останато

Том Брејди се предомисли и ќе ја продолжи својата играчка кариера

Легендарниот Том Брејди ќе ја продолжи својата НФЛ кариера. Тој се предомисли и преку објава на социјалните мрежи потврди дека и наредната сезона ќе го носи дресот на Тампа Беј Баканирс.

„Во последниве два месеци сватив дека моето место и понатаму е на теренот, а не на трибините. Ги сакам моите соиграчи, и го сакам моето семејство кое ми дава поддршка. Без нив ништо од ова не би било можно. Се враќам за својата 23.сезона во Тампа. Имаме недовршена работа“, порача Брејди.

44-годишната легенда на спортот, претходно на 1.февруари објави дека става крај на 22 години долгата играчка кариера, во која освои седум титули, но на радост на огромниот број негови фанови, тој ја промени одлуката и одлучи да се врати на теренот.


Хамилтон: Мерцедес во моментов не може да се бори за победа

Возачот од Велика Британија, Луис Хамилтон, има мислење дека неговиот Ф1 тим Мерцедес, нема да биде подготвен за победа на првата трка од сезоната, која ќе се вози наредниот викенд во Бахреин.

Тимот на Мерцедес се соочил со големи проблеми на последните тестирања пред стартот на новата сезона.

„Во овој момент мислам дека нема да се бориме за победа“, изјавил Хамилтон пред медиумите.

„Ќе ни биде потребен подолг период за да ги решиме проблемите кои се појавија. Сите во екипата го даваат својот максимум за да бидеме во состојба да го извлечеме најдоброто од болидот пред закажаниот старт на сезоната“, потенцира Хамилтон.


Русинот Федосов е предизвикувачот на Кубрат Пулев

Рускиот боксер, Андреј Федосов, ќе биде новиот противник на Кубрат Пулев. Мечот е закажан за 14 мај во Форум салата со 17.000 седишта во Инглвуд, Калифорнија.

Пресметката ќе биде во 10 рунди. Федосов, кој има 32 победи од кои 26 со нокаут и само 3 порази во професионалниот ринг,  долги години, живее во САД.

Русинот има 8 последователни победи а неговиот последен пораз беше со технички нокаут од Брајант Џенингс на 14 јуни 2013 година.


Себастијан Коу воведе атлетски санкции за Русија и Белорусија

Претседателот на Светската атлетика, Себастијан Коу, објави дека Белорусија доби забрана да биде домаќин на меѓународни настани.

„Светскиот атлетски совет одлучи да воведе санкции за Белоруската атлетска федерација.Тие вклучуваат забрана за организирање меѓународни натпревари“, рече Коу.

На 1 март, Светската атлетика одлучи привремено да го забрани учеството на руски и белоруски спортисти на сите собири под покровителство на организацијата. Одлуката е донесена поради воената акција во Украина.


Дуплантис собори светски рекорд на митингот во Белград

Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис денеска на митингот во Белград го собори светскиот рекорд во скок со стап. Дуплантис прескокна височина од 6,19 метри и со тоа го надмина сопствениот рекорд, најдобар на сите времиња. Тоа го направи во третата серија со помош на поддршката од публиката во белградската „Старк арена“.

Швеѓанецот има само 22 години, во кариерата освои олимписко злато во 2021 година, светско сребро (2019) и европско злато (2018) на отворено. Минатата година на континенталниот шампионат во сала исто така се закити со титулата шампион.


Шампионскиот болид на Шумахер од 1998 година ставен на аукција

Михаел Шумахер е во кома од 2013 година откако се здоби со тешки повреди при скијање.

Легендарниот Германец е икона во спортот и сигурно еден од најомилените возачи кои некогаш се појавиле. Токму затоа не треба да изненади тоа што неговиот болид Ф300 од 1998 година е ставе на аукција за сума од 4.9 милиони долари. Станува збор за болидот со кој Шумахер успеа да надокнати 25 секунди за 19 круга на Големата награда на Унгарија.

Треба да се спомене дека ова не е првпат еден болид на Шумахер да биде на аукција. Претходно за 7.5 милиони долари се продаде Ферари Ф2001, додека 6.6 милиони долари достигна Ферари Ф2002.


Дарио Ивановски балкански вицешампион на 3.000 метри

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски е балкански вицешампион откако заврши на второто место на трката на 3.000 метри.

Ова Балканско првенство за Сениори во сала се одржува во Истанбул, 

Турција каде учествуваат над 350 атлетичари од 22 земји.

Дарио Ивановски во дисциплината на 3000м со резултат 7:58.48 што е нов национален рекорд на Македонија вреден 1087 бода, а тоа му го донесе второто место и сребрениот медал, дисциплина во која претходната година на истото првенство го освои златниот медал и се закити со титулата балкански шампион.


Русинот Мазепин доби отказ од Формула 1 тимот Хас

Никита Мазепин и официјално нема да вози оваа сезона во Формула 1. Имено неговиот, сега веќе поранешен тим Хас, одлучи да му го раскине договорот на рускиот возач и да го отстрани од тимот.

Причината е војната во Украина. Познато е дека семејството Мазепин е во блиску односи со претседателот на Русија. Одлуката, тимот на Хас ја образложи дека како и целиот свет и тие се шокирани од случувањата во Украина и дека го раскинуваат договорот не само со возачот туку и со руските спонзори.


Хаас го раскина договорот со возачот Мазепин

Формула 1 тимот Хаас, поради инвазијата врз Украина, одлучи да го раскине договорот со рускиот возач Никита Мазепин.

Хаас го раскина и договорот со руски Уралкали, кој беше главен спонзор на тимот и е во сопственост на таткото на Мазепин.

23-годишниот Никита Мазепин своето деби во Формула 1 го имаше минатата година.

ФИА на 1.март  им дозволи на руските возачи да се тркаат под неутрално знаме. Употребата на национални симболи, бои, знамиња и изведување на државната химна е забранета на меѓународни натпревари. Истите мерки важат и за возачите од Белорусија.


Македонија пријави три атлетичари на Балканското првенство

Македонија со тројца атлетичари ќе се појави на Балканското првенство за сениори во сала, кое утре почнува во Истанбул, Турција. На балканскиот шампионат ќе учествуваат 22 држави, членки на Балканската федерација, со преку 350 атлетичари.

Македонија ќе ја преставуваат Јован Стојоски во дисциплината 400 метри., пријавен со личен резултат и рекорд на Македонија 47,18 секунди, Дарио Ивановски во дисциплината 3000 м. со личен резултат и рекорд на Македонија 8.01:63 минути, како и Андреас Трајковски, кој ќе се натпреварува во две дисциплини, скок во далечина со личен резултат и рекорд на Македонија 7,65 метри и 60 м. со личен резултат 6,90 секунди.

Дарио Ивановски минатата година донесе златен медал од ова првенство, па останува да видиме дали ќе биде потврден овој успех и закитен со уште некој медал.