останато

Брејди не оди во пензија, ќе продолжи во НФЛ лигата

Американските медиуми вчера објавија дека легендарниот НФЛ играч Том Брејди одлучил да се пензионира. Беше најавено дека неговата официјална потврда за тоа ќе дојде денес, но тоа најверојатно нема да се случи.

43-годишната американска спортска легенда, најдобриот бек во историјата на НФЛ, сепак нема да ја заврши кариерата, откако таткото на Брејди ги демантираше гласините.

„Том се уште нема донесено конечна одлука дали ќе се пензионира или не. Секој што го тврди спротивното, апсолутно греши – рекол таткото на Брејди и додал дека одлуката за повлекување е далеку“, пренесе „Бличер репорт“.

Со оваа изјава сè уште е отворена опцијата НФЛ легендата и еден од најголемите американски спортисти да ја продолжи својата кариера, иако лесно можеше да испадне дека информаторите на ЕСПН биле во право.


Македонија ги претстави трите олимписки адути за Пекинг

Вчера во просториите на МОК беше претставена македонската Олимписка делегација која ќе учествува на зимските Олимписки игри Пекинг 2022 и тоа во следниот состав:

– Ана Цветановска – Крос кантри – тренер Борче Јовановски – дисциплини 7,5 км слободно плус 7,5 км скијатлон и 10 км класично (настап на 5 и 10 Февруари).

– Дардан Дехари – Слалом и Велеслалом – тренер Антонио Ристевски (настап на 13 и 16 Февруари).

– Ставре Јада – Крос кантри – тренер Борче Јовановски / дисциплини Спринт слободно 1,5 км и 50 км слободно (8 и 19 Февруари).

Ставре Јада се заблагодари на МОК посебно за делот на финансирањето и на доделените 54.000 американски долари за припреми и учество на натпревари. Истиот износ, по 54.000 американски долари беа инвестиран и во Михаела Даноска и Мирко Лазаревски кои за жал не успеаја да обезбедат Олимписка норма.

Дардан Дехари доби посебна финансиска помош од 300.000 денари за своите завршни подготовки.


Гoлемата награда на Сингапур доби нов договор до 2028 година

Формула 1 и организаторите на трката за Големата награда на Сингапур најавија потпишување на нов договор. Новиот договор ќе биде со важност до 2028 година.

Поради ограничувањата предизвикани од пандемијата со Ковид-19, Големата награда на Сингапур не се одржа ниту во 2020 ниту во 2021 година. Оваа сезона, Големата награда на Сингапур е закажана за 2 октомври.


Македонија со тројца олимпијци ќе настапи во Пекинг

На зимските Олимписки игри во Пекинг коишто ќе се оддржат од  4 до 20 февруари 2022 година, Македонија ќе ја претставуваат тројца спортисти, од кои двајца претставници во нордиски и еден во алпски дисциплини.

Врз основа на комуникацијата со Меѓународната скијачка федерација и Меѓународниот олимписки комитет, македонската Олимписка делегација оваа година во Пекинг ќе ја сочинуваат Ана Цветановска, Дардан Дехари и Ставре Јада.

Ана Цветановска, како претставник во нордиски дисциплини, ќе настапи на 5 и 10 февруари и ќе се натпреварува во крос кантри, како и во дисциплините 7,5 км слободно, 7,5 км скијатлон и 10 км класично.

Претставник во нордиски дисциплини ќе биде и Ставре Јада, кој што ќе се натпреварува на 8 и 19 февруари во крос кантри, како и во дисциплините спринт слободно од 1,5 км и 50 км слободно.

Дардан Дехари е нашиот преставник во алпски дисциплини, кој што има настап на 13 и 16 февруари. Тој ќе се натпреварува во трката слалом и во слалом/велеслалом дисциплините.

Македонското знаме на церемонијата на отварање на зимските Олимписки игри во Пекинг 2022 година ќе го носат Ана Цветановска и Дардан Дехари. Заедно со тројцата спортисти ќе патуваат и  Борче Јовановски, тренер во нордиски и Антонио Ристевски, тренер во алпски дисциплини.

Олимписката делегација за Пекинг ќе тргне на 29 јануари, а во Скопје ќе се врати на 21 февруари. Делегацијата ќе биде водена од страна на спортскиот директор на Македонскиот Олимписки комитет, Владимир Богоевски.


Јамајка пријави три боб-екипажи на Игрите во Пекинг

Познати се скоро сите учесниците на Зимските Олимписки Игри во Пекинг. Јамајка за првпат во својата историја ќе биде претставена со дури три екипажи во боб, потврди Олимпискиот комитет на Јамајка.

Потврден е настапот на трите екипажи во машка и женска конкуренција. Јамајка за првпат настапи во боб санкање на олимпискиот турнир во 1998 година во Калгари, а нивниот подвиг подоцна беше инспирација за филмот „Rasta Rockett-Cool Running“, кој доживеа голем успех. 

Еден од членовите на тој легендарен екипаж, Крис Стоукс, е актуелен претседател на федерацијата во боб-санкање на Јамајка.


Македонија силно го намачи светскиот футсал шампион

Во пријателскиот натпревар кој се одигра вчера вечер футсал репрезентацијата на светскиот шампион Португалија ја победи Македонија со 3-1 во Лисабон.

Македонија одиграла еден одличен натпревар и после првото полувреме резултатот беше 1-1. Коељо погоди за водство на Португалија во 19. минута, а Македонија изедначи преку Рамадани две минути подоцна.

Тој резултатот беше се до 30. Минута кога Ерик погоди за 2-1 за во последната минута од натпреварот Матос да стрела за конечни 3-1. Денес Португалија и Македонија ќе одиграат уште еден натпревар.

Двата дуели се во рамките на подготовките на Португалија за Европското првенство кое започнува на 16 јануари.


Хамилтон со можно повлекување од Формула 1

Како што пренесува угледниот „BBC“, Луис Хамилтон сеуште нема донесено конечна одлука дали повторно ќе биде дел од Формула 1 во наредната сезона, поради скандалот со победата на Макс Ферстапен во одлучувачката трка во Абу Даби.

Хамилтон пред да одлучи дали ќе се врати во болидот на Мерцедес, сака да добие објаснување од ФИА, што се случи во последниот круг од трката и зошто било променето правилото  околу безбедносното возило на патеката.

По добиениот одговор ќе биде позната судбината на Англичанецот во Ф1 и дали повторно ќе биде дел од најбрзиот циркус на светот.


Биното: Асфалтот ќе покаже кој ќе биде прв возач на Ферари

Извршниот директор на Формула 1 тимот Ферари, Матија Биното, изјави дека ниту Шарл Леклер ниту Карлос Саинц нема да добијат приоритет на почетокот на сезоната 2022 година.

Многу пати кажавме дека тоа ќе се решава на патеката. Тимот секогаш е на прво место. Ако возачите се борат за важна позиција во шампионатот, на патеката ќе стане јасно кој е подобра. Тука не одлучуваат само талентот или способноста на пилотот. Има и други фактори: лоша среќа, дефекти, проблеми со проценка во даден момент, несреќи, исто така, може да го попречат балансот на силите. Така што засега нема потреба да се определува кој ќе биде прв, а кој втор возач во тимот. Кога ќе дојде време, ќе разговараме за ова прашање во зависност од резултатите на патеката, изјави Биното.

Ферари имаа амбиции во новата сезона да се вмеша во трката за шампионскиот трофеј конкурирајќи им на Мерцедес и на Ред Бул.


Пандемијата го одложи Светското младинско првенство во хокеј на мраз

Светското првенство во хокеј за млади репрезентации кое требаше да се реализира во Канада е одложено поради ковид-19 откако во три селекции беа откриени заразени играчи.

Во исто време, раководството на Меѓународната федерација (IIHF) имаше итен состанок и одлучи целосно да го откаже Светското првенство, како и да ги започне подготовките за организација на нов турнир во 2022 година.

„Од јануари започнуваме да работиме на организација на новото првенство. Нема да се откажеме. Можно е да се одржи во јуни или во некое друго време во летото“, коментираше шефот на ИИХФ, Лук Тардиф.


Ѓоковиќ е спортист на годината според „Л’Екип“

Францускиот медиум „Л’Екип“ го прогласи српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ за спортист на годината, откако тој освои три гренслем-турнири годинава и играше финале во четвртиот.

Имаше моменти кога „Л’Екип“ го критикуваше најдобриот тенисер во светот, меѓутоа сега призна дека е спортист на годината.

Зад себе го остави Кејлеб Дрекслер, пливачот кој освои пет златни медали на Олимписките игри во Токио и го урна светскиот рекорд на 100 метри делфин.

Шампионот на „Тур Д’Франс“, Тадеј Погачар го освои третото место, а во топ-10 се наоѓаат уште и Јанис Антетокумпо, Макс Ферстапен, Роберт Левандовски…