останато

Фјури не помислува на пензија, веќе се подготвува за нова борба

Тајсон Фјури доживеа пораз од Олександр Усик во реваншот во борбата за најдобар боксер во тешка категорија.

Украинецот победи со едногласна одлука и потврди дека моментално е подобар боксер од Фјури. По мечот започнаа шепекулациите дека ова може да биде негово збогување со боксот.

Сепак, Британецот веднаш излезе со демант.

„Не е готово“, накратко изјави тој за британските медиуми.

Веќе се шпекулира дека негов следен меч би можел да биде против Ентони Џошуа за статусот најдобар тешкаш во Велика Британија.

„Тоа ќе биде најдобрата борба во историјата на британскиот бокс. Еден меч на Вембли, еден во Ријад. Тоа е планот“, изјави Еди Херн, менаџерот на Џошуа.


Прогласени најдобрите триатлонци за 2024 година

Македонската триатлон федерација ги прогласи најдобрите триатлонци за 2024 година.

Признанија се доделуваат врз основа на официјалната ранг-листа и бодовите собрани во триатлон лигата, која опфаќа три натпревари одржани во Скопје, Дојран и Струга.

Победници по категиории:

Сениори:

Најдобар триатлонец: Иван Трпчевски

Најдобра триатлонка: Блерта Хани

Јуниори:

Најдобар триатлонец: Здравко Здравев и Матео Мачоски (еднаков број на бодови)

Кадети:

Најдобар триатлонец: Јосиф Малински

Најдобра триатлонка: Бистра Груевска

Категорија Деца 2:

Најдобар триатлонец: Андреј Лозаноски

Најдобра триатлонка: Илина Станојевска

Категорија Деца 1:

Најдобар триатлонец: Наум Ѓорѓијевски

Најдобра триатлонка: Мирјана Тодоровска

Најдобар триатлон клуб за 2024 година:

Триоги Рејсинг.


Усик со одлука на судиите пак го победи Фјури

Украинецот Олександер Усик го победи Британецот Тајсон Фјури (36) со едногласна одлука во реваншот неколку месеци по нивната прва борба. Усик на тој начин ги одбрани светските титули во тешка категорија во ВБА, ВБО и ИБО. Боксерскиот спектакл се одржа во престолнината на Саудиска Арабија, Ријад.

Во нивното прво соочување, пред седум месеци, Усик ја освои и титулата во верзијата ИБФ, но во меѓувреме ја загуби поради посебни правила на организацијата.

Усик останува непоразен во 23 професионални борби, додека Фјури остана на 34 победи. Единствените два порази му ги нанесе Усик.

Вљувениците во боксот видоа 12 незивесни рунди и одличен бокс од двете страни.

По претпазливиот старт, Фјури го потресе Усик во втората рунда и од тој момент, Фјури изгледаше како да доминира во воведните рунди. Во шестата рунда, Усик, карактеристично за него го засили темпото и успеа да добие неколку рунди по ред, честопати принудувајќи го Фјури да се повлече кон јажињата.

Фјури бараше силни удари, додека Усик најмногу се закануваше со комбинации и брзи удари по главата и телото. Украинецот вешто го избегнуваше Фјури и во ниту еден момент не му овозможи блиска борба.

Во последните четири рунди уште еднаш видовме многу тесна борба и кога ѕвоното означи крај на мечот, веројатно никој освен судиите не знаеше кој ќе биде победник.

Набрзо беше објавено дека судиите едногласно одлучија дека победникот е Усик.


Одермат победи на спустот во Вал Гардена

Марко Одермат од Швајцарија победи на машкиот спуст од Светскиот куп во алпско скијање во Вал Гардена.

Одермат, кој триумфираше на последните три изданија на Светскиот куп, а го освои трето место ден претходно во супервелеслалом на истата патека, победи со време 2:03.10, пред сонародникот Фрањо Фон Алмен (2:03.55) и Американецот Рајан Кокран Сигле (2:03.56).

За Одермат ова беше 40. победа во Светскиот куп со што 27-годишниот Швајцарец се израмни со неговиот познат сонародник Пирмин Цурбриген.

Одермат води во поредокот во спуст со 180 бодови и е лидер во генералниот пласман со 440 бодови.


Хутер победи на супервелеслаломот во Сент Мориц

Австриската скијачка Корнелија Хутер победи на денешната трка во супервелеслалом која во рамки на Светскиот куп се одржа во Сент Мориц, додека Американката Линдзи Вон, која се врати на скијачките патеки, се најде меѓу најдобрите 20.

Хутер (32) до својата осма победа во Светскиот куп дојде со време од 1:15.18, што беше за 18 стотинки побрзо од возењето на Швајцарката Ларе Гут-Бехрами (1:15.36) и 33 стотинки (1:15.51) од Италијанката Софија Гоџа.

На патеката во Сент Мориц се појави и Вон, која по пет години отсуство се врати во натпреварувањето, и ја заврши трката на 14. место со една секунда и 18 стотинки заостанување зад победничката.

Гоџа и Гут-Бехрами водат во поредокот во супервелесламом со по 160 бодови, додека Хутер е трета со 150 бодови. Во генералниот пласман води Австријката Камил Раст со 287 бодови.


КТМ размислува за повлекување од Мото ГП шампионатот

Иднината на КТМ во Мото ГП шампионатот е неизвесна поради финансиската криза низ која поминува компанијата.

Информациите од состанокот на доверителите одржан во петокот во врска со стечајната постапка на КТМ, наведуваат дека проектот Мото ГП на брендот е во план да биде прекинат со цел да се намалат трошоците. На австриската франшиза засега и е дозволено да продолжи да работи во сегашната форма, а инвеститорите изразија желба да помогнат да се стабилизира компанијата со инвестиција од 700 милиони евра.

Со тоа би се покрила нешто повеќе од една третина од долгот, кој изнесува околу 1,8 милијарди евра, што секако е добар почеток за финансиско закрепнување.

Прогнозите за отпуштања се ублажени, 300 наместо 500 луѓе ќе останат без работа, а платите за ноември и декември треба да бидат исплатени до јануари 2025 година.

KTM рејсинг не ја коментираше кризата, а познато е дека тимот ќе учествува во следната сезона на престижното натпреварување. Сепак, поради големите финансиски проблеми од Мото 2 и Мото 3 исчезнаа тимовите ГасГас и Хускварна.

Организацијата за заштита на доверители соопшти дека во рамки на реорганизацијата се очекува и повлекување на компанијата од Мото ГП, па останува дилемата дали КТМ ќе биде присутен во шампионатот по 2025 година.


Усик фаворит според обложувалниците во борбата со Фјури

Најдобрите светски боксери во тешка категорија, Олександр Усик и Тајсон Фјури ќе се борат околу 22 часот во Ријад во реваншот за три од четирите главни светски шампионски појаси. Украинецот во првиот меч со одлука на судиите го совлада Британецот и стана апсолутен светски шампион. Во меѓувреме ја загуби титулата на ИБФ поради посебни правила на организацијата, па победникот од оваа борба нема да го освои тој појас.

Усик во борбата влегува со тежина од 102,5 килограми, додека Фјури тежи 25 килограми. Фјури најави вакво нешто затоа што истакна дека тактиката му била погрешна на првиот меч кој Усик го доби. Сега најави дека ќе го „бомбардира“ Украинецот со тешки удари од стартот во мечот за титулите во тешка категорија на ВБА, ВБО и ИБО.

Британецот само еднаш загуби во својата професионална кариера, која започна во 2008 година, и тоа од Украинецот во нивниот меч на 17-ти февруари оваа година. Вклучувајќи го и ремито против Деонтеј Вајлдер од борбата одржана во 2018 година, тој има 34 победи. Усик ги доби сите свои борби досега. Направи 22 од нив.

Коефициентот за негова победа е 1,65, а за победа на Фјури 2,10.


Димитар Ѓорѓиев кандидат за претседател на македонската кик-бокс федерација

Најуспешниот македонски кик бокс спортист на сите времиња, в недела на Изборното Собрание на кик-бокс федерацијата ќе ја побара довербата од клубовите во изборот за прв човек на ова федерација.

Димитар Ѓорѓиев има докажано искуство како лидер, длабока посветеност на спортот и визија за неговиот раст. Неговата програма има за цел да го подобри развојот на кик-боксот, да промовира инклузивност и да ги зајакне партнерствата.

Како доживотен поборник за кик-бокс, Димитар Ѓорѓиев е посветен на градење енергична и светла иднина за федерацијата и нејзините членови.

Во својата кариера има освоено повеќе од 30 меѓународни купови и балкански првенства. Предводник на најуспешниот македонски клуб “Адора”.

Собранието за избор на претседател на кик бокс федерацијата е закажано в недела во С.Ц. “Јане Сандански”.


Исак Хаџар нов возач на Виза Кеш Ап Рејсинг Бул

Сестринскиот тим на Ред Бул, кој во новата сезона ќе се натпреварува под името Виза Кеш Ап Рејсинг Бул, во петокот објави дека Лијам Лосон ќе биде заменет со Исак Хаџар.

Хаџир тргна по стапките на Макс Ферстапен, Себастијан Фетел и Даниел Рикиардо. Тој е 19. возач кој се приклучил на Формула 1 преку јуниорската програма на Ред Бул.

„Многу сум возбуден што ќе преземам нова улога во тимот. Ова е голема работа за мене, но и за моето семејство и сите луѓе околу мене кои веруваа од самиот почеток. Патувањето од картинг до Формула 1, неверојатно. Ова е нешто за што работев од првиот ден и се чувствувам како да зачекорив во сосема нов универзум“, изјави новиот возач на тимот.

Тимски колега на Хаџир ќе му биде Јапонецот Јуки Цунода.

Лиам Лосон, претходникот на Хаџир кариерата ја продолжува во Ред Бул. Во тимот го замени Серхио Перез.


Усик и Фјури спремни за бокс-спектакл, Британецот благ фаворит

Најдобрите светски боксери во тешка категорија Олександр Усик и Тајсон Фјури ќе се борат во сабота навечер околу 22 часот во за три од четирите главни светски шампионски појаси.

Украинецот во првиот меч со одлука на судиите го совлада Британецот и стана апсолутен светски шампион. Усик во меѓувреме ја загуби титулата на ИБФ поради посебни правила на организацијата, па победникот од оваа борба нема да го освои тој појас.

Боксерите одржаа бројни интервјуа пред мечот, а два дена пред влегувањето во рингот беше одржано соочувањето. Двобојот очи в очи траеше дури 11 минути што е нов боксерски рекорд.

Соочувањето помина мирно и без поголеми инциденти, како што можете да видите на видеото.

Британските медиуми објавија дека боксерите ќе поделат 191 милион долари, што е повеќе отколку во првата борба, во која поделија 150 милиони долари. Договорот тогаш беше Фјури да добие нешто повеќе од 100 милиони, додека Усик да го добие остатокот иако победи.

Овој пат Усик наводно ќе добие поголема сума, иако не се знае колку. Британскиот боксер има само еден пораз во кариерата и тоа од Украинецот во нивниот меч на 17 февруари годинава. Усик е непоразен.