останато

Легендарната Ема Мекион објави заминување во пливачка пензија

30-годишната австралиска пливачка Ема Мекион, хероина на Олимписките игри во Токио во 2021 година, објави дека заминува во пензија. Одлуката Мекион ја објави на својот профил на „Инстаграм“.

Австралијката на Олимписките игри во Рио де Жанеиро, Токио и Париз освои вкупно шест златни, три сребрени и пет бронзени медали.

Таа во Рио освои златен медал во штафетата 4 х 100 слободно. Четири години подоцна, Токио, Мекион стана втората жена која освоила седум медали (четири златни и три бронзени) на еден Игри. 70 години претходно тоа и успеа на советската гимнастичарка Марија Горошовска (две златни, пет сребрени) во Хелсинки во 1952 година.

Во Париз, таа беше на највисокото скалило на подиумот со штафетата 4 x 100 метри мешано.

„Пред Париз знаев дека ова ќе ми бидат последни Олимписки игри, а месеците што следеа ми дадоа време да размислувам за мојот пат и што сакам да правам во иднина“, изјави Мекион.

На Светското првенство во големи базени таа освои пет златни, 11 сребрени и четири бронзени медали.


Одржан настанот „Поттикнување на женското претприемништво во спортот“

За првпат досега кај нас се организираше настанот „Поттикнување на женското претприемништво во спортот“, кој имаше за цел да го стимулира претприемачкиот дух кај жените кои се вклучени и дејствуваат во спортската индустрија. Настанот вклучуваше говорници од различни сектори, кои ги споделија искуствата околу успешно партнерство помеѓу спортскиот и приватниот сектор, стратегии како да се надминат бариерите во започнување и оддржување на успешно претприемништво и какви можности и перспективни постојат во спортскиот сектор и бизнис.

Во рамки на настанот, првата сесија беше инспиративна во која говорничките Нина Ангеловска, Елена Бубало Михајловска ги споделија своите претприемачки приказни, додека втората сесија беше посветена на клучни чекори за остварување на соработка и спонзорски договори помеѓу приватниот или корпоративниот свет и женскиот спорт, во која говорниците Виктор Мирчевски од Конект, Форсина Бошкова од А1 и Софија Гошева Чоланческа од Академијата за жени претприемачи истакнаа клучни чекори и препораки за успешен развој во овој домен.

„Верувам дека овој настан е важен поттик и чекор напред кој отвора нови можности и перспективи за жените и женското претприемништво. Сакаме да видиме што поголем број на жени кои ќе го остварат својот претприемачки дух во спортскиот бизнис и иновации зашто омоќувањето на жените е тесно поврзано со нивната економска стабилност и финансиска независност“, изјави Силвија Митевска директорка на Спорт Соушал Солушнс, организатори на настанот.

Третата сесија беше посветена на дискусија околу лидерските способности на жени претприемачки, овозможувачката средина и како спонзорството влијае на професионализација на женскиот спорт, во која говореа Ирена Јакимова, основачка на Инспирит Коучинг Валентина Дисовска од Здружение на бизнис жени и Александра Терзиевски од ЖФК Тиверија Брера.

Настанот се организира во рамки на проектот „Фер Игра – Поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, координиран од Македонскиот Олимписки Комитет, во партнерство со Македонскиот Центар за меѓународна соработка, Параолимпискиот Комитет и Спорт Соушал Солушнс. Проектот е финансиран од Европската унија.


Шпански експерт одржа семинар за футсал судии во Скопје

Фудбалската федерација на Македонија деновиве oрганизираше уште еден успешен семинар за футсал судии, кој го одржа футсал експертот на УЕФА, Педро Галан. Настанот, имаше за цел да ги подобри знаењата и вештините на футсал судиите низ целата земја.

Со преку 25 учесници од различни региони, семинарот се фокусираше на клучните аспекти на судењето во мал фудбал, вклучувајќи ги најновите толкувања на Правилата на фудбалска игра, техниките за управување со играта, физичката подготвеност и одлучувањето под притисок. Педро Галан, познат по својата експертиза и придонеси за футсал судиите на меѓународно ниво, одржа проникливи предавања и практични работилници, оставајќи трајно влијание врз сите присутни. Овој семинар ја одразува посветеноста на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за развивање на судиските стандарди во Македонија, осигурувајќи дека нашите судии на натпреварот се опремени со знаење и алатки за настап на највисоко ниво. Вклучувањето на експерт на УЕФА ја покажува посветеноста на ФФМ за усогласување на националните судиски практики со европските стандарди.

Учесниците ја пофалија организацијата, содржината на семинарот и непроценливата можност за учење од еден од врвните експерти на УЕФА. Како продолжение на овој настан, ФФМ планира да организира понатамошни едукативни активности за поддршка на континуиран развој во футсал судиите.

Фудбалската федерација на Македонија упатува голема благодарност до Педро Галан, УЕФА и сите учесници што го направија овој семинар голем успех. Заедно, футсалот во Македонија го носиме на нови височини.


Нувил на Хјундаи е нов светски првак во рели

Тјери Нувил е нов шампион во Светскиот рели шампионат (WRC), со што конечно стави крај на многуте разочарувања и пропуштени шанси кои го следеа низ кариерата.

Нувил ја донесе и првата шампионска титула за Хјундаи, како и за својата земја Белгија, но последниот натпреварувачки викенд донесе и конструкторска титула за најголемиот ривал Тојота.

По проблемите со турбо-полначот во петокот, Нувил успеа да се врати во голем стил во вчерашниот натпреварувачки ден, а утринава профитираше и од излетувањето на клупскиот колега От Танак, кое му помогна да ги обезбеди поените потребни за да ја потврди титулата, односно првото место во генералниот пласман.

Мало разочарување за Нувил е што Хјундаи ја загуби битката со Тојота, а откако излетувањето на Танак го искористија Ожие, Еванс и Кацута, триото на јапонскиот тим кое обезбеди разлика од три поени, што беше минимална предност, но доволна за прво место меѓу конструкторите.

Победник на последниот натпревар во Јапонија е Елфин Еванс, кој стана шестиот различен победник на рели во веќе завршената сезона и со овој успех повторно обезбеди второ место во генералниот пласман.

Искусниот Себастијан Ожие го освои второто место во Јапонија, со што заврши на четвртото место во генералниот пласман, додека победничкиот пиедестал во Јапонија е комплетиран со Адријан Формо од тимот на Форд.


Шифрин на една победа до сто први места во Светскиот Куп

Легендарната американска скијачка Микаела Шифрин во австрискиот скијачки центар Гургл ја постигна 99. победа во Светскиот куп.

Второто место го освои 18-годишната Албанка Лара Колтури (+0,55), а третото Швајцарката Камил Раст (+0,57).

Микаела Шифрин водеше и по првото возење, а импресионираше 18-годишната натпреварувачка од Албанија, Лара Колтури (+0,55), која со второто место го освои првиот подиум во Светскиот куп. По првото возење таа беше четврта.

По полошите финални возења на Швајцарката Венди Холденер, која заостана само 13 стотинки зад Американката и Австријката Катрин Лиенсбергер, третото место го освои Камил Раст (+0,57).


Верстапен пак е светски шампион во Формула 1

Макс Верстапен е старо-новиот светски шампион во Формула 1!

Возачот на Ред Бул го освои 5то место на трката за Големата награда на Лас Вегас, што му беше доволно да ја „завери“ новата титула. Кога станува збор за самата трка, маестрални беа возачите на Мерцедес, Џорџ Расел и Луис Хамилтон, кои остварија двоен триумф.

Вива Лас Вегас. Со овие зборови тимот на Ред Бул го прослави и му честиташе на популарниот Летечки Холанѓанец четвртата шампионска титула во Формула 1.

Макс Верстапен го направи она што се очекуваше од него во Лас Вегас и на крајот заслужено освои нова шампионска титула.


Браќата Рустемовски освоија балканско злато во Лозница

Македонија со две злата, едно сребро и пет бронзи се враќа од Балканското Првенство во бокс Aлен и Ружди Рустемовски освоија златни медали на Балканското Првенство во бокс кое изминатите денови се одржа во Лозница, Република Србија.

На финалниот натпреварувачки ден Ален Рустемовски во финалето го совлада Украинецот Денис Роздолски, додека Ружди Рустемовски беше подобар од домашниот боксер Стефан Чамовиќ.

Да потсетиме, вчера Ардијан Рустемовски го освои сребрен медал откако во финалето загуби од Украинецот Зименко. Претходно со бронзени медали се закитија Ебуталип Агушев, Лука Трифуновиќ, Тарик Весели, Димитар Ѓорески и Енис Алиу.

Националаниот тим на Македонија на Балканското Првенство го предводеа тренерите Владимир Цекиќ и Тархан Демиров додека во официјалната делегација на првенството беше судијата Стефан Цубалевски кој одлично се претстави на шампионатот.


Конор МекГрегор осуден за силување, мора да плати 150.000 фунти

Поранешниот шампион на УФЦ, Конор Мекгрегор, беше прогласен за одговорен за сексуален напад на жена во хотел во Даблин во 2018 година и ќе мора да плати отштета од 150.000 фунти.

Случајот, кој беше процесуиран пред граѓанскиот суд, се однесува на тврдењата на Никита Хенд дека Мекгрегор сексуално ја нападнал во пентхаусот на хотелот „Бикон“ во јужен Даблин во декември 2018 година. Мекгрегор за време на судењето тврдеше дека врската била консензуална.

Во тужбата се вклучи и Џејмс Лоренс, кој беше ослободен во оваа постапка.

Судењето траеше осум дена, при што беа изведувани докази, додека завршните зборови траеја три дена. Поротата, составена од осум жени, донесе пресуда во која Мекгрегор беше прогласен за одговорен.

На изрекувањето на пресудата во петокот, тој се појави во судницата придружуван од неговото семејство – партнерот Ди Девлин, родителите, сестрата и деверот.


Светската атлетика добива ново натпреварување – Ултимејт шампионат

Ново атлетско екипно натпреварување наречено Ултимејт шампионат (Ultimate Championship) претстави денеска Меѓународната атлетска федерација кое премиерата ќе ја има во септември 2026 година и ќе значи промена за самата атлетика, изјави првиот човек на светската атлетика Себастијан Коу.

„Новиот Ултимејт шампионат 2026 година ќе биде врв на извонредност во година без светски првенства или Олимписки игри и ќе биде отскочна штица за иновации во спортот, рече Коу на прес-конференција во Будимпешта.

Првото издание на ова ново натпреварување ќе се одржи од 11 до 13 септември 2026 година во главниот град на Унгарија. Потоа ќе се организира на секои две години.

Наградниот фонд ќе изнесува рекордни 10 милиони долари, а секој победник ќе биде награден со 150.000 долари.

Речиси 400 атлетичари ќе се натпреваруваат во различни атлетски настани, вклучувајќи ги и 100 метри, 800 метри, скок со стап, скок во височина и новата штафета 4×100 метри мешано. Дисциплините во кои спортистите ќе се натпреваруваат на Ултимејт шампионатот се: 100 м, 200 м, 400 м, 800 м, 1500 м, 5000 м, 100 м/110 м со пречки, 400 м со пречки, скок со стап, скок во височина, трискок (жени), кладиво (мажи), фрлање копје и мешана штафета 4×100м и 4×400м.

„Сакаме на нашите фанови да им понудиме атлетика каква што досега не виделе со најдоброто во светот на атлетиката“, рече Коу.


Теодор Стојановски донесе европско сребро во теквандо

Министерот за спорт Борко Ристовски му го честиташе успешниот настап на младиот теквондист Теодор Стојановски, кој освои сребрен медал на Европското кадетско првенство што се одржа во Тирана.

Членот на ТК Бутел стана европски вицешампион со три блескави победи против репрезентативци од Кипар, Украина и Велика Британија

„Теодор го покажа својот беспрекорен талент, дух и упорност. Финалниот дуел против репрезентативецот на Франција беше навистина предизвик, но среброто е доказ дека Македонија има нова олимписка надеж“; истакна Ристовски на приемот кој го организираше по повод успешниот настап на Стојановски.

Министерот Ристовски го оцени освоениот сребрен медал како голем успех за македонското теквондо, кое, како што истакна, „продолжува да биде еден од нашите најтрофејните спортови“.

„Заедно со Теодор, неговиот клуб и тренерите продолжуваме да ја градиме иднината на македонскиот спорт, Верувам дека ова е само почеток на многу поголеми успеси“, порача министерот за спорт Ристовски.