на тимот, Кевин Магнусен ќе остане да работи како тест возач.

„Во Хас тој ќе биде вклучен главно во тестирањето на претходните болиди во тимот од Банбери, што ќе му овозможи да вози болиди стари две години како репер за Окон и Бирман“, изјави Коматсу.

Дваесет и осумгодишниот Данец се натпреварува во Формула 1 од 2014 година и има постигнато 158 поени.

Единствен подиум му е на трка за Големата награда на Австралија, завршувајќи втор.


Дукати го претстави новиот болид

Тимот на Дукати, во Мадона ди Кампиљо, го претстави новиот нотоцикл за сезоната 2025. За Дукати ќе возат Марк Маркез и Франческо Бањаја.

Во споредба со минатата сезона, овогодинешниот Дезмоседичи претставува еволуција на претходните модели, а во однос на изгледот нема речиси никакви измеми, преовладува црвената боја со примеси на црна.

Дукати остана без титула минатата сезона, барем што се однесува до фабричкиот тим, бидејќи Хорхе Мартин го победи Франческо Багнаја и стана првиот шампион во Мото ГП што ја освоил круната како возач на приватна екипа – Прамак. Шпанецот ја префрли својата единица во Априлија, на која и се приклучи по освојувањето на титулата, а на негово место дојде Маркез.

И покрај тоа што не ја одбрани титулата, Бањаја имаше одлична сезона во која забележа 11 победи на 20 трки. Сепак, грешките што ги направи, особено во спринтот, придонесоа Мартин да победи.

Осумкратниот светски првак, Марк Маркез ги бранеше боите на Гресини Дукати и го освои третото место на шампионатот. За Шпанецот, тоа беше првпат да заврши во Топ 3 од 2019 година, кога ја освои својата последна титула.

Пред Дукати, Трехаус, Априлија и Гресини ги покажаа своите адути за за новата сезона.

Овогодинешниот шампионат започнува со Големата награда на Тајланд.


Фјури објави крај на кариерата

Легендарниот боксерски шампион Тајсон Фјури, познат по прекарот „Кралот на Циганите“, објави дека се повлекува од професионалниот бокс.

Фјури ја сподели оваа одлука со своите следбеници на Инстаграм, неколку недели по поразот од Олександр Усик, во борба која предизвика големи контроверзии.

Фјури не беше задоволен од исходот на мечот против Украинецот и тврдеше дека судиите го уништиле. Сега реши да е време да стави точка на својата богата кариера.

„Би сакал да го објавам моето повлекување од боксот. Бев благословен и ја сакав секоја минута од него. Време е да заврши ова. Дик Турпин носеше маска. Бог да ве благослови, да се видиме од другата страна”, рече Фјури.

Дик Турпин, познат како друмски разбојникот, беше симбол на измама и кражба, што многумина го толкуваат како директна критика на Фјури кон судиите од последната борба.

Фјури остави неизбришлива трага и стана еден од најомилените, но сепак најконтроверзни борци во историјата на тешката категорија.

Од неговите 37 професионални борби, тој победи на 34, од кои 24 со нокаут. Тој има и два порази на своето име, како и незаборавно реми со Дионтеј Вајлдер.

Фјури стана шампион во тешка категорија во 2015 година, откако го победи Владимир Кличко, ставајќи крај на долгогодишната доминацјија на славниот Украинец.

Успешно ги држеше појасите до првата борба со Олександр Усик, кој го победи, а потоа во реваншот ги одбрани титулите.


Перез шест месеци ќе паузира од Формула 1 спортот

Серхио Перез кој го загуби местото во тимот на Ред Бул изјави дека ќе паузира подолго и дури потоа ќе одлучи дали ќе се обиде да се врати во Формула 1 во 2026 година.

Мексиканецот се раздели со „биковите“ по четири години минати во Милтон Кејнс по кошмарната сезона за него во 2024 година, која започна добро за Перез, кој се качи на подиумот во четири од неговите први пет стартови, но во преостанатите 19 не само што не се качи на подиумот, но имаше и само една топ-5 завршница.

Во позадина на овој настап на Перез, сосема се очекуваше тој да биде ослободен од Ред Бул и покрај двегодишниот договор што го потпиша на почетокот на летото. Токму тоа се случи, а во 2025 година колега на Макс Верстапен ќе биде Лиам Лосон. Сега, во своето прво појавување во јавноста по разделбата со Ред Бул, Перез ги сподели своите планови за иднината.


Вондрушкова се повлече од Австралија опен

Чешката тенисерка Маркета Вондроушова нема да игра на Австралија Опен.

Дваесет и петгодишната Чехинка се повлече пред мечот од првото коло против Јана Фет поради повреда што ја заработи на турнирот во Аделаида.

Претходно, Вондроушова го оперираше рамото на крајот на август и пропушти шест месеци.

Тенисерката го освои Вимблдон во 2023 година.


Одермат во велеслалом не греши, победи и во Аделбоден

Швајцарскиот скијач Марко Одермат победи на денешниот велеслалом што се одржа во Аделбоден, Швајцарија и ја зголеми својата предност во оваа дисциплина, но и во вкупниот пласман во Светскиот Куп.

Одермат победи со време од 2:27.55 минути и така ја забележа четвртата последователна победа на оваа патека. Швајцарец по првото возење беше трет, но во второто успеа да ја надополни разликата од 0.34 секунди и стигна до 42-та победа во Светскиот куп, односно 26-та во велеслалом.

Второто место му припадна на неговиот сонародник Лоик Мејар со заостанување од 0.20 секунди. Италијанецот Лука де Алипрандини го освои третото место со 0.69 секунди заостанување зад Одермат.

Во генералниот пласман во велеслалом, Одермат е прв со 300 бода, пред Кристоферсен со 199 бода. Одермат е прв во вкупниот пласман за Светскиот Куп со 730 бода, пред второпласираниот Кристоферсен кој има 574, додека Мејар со 474 бода е трет.


Катинка Хосу ја заврши богатата пливачка кариера

Трикратната олимписка шампионка, пливачката Катинка Хосу од Унгарија, објави дека се повлекува од професионалното пливање.

„Објавувам крај на кариерата. Благодарност до сите што учествуваа во мојата кариера. Триесет години базенот ми беше дом, прибежиште каде наоѓав утеха и сила. Како што напредуваше мојата пливачка кариера, од љубопитно дете станав една од најуспешните пливачки во историјата. Гледајќи наназад, чувствувам огромно задоволство. Медалите и рекордите се бесценети, но најважно е мојата неуморна љубов кон пливањето“, напиша Хосу на социјалните мрежи.

Пливачката исто така додаде дека во наредните години сака да ја сподели оваа страст со другите – да ги научи младите пливачи на магијата што ја пронашла во водата. За неа, пливањето е повеќе од спорт, тоа е доживотно патување исполнето со љубов, раст и стремеж кон извонредност.

Хосу е 26-кратна светска шампионка и 35-кратна европска првенка.


Колапинто нов возач на Алпин

Резервниот возач на Вилијамс, Франко Колапинто, ќе му се приклучи на тимот на Алпин. Во исто време, Аргентинецот нема веднаш да стане главен возач на тимот, со оглед на тоа што Џек Дуан ќе ја започне сезоната 2025 заедно со Пјер Гасли. Договорот меѓу Франко и Алпин треба да биде објавен во наредните денови.

Извршниот директор на Алпин, Флавио Бријаторе не ја отфрлил промената во составот во текот на сезоната 2025 година. Присуството на Колапинто треба да го зголеми притисокот врз Дуан.

„Ако тој настапи на или подобро ниво отколку што бара Алпин, нема да има потреба и веројатно нема начин тимот да го замени со Колапинто“, велат извори од тимот.


Алонсо: Навикнат сум да не бидам во најдобриот болид

Двократниот светски шампион во Ф1, Фернандо Алонсо, најде интересна перспектива за борбите на тимот во сезоната 2024 година, поради која Астон Мартин заостанува зад лидерите и се најде на средината на гридот – големо назадување во перформансите на тимот во однос на 2023 година.

-Не ми е тешко да најдам мотивација. Постојано се натпреварувам. И веќе се навикнав да го немам најдобриот болид. За 25 години во спортот ова ми се случи само еднаш – кога возев за Тојота во Светскиот шампионат во издржливост, така што дефинитивно не ми недостасува мотивација, објасни Алонсо.

Шпанецот додаде дека новиот изглед на календарот во Формула 1 со 24 тркачки викенди практично не дозволува ниту еден пилот да се опушти и ако тоа се случи, тогаш тој најверојатно има некои проблеми.


Легендарниот Леб се откажа од релито Дакар

Легендата на рели-спортот, Французинот Себастиен Леб ги заврши своите настапи на релито Дакар 2025 година. Французинот се преврте во третата етапа и загуби повеќе од еден час од своите ривали.

По финишот се покажа дека е оштетен заштитниот кафез на автомобилот Дачија. Во согласност со правилата на ФИА, екипажот не може да ја продолжи трката.

Леб е деветкратен светски шампион во рели кој се уште не го освоил Дакар. Себастијан ја заврши трката на второто место трипати и двапати беше трет.