останато

Пол жестоко се противи на шпекулациите за наместен меч против Тајсон

Популарниот Јутјубер Џејк Пол ја порази боксерската легенда Мајк Тајсон на спектакуларен настан во Тексас, но веднаш по борбата, се појавија шпекулации дека исходот бил договорен.

Во изјава за медиумите, Пол категорично ги отфрли обвинувањата за местенка и ги нападна критичарите.

„Што сакаат луѓето? Само сакаат да изгубам. Да беше борбата здодевна, ќе се жалат на тоа. Ова е спорт во кој сè може да се случи кога ќе влезете во ринг. Луѓето велат дека борбата е наместена затоа што Тајсон не покажал сè. Тоа е затоа што го погодив силно, вие глупави идиоти. Никој не ја разбира мојата сила, брзина, движење и способност да избегнувам удари.“

Пол продолжи да ги брани своите вештини и ја отфрли идејата дека борбата била сценарирана, инсистирајќи дека неговиот триумф е заслужен.

Оваа борба привлече огромно внимание, но обвинувањата за неспортски договори продолжуваат да предизвикуваат полемики.


Борец е прв шампион на Македонија во одбојка за ветерани

Велешки Борец е победникот во пилот-проектот на Одбојкарската Федерација на Македонија, „Државна одбојкарска лига на ветерани“, чии завршен турнир викендов се одржа во спортската сала „Гемиџии“ во Велес.

На Ф4 турнирот во премиерното издание Борец до пехарот дојде откако во финалето со 2-0 го победи тимот на Спортисти Струмица. Претходно во првото полуфинале, организаторот беше поуспешен и од Прилеп во два сета. Струмичани, пак, на патот до финалето го минаа Тетово исто така во два сета. Особено интересен беше дуелот за третото место, меѓу Прилеп и Тетово, кој беше вистинска увертира на битката за титулата. Победникот за бронзата се одлучуваше во тај-брејк кој му припадна на тетовскиот состав. На најдобрите три екипи пехари и медали им доделија потпретседателот на ОФМ, Ивица Хаџииљоски и генералниот секретар на федерацијата, Филип Деспотовски.

Во првата сезона на Државната одбојкарска лига на ветерани 2024 учествуваа седум екипи, кои се натпреваруваа во турнирски систем и беа одржани седум турнири, на кои се одиграа 46 натпревари. Екипите се составени од поранешни одбојкари и спортски работници, како и одбојкарски судии и делегати, дел од нив се сè уште активни. Со својата работа, но и со настапот во Лигата на ветерани, дополнително го потврдуваат својот голем придонес во македонската одбојка.

Финален турнир
Полуфинале:
Борец Велес – Прилеп 2-0 (25-16, 25-18)
Тетово – Спортист Струмица 0-2 (13-25, 26-28)

Меч за трето место:
Прилеп – Тетово 1-2 (25-23, 24-26, 7-15)

Финале:
Борец Велес – Спортист Струмица 2-0 (25-17, 25-17)


Релиќ освои бронза на Г1 турнирот во Загреб

Македонската олимпијка во таеквондо, Милијана Релиќ, викендов во Загреб освои бронзен медал.

На меѓународен натпревар од светските Г1 турнири во Загреб, Релиќ поради доброто рангирање во првото коло беше слободна. Потоа, во наредното второ коло ја победи Американката Хлое Чуа со 2:0 во рунди. Исто така, во борбата за медал, во нерешена борба и со одлука на судиите, Релиќ ја совлада и Србинката Надја Савковиќ со скор 2:1. Во досегашните натпревари, Савковиќ извојувала три победи над нашата олимпијка.

Во полуфиналето во Загреб, Релиќ изгуби од шпанката Арлет Ортиз Бените.

Ново освоените поени се дел од светската и олимписката ранг-листа како увертира за норма за Олимписките игри Лос Анџелес 2028 година.


Миочиќ немоќен, Џонс со нокаут до светската ММА титула

Американскиот ММА борец Џон Џонс ја одбрани титулата шампион во тешка категорија во УФЦ. Џонс во третата рунда со технички нокаут го победи поранешениот шампион на УФЦ, Стипе Миочиќ.

Џонс знаеше како да прослави. Во октагонот танцуваше како Доналд Трамп, а потоа откако го прогласија за победник и и се обрати на јавноста, дојде кај американскиот претседател и му го предаде појасот.

Стипе Миочиќ за овој меч се врати во октагонот по три и пол години пауза и беше јасно дека не е на нивото на кое беше за време на трилогијата и „војните“ кои ги водеше со Даниел Кормиер. Џонс отсуствуваше долго пред овој дуел, бидејќи последен пат беше во октагонот во март 2023 година, кога го принуди Сирил Ган да се предаде и го освои појасот.

Џонс, исклучително контроверзна фигура во светскиот спорт, често се смета за најголем ММА борец на сите времиња. Неговата надмоќ во кафезот, сепак, често беше во сенка на проблемите со законот, но и со допингот, кој го имаше надвор од арената.

Со триумфот над Миочиќ дополнително го зацврсти статусот на легенда на ММА, бидејќи пред да го освои и одбрани појасот во тешка категорија, долго време беше неприкосновен владетел во полутешка категорија на УФЦ (до 93 килограми).


Шифрин најбрза на слаломот во Леви

Микаела Шифрин доминантно ја стартуваше одбраната на малиот кристален глобус во слалом, откако денеска на убедлив начин триумфираше на трката во фински Леви.

Американката до нејзината 98 победа во Светскиот куп стигна со вкупно време од 1:47.20 минута, што беше за 79 стоти делови од секундата подобро од второпласираната Катерина Линсбергер од Австрија. Подиумот го надополни Лена Дир од Германија со заостанување од 83 стотинки зад времето на победничката.

За потсетување првата македонска алпска скијачка која запиша настап во Светскиот куп, не успеа да ја заврши првата трка на премиерниот слалом сезонава, откако погреши во третиот сектор.


Македонската федерација за дигање тегови оствари средба со Балканската вејтлифтинг федерација

Вчера во Скопје се реализираше конструктивна средба на претседателката на Македонската федерација за дигање тегови Ирена Митровска, генeралниот секретар Бобан Ѓороски и претседателот на Балканската федерација за дигање тегови кој е и актуелен претседател на Федерацијата за дигање тегови на Албанија Елез Гјоза и претседателот на Федерацијата за дигање тегови на Косово,Астрит Хасани.

Средбата се реализираше во просториите на Македонскиот олимписки комитет и на истата присуствуваше и претседателот на Македонскиот олимписки комитет г-дин Даниел Димески. Оваа средба е реализација на договорот кој беше направен во Драч, Албанија минатиот месец каде беше ре-обновена Балканската федерација за дигање тегови и за член на истата беше избрана Ирена Митровска. Како помош на македонскиот спорт и конкретно за промоција на дигањето тегови во нашата земја денес добивме донација од две платформи и еден сет за вејтлифтинг за Македонската федерација за дигање тегови и во блиска иднина договоривме стручна помош за едукација на спортисти, тренери и судии во нашата земја.

„Ова е огромен чекор за македонскота федерација за дигање тегови и се надеваме дека сме на пат за конечно популаризирање на овој спорт во Македонија”, изјави Ирена Митровска.


Пеко Бањаја победник на спринтот во Барселона

Пеко Бањаја победи во спринт трката во Барселона. Лидерот во вкупниот пласман, Хорхе Мартин го освои третото место. Разликата меѓу нов двајца во пресрет на последната трка во сезоната сега изнесува 19 поени.

Спринтот во Барселона не понуди некаков спектакл. Бањаја стартуваше од првата позиција и во ниту еден момент не го испушти водството. брилијантен старт имаше колегата на Бањаја, енеа Бастијанини, тој од седмото се проби на второто место, додека Мартин напредуваше една позиција на стартот.

До крајот борбата се водеше меѓу Бастијанини и Мартин за второто место. Шпанецот во четвртиот ктуг се проби зад Бањаја, меѓутоа Италијанецот му возврати во последниот круг, кога со одличен маневар во петтиот свиок се врати на второто место.

Во пресрет на утрешната трка, Мартин има 19 поени повеќе од Бањаја, што значи дека доколку Бањаја утре победи тој ќе мора да освои седум бода, односно да биде деветти.

Трката во Барселона, в недела ќе започне во 14:00 часот.


Тајсон: Ова не беше мојата последна борба

Поранешниот апсолутен светски шампион во бокс во тешка категорија, Мајк Тајсон, ги сподели своите емоции по поразот во борбата со блогерот Џејк Пол ноќва во Арлингтон.

Борбата имаше официјален статус и траеше осум рунди. Дваесет и седумгодишниот Пол победи со едногласна одлука (80-72, 79-73, 79-73).

– Не сум изненаден што се случи ова. Не се обидував никому ништо да докажам, само мило ми е што успеав да се борам. Пол е добар борец. Дали е ова крај на кариерата? Зависи од ситуацијата. Мислам дека ова не е мојата последна борба, изјави Тајсон по мечот.

Педесет и осумгодишниот боксер го претрпе седмиот пораз во 57 меч во професионалната кариера.


Јутјуберот Пол заработи двојно повеќе од Тајсон по борбата во Тексас

Мајк Тајсон по пауза од 19 години имаше професионален меч. „Челичниот Мајк“ загуби на поени, со едногласна одлука на судиите од јутјуберот Џејк Пол.

Шоуто се одржа на стадионот AT&T во Арлингтон, Тексас, пред 80.000 навивачи.

Во текот на целиот меч Пол беше подобар, имаше повеќе удари од Тајсон и јасно ја покажа разликата во годините меѓу двајцата боксери. Тајсон дури и добро се држеше во првите две рунди, но од третата рунда беше видливо дека е 30 години постар од противникот.

Иако конечната заработка од натпреварот ќе се знае дури откако Нетфликс ќе ја објав сумата (борбата се прикажуваше на таа платформа), и двајцата борци објавија колку пари треба да добијат.

Пол ќе добие околу 40 милиони долари или двојно повеќе од Тајсон кој би требало да заработи 20 милиони долари.

Според „Форбс“, Тајсон во кариерата заработил околу 430 милиони долари. Најдоходовната борба ја имаше против Ленокс Луис, кога заработи над 103 милиони долари, а според „Форбс“ уште четири пати во кариерата заработил повеќе од 20 милиони долари.

Пол во кариерата се борел 11 пати (сооднос 10-1), а се проценува дека досега има заработено околу 15 милиони долари.


Тајсон загуби на поени од јутјуберот Џејк Пол

Јутјуберот Џејк Пол го победи Мајк Тајсон (58) во професионална борба што се одржа во Далас.

Пол славеше со едногласна одлука на судиите на стадионот „Далас каубојс“ со 80:72, 79:73, 79:73.

Долгоочекуваниот спектакл пред околу 80.000 гледачи го пренесуваше „Нетфликс“, а борбата се одржа под покровителство на Атлетската комисија на Тексас.

Тајсон доста добро ја започна борбата, беше брз и агилен, но дека е човек во години се покажа на почетокот на втората рунда кога почна да го губи здивот.

Пол беше видно посвеж, поактивен во продолжението и по осум рунди од две минути славеше.

Ова беше прва професионална борба на Тајсон од јуни 2005 година, кога загуби од Кевин Мекбрајд.

Сега има биланс од 50 победи и седум порази, додека Пол има скор од 12 триумфи и еден пораз.