Стојановски донесе сребро од Европското првенство во теквандо за кадети
Теодор Стојановски од Теквондо клубот Бутел викендов се закити со сребрен медал на официјалното кадетско Европско првенство во олимписко таеквондо, објави Македонската таеквондо федерација.
Стојановски во категоријата -49 кг на првенството во Тирана, Албанија оствари три доминантни победи над Хараламбос Хаџимаврос од Кипар со 2-0, Јарослав Вечирко од Украина со 2-0 и Шон Џита од Велика Британија со 2-0 во полуфиналето.
Во финалето Македонецот загуби од Нора Бранж од Франција со 2-0.
Ватерполо спортот ги менува правилата
Светската ватерполо федерација најави нови правила за оваа игра кои ќе донесат одредени промени, најмногу во динамиката на самата игра. Најзначајно е што во машка конкуренција големината на теренот меѓу двата гола сега ќе биде 25 метри, а не 30 како што беше досега. Времето за напад ќе биде 25 секунди, наместо 30.
Исто така, времето на вториот напад повеќе нема да биде 20 туку 15 секунди. Исто така нападот со играч повеќе ќе трае 15, а не 20 секунди тшо досега беше случај.
Бројот на играчи во тимот, односно во записникот сега ќе биде 14 наместо 13, со максимум од дванаесет играчи и двајца голмани.
Тимот има право да игра со сите седум играчи од теренот во напад, додека на тренерите ќе им биде дозволен по еден челенџ во одредени ситуации.
ВАР системот се користи и во ватерполо, но не во сите ситуации.
Овие не толку мали промени започнаа на почетокот на овој месец и ќе започнат да се применуваат во сите идни натпреварувања, вклучително и на најголемите како Светското првенство или Олимписките игри.
Пет бронзи за каратистите на Макпетрол на Балканскиот шампионат во Сараево
Балканското првенство за кадети, јуниори и У-21 викендов се одржа во Сараево, а каратистите на Макпетрол освоија пет бронзени медали. Стефан Стојановиќ и Данило Божовиќ се закитија со по две одличја, додека Јована Мицовска оствари еден пласман на третата позиција. На шампионатот што се одржа во главниот град на Босна и Херцеговина учество земаа 1.234 каратисти од тринаесет земји со 1.297 натпреварувачки влезови.
Членовите на скопски „Макпетрол“, кои се дел од македонската репрезентација, се закитија со вкупно пет медали во поединечна и во екипна конкуренција во дисциплината кумите (борби). Три одличја се во поединечна, а две во екипна конкуренција. Сите медали се освоени во највозрасната категорија на помлади сениори (У21).
Најдобриот млад каратист на Македонија, Стефан Стојановиќ (+84 кг.), загуби борба од грчкиот натпреварувач Петрос Стефанидис и не се пласира во финалето. Резултатот беше нерешен (1-1), но поради прв освоен поен претставникот на Грција имаше можност да се бори за злато. Стојановиќ потоа во репасаж извојува две победи и го освои бронзениот медал. Тој ги оствари следните резултати против: Углеша Пејовиќ (Србија) 1-0; Норик Халилосмани (БиХ) 6-0; Умит Ерџан (Турција) 3-3; Душан Бијелиќ (Црна Гора) 4-2.
Во категоријата -61 кг., членката на Макпетрол, Јована Мицовска, ги оствари следниве резултати против: Јована Чалиќ (Црна Гора) 8-0; Сена Кизиласлан (Турција) 3-6; Лариса Адријана Ивашчу (Романија) 6-0; Нурсена Атиџи (Турција) 6-1. Данило Божовиќ (-84 кг.) го оствари овие резултати против следните натпреварувачи: Кемал Незириќ (БиХ) 3-2; Дејан Миленков (Бугарија) 0-0; Немања Микулиќ (Црна Гора) 2-9; Александар Новицки (БиХ) 3-0.
МОК и Меѓународниот комитет на Медитеранските игри во заедничка акција
Скопје денес е домаќин на настан посветен на Медитеранските игри на плажа, на кој се присутни 26 национални олимписки комитети, осум меѓународни спортски федерации, како и Меѓународниот комитет на Медитеранските игри (МКМИ).
На овој значаен настан за олимписките спортови, генералниот секретар на МКМИ, Јаковос Филипусис, му го додели највисокото признание „Трофеј на Медитеранските игри“ на претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, за успешниот долгогодишен развој на медитеранското спортско движење.
Посебни награди МКМИ им додели и на нашите поранешни спортисти, Владимир Богоевски и Мирко Димчевски, како освојувачи на медали на Медитеранските игри. Организаторите имаа посебен осврт и анализа на Медитеранските игри на плажа Хераклион 2023, а ги претставија и плановите за идните Медитерански игри во Таранто во 2026 година, како и следните игри на плажа кои ќе се одржат во Портимао и Лагоа во Португалија во 2027 година.
Како завршница на настанот следеа заеднички заклучоци на националните олимписки комитети и меѓународните спортски федерации за идниот долгорочен развој на Медитеранските игри и Медитеранското спортско движење.
МОК му додели посебно признание на генералниот секретар на МКМИ, Јаковос Филипусис, за неговиот придонес и развој на медитеранскиот спорт, како и за развојот на врвниот спорт во Македонија.
Тадеј Погачар има огромна плата и луда клаузула за откуп
Cycling – Tour de France – Stage 20 – Nice to Col de la Couillole – Col de la Couillole, France – July 20, 2024 UAE Team Emirates’ Tadej Pogacar wearing the yellow jersey celebrates after winning stage 20 REUTERS/Manon Cruz
Тадеј Погачар имаше неверојатна година. Словенечкиот велосипедист по трет пат победи на Тур де Франс, славеше на Џиро д’Италија и ја освои титулата светски шампион.Претходно ова им успеа на Еди Меркс во 1974 година и Стивен Рош во 1987 година.
Фантастичната сезона е наградена со продолжување на договорот со тимот на ОАЕ Емирати до 2030 година. „газета дело Спорт“, ги откри деталите од договорот што го прави најплатен велосипедист во светот.
„Никој во светот на велосипедизмот не ги достигна овие бројки“, истакнуваат италијанските медиуми и потсетуваат дека Словенецот е дел од тимот на Емирати од 2019 година.
Досега Погачар заработуваше седум милиони евра по сезона, не сметајќи ги бонусите, додека според новиот договор ќе има осум милиони евра. Тоа значи дека до крајот на договорот ќе заработи околу 50 милиони евра. Доколку некој друг тим сака да го доведе, на ОАЕ ќе треба да им плати отштета од 200 милиони евра колку што е откупната клаузула на Погачар.
„Овој тим е моето семејство. ОАЕ беа првиот тим кој праша за мене кога бев дете. Заедно имавме големо влијание на велосипедизмот. Горд сум на она што го постигнавме во текот на овие шест години”, рекол Погачар.
Тајсон: Јас сум на терапија со тестостерон, не ми е гајле што зборуваат
Мајк Тајсон неодамна во интервју за магазинот „Loaded“ отворено проговори за проблемите со кои се бори.
Освен што зборуваше за лични работи како менталното здравје и зависноста, тој се осврна и на неговата терапија со тестостерон, за која вели дека продолжува да ја зема.
„Мислам дека постои оваа заблуда дека ако мажите земаат терапија со тестостерон, тоа е затоа што нешто физички не е во ред со нив. Но, од 30-годишна возраст, не ми е грижа колку сте здрави, нивото на тестостерон опаѓа. Јас сум во подобра физичка форма кога земам тестостерон“, рече Тајсон.
Тој вели дека физичкото здравје е испреплетено со менталното здравје, нешто со што се бори до ден-денес: „Сè уште се борам со моето ментално здравје, но за среќа, имам подобри алатки. Научив многу во текот на годините како поранешен зависник од дрога. Ги разбирам моите предизвикувачи и зошто се саботирам себеси“, искрено коментираше тој.
Често се чувствува несоодветенТој исто така призна дека често се чувствува неадекватно, но вели дека со текот на времето научил да биде искрен со себе: „Ако си искрен со себе, ќе престанеш да се споредуваш со другите и нема да ти биде важно што мислат за тебе, затоа што си се соочил со својот најголем критичар во огледало и си победил“.
Во едно од претходните интервјуа, тој низ солзи изјави дека „не би го посакал никому својот боречки живот“. Сепак, се чини дека тој се уште е посветен на кариерата бидејќи наскоро му претстои посебен натпревар. За една недела, поточно на 15 ноември, тој во рингот осум рунди ќе се соочи со 27-годишниот Јутјубер Џејк Пол.
„Тој никогаш не се борел со некој како мене“
“Сè уште планирам да го завршам. Ги почитувам Мајк Пери и другите борци, но Џејк никогаш не се борел со некој како мене и јас ќе бидам целосно подготвен да го повредам кога ќе влезе во тој ринг. Почитта е емоција за која не размислувам во рингот“, рече тој.
Бобан Илиоски европски првак во кик-бокс!
Со златен медал и одбрана на европската титула од пред две години, македонскиот кик-боксер Бобан Илиоски го заврши Европското сениорско првенство во Атина. Тој во финалето беше подобар од Ерик Ниевегловски од Полска и донесе втор медал за Македонија од овој голем настан.
Во финалето во категоријата лоу-кик до 86 килограми, Илиоски со 2-1 го совлада противникот. Македонскиот ки-кбоксер се пласира во финалето откако вчера со нокаут пред крајот на првата рунда беше убедливо подобар од грчкиот репрезентативец Христос Филис.
Нашата земја од Европското кикбокс првенство во Атина се враќа со два медали, со златниот на Илиоски и со бронзениот на Стефан Михајловски во категоријата кик лајт над 94 килограми.
Европското кикбокс првенство во Атина почна во неделата со свечено отворање, а завршува утре, а учествуваат 982 натпреварувачи со 1.133 натпреварувачи влеза од 41 земја.
Голем спортски настан во Охрид, започна Европскиот Куп во параглајдинг
Околу педесетина натпреварувачи од Европа од четиринаесет земји ќе настапат на Европскиот Куп во параглајдинг, кој од денес до недела се одржува во Охрид.
На терените на на СРЦ „Билјанини извори“ параглајдеристите пред полните трибини со ученици од основните и средни училишта од Охрид го развиореа знамето на Охрид во чест на Денот на ослободувањето на градот.
„Ова случување го направи денов уште повеличествен ако се земе во предвид дека европската фела од областа на параглајдерството е токму во Охрид. Неколку десетици параглајдеристи од земјава и странство ќе прелетаат над охридското небо и ќе го направат денов, посебен, незаборавен. Во ремен или во кожурец како „мешун“ виси под крилото од ткаенината спортистот со исклучителен авантуристички дух. Лесни, слободно летачки, едрилици со пешачки авион без цврста примарна структура денес ќе ја красат небесната шир и ќе крадат многу воздишки од сите нас. Посакувам сите вие да се рекреирате и забавувате, но нека победи најдобриот оној кој „најмудро“ ќе соработува со ветрот“, рече претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
На Европскиот куп во параглајдинг учесниците ќе се натпреваруваат во индивидуална и тимска категорија, во машка и женска конкуренција.
Футсалците ја совладаа Црна Гора во првата контролка
Македонската футсал репрезентација со 2-1 славеше над селекцијата на Црна Гора во рамките на првиот контролен меч одигран помеѓу овие две селекции во малата сала во „Јане Сандански“.
Сите погодоци беа постигнати во второто полувреме. По првиот дел мрежите мируваа, и двете репрезентации пропуштија солидни прилики за постигнување погодок.
Во продолжението, нашите фудбалери во 25. минута го отворија резултатот, а две минути подоцна резултатот беше зголемен, благодарение на автоголот на противникот.
Црна Гора до крајот на контролната пресметка успеа да го намали резултатот и да ги постави конечните 2:1.
Вториот контролен натпревар овие две репрезентации ќе го одиграат денеска, на исто место со почеток во 16. часот.
Битолчанката Крстевска ќе ја претставува Македонија на Балканското првенство во крос-кантри
Дарија Крстевска, членка на АК Олимп од Битола, ќе ја претставува Македонија на Балканското првенство во крос-кантри. Клубот ја објави веста и ја поддржа младата битолчанка во обидот да се избори за најдобро свое постигнување во кариерата.
„Имаме чест да споделиме одлични вести од АК Олимп – макотрпната работа, посветеноста и најуспешната сезона на нашата атлетичарка Дарија Крстевска резултираа со нејзиниот прв повик во дресот на македонската репрезентација.
АК Олимп е горд на својот талент, а цела Македонија ќе навива за Дарија во нејзината мисија да го претстави нашето знаме и да се натпреварува со најдобрите атлетичари од Балканот. Ѝ посакуваме успех и инспиративен настап на Балканското првенство, со целата поддршка и гордост што ја заслужува“, се пофалија од битолскиот атлетски клуб.
Дарија ќе ги брани боите на Македонија на претстојното Балканско првенство во крос-кантри, кое ќе се одржи на 9 ноември во Камплунг, Романија. Во категоријата У20 години, таа ќе се натпреварува во дисциплината трчање на 6 километри, покажувајќи ги своите способности и залагање на меѓународната сцена.