останато

Најголем пораст на заразени со коронавирус на ЛОИ во Токио

Организаторите на Олимписките игри во Токио објавија податок за 24 нови случаи на зараза со коронавирусот, што е најголем дневен пораст на инфекции откако се започна со објавување на податоци.

Меѓу 24. нови случаи три се неименувани спортисти, а досега потврдено е дека се заразени 20 спортисти на Олимписките игри. Две лица кои присуствуваа на ЛОИ од странство се хоспитализирани, меѓутоа ниту еден случај не е сериозен, додека третиот хоспитализиран е веќе пуштен на домашно лекување. Вкупниот број на заразени од 1. јули досега е 193, рекоа организаторите.

Во јапонската престолнина во последните неколку дена исто така расте бројот на заразени, во средата ги имаше 3177, што е втор последователен рекорд дневно. Бројот на нови случаи во земјата достигна 9570, соопшти министерството за здравство. Меѓутоа, Меѓународниот олимписки комитет не гледа паралела со Олимписките игри.

„Колку што е познато, немаше пренос на заразата од олимписките учесници на јапонското население.“ – изјави портпаролот на Олимпискиот одбор, Марк Адамс.

Досега, на Игрите се направени над 310 илјади тестови на коронавирус.


Погледнете ја најлудата прослава на медал на ЛОИ (видео)

Австралиската пливачка Ариарне Титмус приреди сензација со освојувањето на златен медал на Олимписките игри во Токио, а уште поголемо внимание привлече нејзиниот тренер Дин Боксал, кој бурно го прослави нејзиниот триумф.

Титмус славеше на трката на 400 метри слободен стил, победувајќи пред петкратната олимписка шампионска Кејти Ледецки од САД.

Таа не можеше да верува што оствари во Токио, а вистинско лудило владееше на трибините, каде Боксал не можеше да се смири од возбудување.

„Не можам да си помогнам. Јас крварам со моите пливачи.“ – го опиша Боксал неговото славје.

Тој во Токио има шест свои пливачи, кои веќе освоија три медали.


Блажевска-Еминова 40-та на 100 метри слободно во Токио

Миа Блажевска-Еминова заврши на првата позиција во втората квалификациска трка на 100 метри слободно, во конкуренција на осум натпреварувачки.

Блажевска оствари време од 57.19 секунди, што е за шест стотинки послаб резултат од оној во квалификациите за Летните Олимписки Игри. Нашата 15-годишната пливачка ги заврши настапите во Токио на 40. позиција во конкуренција од 52 пливачки од целиот свет.

Македонија до крајот на игрите ќе ја претставуваат уште атлетичарот Јован Стојоски, каратистката Пулексенија Јованоска и борачот Магомедгаџи Нуров.


Имаат 70 илјади жители и го слават првото олимписко злато!

Бермуда, малата островска држава во Атлантскиот океан со 70 илјади жители го освои првото олимписко злато во историјата. За тоа е заслужна Флора Дафи, која славеше во триатлон.

Дафи, по пливањето, трчањето и возењето велосипед, имаше време од 1:55:36. До среброто дојде Британката Џорџија Тејлор Браун со 1.14 минути заостанување зад победничката, а трета беше Американката Кејти Заферес со заостанување од 1.27.

Дафи заплака откако ја мина целта, бидејќи на својата земја и го донесе првото историско олимписко злато и само вториот медал. Првиот го освои Кларенс Хил во 1976-тата година, во категорија бокс кога беше бронзен

Бермуда благодарејќи на Дафи стана најмалата држава која некогаш освоила злато.


Тренерот на Георгиевски: Браво лаву, ти си македонска икона!

Дарко Костовски, тренерот на македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски, му го честиташе на својот ученик освоениот сребрен медал на Игрите во Токио, оценувајќи го како најголем спортски успех од независноста на македонската држава.

„Го имаме најголемиот историски успех откако нашата Македонија е независна. Браво лаву, браво јунаку, ти си новата спортска македонска икона и идолот на новите генерации“, објави Костовски на социјалните мрежи непосредно по финалната борба.

Георгиевски попладнево стана првиот македонски олимпиец на Игрите во Токио, кој освои медал, откако во финалната борба во таеквондо во категоријата над 80 килограми загуби од Русинот Владислав Карин со 15-9.

На патот до финалето македонскиот таеквондист ги совлада актуелниот светски првак Алба Кастиљо од Куба, Сејду Гбане од Брегот Слонова коска и Јужнокoреецот Ин Дон.

Сребрениот медал на Георгиевски е второ олимписко одличје за македонскиот спорт по бронзата на борачот Мохамед Ибрагимов на Игрите во Сиднеј во 2000 година.


Историско прво злато за Филипините на ЛОИ

Филипинката Хидилин Дијаз го освои златниот медал во кревање тегови во категоријата до 55 килограми на Олимписките игри во Токио и со тоа на својата земја и го донесе првото олимписко злато во историјата.

Филипинските спортисти до Олимпијадата во Токио имаа освоено вкупно 10 медали, но ниту еден златен.

Во својот четврти и најверојатно последен настап на Олимписките игри, 30-годишната Дијаз крена вкупно 224 килограми и го освои златниот медал со нов олимписки рекорд.


Георгиевски обезбеди медал на Олимпијадата во Токио

Македонскиот таеквондистот Дејан Георгиевски се пласира во финалето на Олимпијадата во Токио. Тој претпладнево го победи Кјо Дон Ин од Кореја со 12:6 во полуфиналето во категоријата +80 килограми.

За прв пат на турнирот во Токио, Георгиевски имаше негатива по првата рунда (0:1). Следуваа две добри минути за македонскиот репрезентативец и водство со 5:3 по втората рунда. Последните две минути поминаа во доминација на Македонецот за сигурен пласман во финалето.

По две децении македонскиот спорт доаѓа до медал на Олимписките игри. Противник на Георгиевски во борбата за златото ќе биде Русинот, Владислав Ларин. Финалето е закажано за 14:45 часот.

Извор: МИА


Злато на австралиската штафета 4×100 метри слободно

Поделбата на медалите во пливањето на Олимписките игри во Токио започна со светски рекорд кој австралиската штафета во женска конкуренција го постави на 4×100 метри слободно. Мег Херис, Ема Мекион и сестрите Бронте и Кејт Кембeл испливаа неверојатна трка, доминатно победувајќи пред ривалките од Канада и Сад.

Австралијанките светскиот рекорд го подобрија за 36 стотинки, поставен токму од нив на Светско првенство пред три години.


Реџепи елиминирана по само една рунда во Токио

Македонската џудистка Арбреша Реџепи издржа само една минута во своето деби на Олимписките игри. Таа вчера во категоријата до 52 килограми загуби (11-0) од Челси Џил од Велика Британија со ипон во првата рунда.

Од осумте македонски натпреварувачи на Олимпијадата во Токио, своите настапи покрај Реџепи ги завршија уште и Борјан Бранковски кој претходно беше 21-ви во квалификациите во стрелаштво – воздушен пиштол 10 метри, како и пливачот Филип Деркоски кој заврши на последното место во квалификациите на 400 метри слободно.

Следен Македонец кој ќе се појави на борилиштата во Токио е Георгиевски Дејан, (таеквондо) во категоријата +80 кгр. Неговиот настап е предвиден за 27 јули.


Уште една земја го откажа настапот на Олимписките игри

Спортистите од Гвинеја нема да учествуваат на Олимписките игри во Токио поради пандемијата на КОВИД-19.

Вкупно пет спортисти требаше да ја претставуваат оваа западноафричка држава на Игрите. Меѓутоа, гвинејскиот министер за спорт, Сануси Бантама Со рече дека неговаа земја нема да учествува поради„новото оживување на КОВИД-19“.

Оваа одлука беше објаснета во писмото упатено до претседателот на Националниот олимписки одбор, Набију Камири, се наведува во извештајот на агенцијата АФП.

Меѓутоа, неименуван извор на АФП, близок на властите во Конакри, вели дека причините првенствено се финансиски и дека министерството за спорт не може да ги плати трошоците за сместување и патување во Јапонија за сите пет спортисти.