останато

Шифрин победи на слаломот во Леви, Атанасовска остана без пласман

Американката Микаела Шифрин е победничка на денешната трка во слалом возена во Леви, Финска.

Американката до триумфот стигна со вкупно време по двете трки 1:47.20 минута.

Втора заврши Катарина Линзбергер од Австрија, додека третото место и припадна на Лена Дир од Германија.

Трката во Леви е историска за македонското скијање. Осумнаесетгодишната Јана Атанасовска е првата Македонка со настап во Светскиот куп. За жал, таа не успеа да ја заврши првата трка и остана без пласман.


Легендарната Линдзи Вон се враќа на скијачките терени на 40 години

Трендот на враќање на скијачките ѕвезди продолжува. По Марсел Хиршер, на патеката се враќа и 40-годишната олимписка шампионка Линдзи Вон. Американката реши да ја прекине својата пензија шест години по пензионирањето и учеството на Олимпијадата во 2018 година.

Вон е трикратна освојувачка на олимписки медали, вклучувајќи злато во спуст и бронза во супер-Џи на Игрите во Ванкувер во 2010 година и бронза во спуст на Игрите во Пјонгчанг 2018 година. Таа го освоила Големиот кристален глобус четири пати и има освоено осум медали на светските првенства.

Нејзините 82 победи на трките од Светскиот куп беа женски рекорд додека тој вкупен износ не беше соборен во јануари 2023 година од сонародничката Микаела Шифрин, која сè уште е активна со 97 победи.


Јана Атанасовски прва Македонка која ќе скија во Светскиот Куп

Јана Атанасовска на само 18 години испишува историја како првата Македонка што ќе се натпреварува во алпско скијање на ФИС Светскиот скијачки куп во Леви, Финска. Јана ќе го претстави знамето на Македонија во дисциплината слалом, на утрешната трка (16.11, сабота) со почеток во 11:00 часот.

Овој настап претставува огромен успех и достигнување не само за Јана, туку и за македонскиот спорт, поставувајќи нови стандарди и инспирација за идните генерации.

„Јана Атанасовска, која со својата посветеност, истрајност и талент успеа да го достигне светскиот врв, тренираше интензивно и со голема посветеност изминатите години, а нејзиниот успех претставува одличен пример за сите млади спортисти. Во својата кариера, Јана се истакна со бројни успеси на регионални и меѓународни натпревари, а сега таа ќе се натпреварува рамо до рамо со најдобрите светски скијачки, меѓу кои и најдобрата скијачка на сите времиња Микаела Шифрин. Јана, заедно со нејзините тренери Александар Атанасовски, кој е и нејзин татко, и Игор Загерник, се наоѓа во Леви, Финска, подготвена за своето историско деби на ФИС Светскиот скијачки куп“, информираат од Скијачката федерација на Македонија.

ФИС Светскиот скијачки куп во Леви, Финска, е еден од најочекуваните настани во алпското скијање, посебно познат по натпреварите во дисциплината слалом.

Традиционално, трките се одржуваат во ноември, со учество на светската елита во машка и во женска категорија. Леви е првата слаломска трка во сезоната на ФИС Светски куп во алпско скијање и означува официјално отворање на натпреварите.


Македонските автомобилисти одлично на Европскиот Твинго Куп

Со возбудливи трки, драматични пресврти и неверојатни настапи, тркачката сезона 2024 во Европскиот Твинго Куп официјално е завршена. По неколку месеци интензивна конкуренција, висококвалитетни перформанси и напнатост на секој круг, сезоната 2024 ни донесе незаборавни моменти. Печати од неизвесни финиши, неверојатни брзински резултати, тимски стратегии кои ќе се паметат долго време и успешни настапи на најпознатите тркачки патеки во Европа, со нашиот единствен претставник, Бојан Петрушевски кој во оваа сезона влезе полн со страст и стремеж кон совршеност.

Европскиот Твинго Куп 2024 се покажа како една од највозбудливите и најконкурентните тркачки серии, која собра многу добри возaчи од цела Европа. Овој шампионат беше полн со адреналински моменти, каде секој круг претставуваше нов предизвик, а секоја грешка имаше висока цена.

Резултати и успех на европските патеки за Бојан Петрушевски:

13-15.04.2024 – Варано, Италија Првиот натпреварувачки викенд во Варано започна успешно за Бојан Петрушевски. Во конкуренција од 20 возачи, на патеката „Рикардо Палети“, Бојан го имаше најбрзиот круг во првата трка, каде што го освои 5-тото место, додека втората трка ја заврши на пиедесталот и го зема 3-то место. Започна силно, демонстрирајќи својата брзина и стратегија.

26-28.04.2024 – Балатон Парк, Унгарија На патеката во „Балатон парк“, Унгарија, Петрушевски продолжи со одличните резултати. Два пати искачувајќи се на пиедесталот. Во првата трка, заврши трети, а во втората трка успеа да го освои второ место. Овие резултати го поставија на врвот на генералниот пласман по четвртата трка во Европскиот Твинго Куп, како лидер во конкуренција на триесет возачи!

02-04.08.2024 – Мост, Чешка Трката во Мост, Чешка, донесе вистински пресврт. По излетувањето во првата трка, Петрушевски стартуваше 25-ти во втората трка. Сепак, со неверојатно темпо и храброст, успеа да се искачи на петтото место, претекнувајќи 20 натпреварувачи. Со овој резултат, Бојан го зазеде трето место во генералниот пласман, што беше одлучувачки момент за натамошните трки.

18-20.10.2024 – Муџело, Италија. На претпоследниот натпреварувачки викенд, во Муџело, Италија, Бојан Петрушевски го имаше својот најсилен настап. Неверојатниот финиш на втората трка во која за прв пат сезонава се разменуваа позиции во последните метри.

На оваа трка се појавија и тројца други македонски возачи: Марко Блажевски, Мурис Хамзиќ, и дебитантот Стефан Тренески, кои се натпреваруваа во конкуренција од 22 возачи од цела Европа.

Во првата трка, Петрушевски заврши на четвртто место, додека во втората трка беше во водство цела трка, но на последните метри, по неверојатен пресврт, заврши на петтото место, борејќи се сам до последниот метар. Причината за овој пад во резултатите беше одлуката на друг македонски возач, кој, на жалост, избраа да помогне на противникот, наместо на својот сограѓанин Петрушевски.

08-10.11.2024 – Мисано, Италија

На последната одлучувачка трка од оваа сезона, која се одржа на познатата патеката „Марко Симончели“ во Мисано, Италија, напнатоста беше присутна од почеток до крај, но не донесе среќа за нашиот претставник Бојан Петрушевски. По неуспешно завршување на првата трка, втората трка ја стартува од предпоследната 21. позиција. Неговата храброст, одлични тркачки перформанси, стратегија и брзина беа клучни да за само четири круга престигне петнаесет возачи, да го направи најбрзиот круг и фати ред со првата група на возачи.

Оваа трката беше исполнета со напети двобои помеѓу лидерите на генералниот пласман, но пресвртниот момент се случи кога Полјанец и Грм се заплеткаа во инцидент на патеката, што беше пресуден за Петрушевски директно да се удри во нив и да се преврти со возилото и стави крај на оваа трка.

Шампионите на сезоната 2024 заслужуваат посебни честитки. Возачите кои успеаја да се издигнат на врвот, меѓу кои на нашиот претставник Бојан Петрушевски ги покажаа своите возачки способности, темпо, храброст и стратегија, победувајќи во најпрестижните и најтешките етапи на шампионатот. Но, како и секогаш, ова не беше само борба на возачите, туку и на тимовите кои со неверојатна прецизност и организација го поддржаа секој момент од трката.

После неколку месеци напната конкуренција на најпознатите европски стази, Матич Преша ја потврди својата доминација и стана шампион на Европскиот Твинго Куп 2024. Неговата храброст, стратегија и брзина беа клучни за овој успех.

Твинго Еврокуп
Финален пласман:

  1. Матич Преша (Словенија) – 202
  2. Ник Полјанец (Словенија) – 184
  3. Лука Грм (Словенија) – 161
  4. Зал Резар (Словенија) – 144
  5. Бојан Петрушевски (Македонија) – 131

Резултати од сезоната за Петрушевски:

По пет возбудливи викенди и десет трки (три незавршени) на најпознатите европски патеки, нашиот претставник Петрушевски не само што ја претставуваа Македонија, туку и покажа извонредни индивидуални перформанси, нереална храброст и држење на нервите со големи надмудрувања во најкритичните моменти, борејќи се со најдобрите во Европскиот Твинго Куп.

Бојан Петрушевски беше лидер во генералниот пласман по четвртата трка, дури три пати да се искачи на пиедесталот од вкупно седум завршени трки, а на крајот на сезоната заврши на петтата позиција, без оглед на непредвидливите случувања во последната трка.

Иако сезоната не заврши со посакуваната титулата, успешниот настап на Бојан Петрушевски во Европскиот Твинго Куп е значаен за македонскиот моторспорт. Нашиот возач докажаа дека може да се натпреваруваат со најдобрите, а неговата борба и резултати не поминаа незабележано. Сезоната 2024 ќе биде запамтена како уште една успешна страница во историјата на македонскиот автомобилски спорт.


Македонските одбојкари ги дознаа противниците во Златната Европска лига 2025

Македонската одбојкарска репрезентација ќе биде дел од дванаесетте национални тима кои ќе учествуваат во изданието од ЦЕВ Златната Европска лига во 2025 година.

Заедно со „црвено-жолтите“ во натпреварувањето ќе учествуваат и: Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел.

Како и во претходното издание така и во ова ќе се игра според т.н. „швајцарски систем“ односно во три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир. Првите турнири на програмата се викендот од 6 до 8 јуни. Македонија ќе игра на турнирот во Словачка, каде првиот натпревар го игра на 7 јуни против Финска, додека ден подоцна ќе се соочи со домаќинот.

Вториот турнир е предвиден од 13 до 15 јуни во Летонија. Летонците се противникот со кој ќе ги измериме силите на 13 јуни, додека на 14 јуни играме со Грција.

Македонија ќе биде домаќин на турнир во третиот викенд од Златната Европска лига 2025, закажан од 20 до 22 јуни. Македонија на 20 јуни ќе го пречека Израел, потоа ќе има слободен ден додека турнирскиот систем на натпрварување ќе го закружи против Црна Гора на 22 јуни, објави Одбојкарската федерација на Македонија.

По одигрувањето на натпреварите ќе биде формирана заедничка табела на која првите четири најдобро пласирани селекции ќе изборат учество на финалниот турнир, кој ќе се одржи од 4 до 6 јули. Промена може да има само доколку репрезентацијата домаќин на завршниот турнир не е меѓу најдобрите четири екипи на табелата. Организаторот на Ф4 викендот дополнително ќе биде одреден.


Новина во Формула 1: Сите клубови заеднички ќе ги претстават новите болиди

Прес-службата на Формула 1 објави дека во 2025 година ќе има заедничко претставување на тимовите пред почетокот на сезоната.

„За првпат во историјата на Формула 1, сите 10 тима – Алпин, Астон Мартин, Ферари, Хас, Кик Заубер, Мекларен, Мерцедес, РБ, Ред Бул и Вилијамс – и нивните 20 возачи, како и директорите на тимовите, ќе им се придружи на фановите на специјален настан со кој ќе биде означен стартот на новата сезона. Воедно, на презентацијата ќе се прослави „75-годишнината од Кралските трки“, се вели во соопштението за печатот на веб-страницата на Формула 1.

Настанот ќе се одржи во Лондон во „The O2“ на 18 февруари 2025 година.


Одбојкарките на Работнички немоќни против Алба Блај од Романија

Женскиот одбојкарски тим на Работнички ги заврши европските настапи сезонава и тоа во првата елиминациска рунда во ЦЕВ Купот. Нашите шампионки беа поразени и на домашен терен од тимот на Алба Блај од Романија.

Гостинките во арената „Борис Трајковски“ денеска славеа во три сета со 14-25, 11-25 и 11-25. И на првиот натпревар во Романија, Работнички загуби со максимални 3-0. Антонија Баталаковска со шест поени беше прв поентер, додека Ирма Ѓурѓевиќ и Андротеа Милевска постигнаа по четири поени.

За потсетување, Работнички сезонава на меѓународната сцена дебитираше во Лигата на шампиони на ЦЕВ, каде беше елиминиран од уште еден романски тим Волунтари, па продолжи да игра во ЦЕВ Купот.


Рекорд на Винипег: Нанижа петнаесет победи во НХЛ

Екипата на Винипег станаа најбрзиот тим со 15 победи во историјата на НХЛ лигата, откако синоќа во Медисон Сквер Гарден го победија Њујорк Ренџерс со 6-3 во нивниот 16-ти натпревар од сезоната.

Претходните лидери според овој статистички податок беше Бостон (2022-23), Отава (2007-08), Бафало (2006-07), Филаделфија (1985-86) и Бостон (1929-30), кои го направија тоа во 17 натпревари.

Винипег успеа да дојде до седмата победа во низа на гости и го освои 30-от бод во сезоната. Њујорк Ренџерс привремено го зазема четвртото место, пет поени зад лидерот Њу Џерси.


Светски натпревар со високо рангирани пингпонгари во 2025 во Скопје

По три меѓународни натпревари во младинска категорија (World Table Tennis Youth Star Contender) и Европско првенство во категорија до 21 година, Македонија ќе биде домаќин на „World Table Tennis Contender Skopje 2025“ од 9 до 15 јуни 2025 година, објави Пингпонгарската федерација на Македонија.

Ова е уште едно големо признание за ППФМ затоа што влегува на мапата на светски натпревари во сениорска категорија.

На официјалната веб страница на „World Table Tennis“ денес беше објавен датумот за одржување на натпреварот и со тоа започна пријавувањето на истиот кој е отворен за повеќе од 100 учесници.

Натпреварувачите ќе настапуваат во поединечна категорија, мажи и жени, во двојки и мешани двојки.


Осумнаесет медали за македонските каратисти на Балканското првенство

На овогодинешното 24-то Балканско првенство за кадети, јуниори и помлади сениори У21, што се одржа во Сараево, БиХ, нашата младинска карате репрезентација освои 4 златни, 4 сребрени и 10 бронзени.

Златни медали:

  1. Душица Бреслиева кадети, кумите женски -54кг;
  2. Андреј Стојчевски кадети, кумите машки -61кг;
  3. Матеј Белистојаноски У21, кумите машки -67кг
  4. Љупче Михајлов У21, кумите машки -75кг.

Сребрени медали:

  1. Дамјан Митревски кадети, кумите машки -52кг;
  2. Јован Врклевски кадети, кумите машки -57кг;
  3. Филип Стојанов јуниори, кумите машки +76кг
  4. Данка Стојкова јуниори, ката женски

Бронзени медали:

  1. Илијана Серафимова јуниори, кумите женски -53кг;
  2. Кенза Фетаи јуниори, кумите женски -59кг;
  3. Мила Панчева У21, кумите женски -55кг;
  4. Јована Мицовска У21, кумите женски -61кг;
  5. Недим Шаќири У21, кумите машки -60кг;
  6. Данило Божовиќ У21, кумите машки -84кг и
  7. Стефан Стојановиќ У21, кумите машки -84кг.

На последниот ден од првенство во екипните настапи, натпреварувачите во борби и кати освоија уште три бронзени одличја и тоа со јуниорскиот кумите тим во машка конкуренција, У21 кумите тим машки како и кадетско-јуниорски ката тим машки.

На генералниот пласман, македонската репрезентација го освои високото четврто место од вкупно единаесет земји.