останато

Шпанецот Гарсија ќе настапи на својата осма Олимпијада

Легендарниот натпреварувач во брзо одење, Хесус Анхел Гарсија кој има 51 година од Шпанија ќе биде помеѓу Шпанците кои ќе ја претставуваат својата земја на олимписките игри во Токио.

Гарсија во 1993 година ја осови светската титула во 50 километри брзо одење ќе настапи на осмата Олимпијада во неговата кариера и тоа е рекорд за еден спортист.

Дебито го направи во Барселона во 1992 година и оттогаш до денес не пропушти ниту едни Олимписки игри.



Хамилтон уште две години во болидот на Мерцедес

Заврши сагата околу иднината на седумкратниот светски шампион во Формула 1 – Луис Хамилтон.

Официјално беше објавено дека Британецот потпиша нов, двегодишен договор со тимот на Мерцедес, за кој се натпреварува од 2013 година. Партнерството помеѓу Хамилтон и Мерцедес е едно од најплодните во историјата на шампионатот. Донесе вкупно 77 победи, 74 пол позиции, 44 најбрзи круга, 122 подиуми и шест светски титули на 165 трки.

„Тешко е да се поверува дека работам со овој неверојатен тим веќе девет години, возбуден сум што ќе го продолжиме нашето партнерство уште две години. Заедно постигнавме многу, но сè уште имаме што да постигнеме и на патеката и надвор од неа. Благодарност до сите посветени и талентирани луѓе во Мерцедес, чија напорна работа овозможи раководството да продолжи да верува во мене. Влегуваме во нова ера на автомобили што ќе биде предизвикувачка и возбудлива и едвај чекам да видам што друго можеме да постигнеме заедно“, напиша Хамилтон на своите профили на социјалните мрежи.


Спринтерката Ричардсон позитивна на марихуана

Американската атлетичарка, Шакари Ричардсон , нема да учествува на Олимписките игри во Токио. Таа избори пласман на Игрите, а потоа паднала на допинг-тестот. Ричардсон била позитивна на марихуана.

Американските квалификации за Токио се одржаа во Јуџин. На трката на 100 метри, Ричардсон, го освои првото место со резултат 10.86 секунди. Најдобар резултат во кариерата и е 10.72 секунди, што е шесто најдобро време во историјата.

Доколку и вториот тест биде позитивен, таа ќе биде суспендирана. Интернационалната атлетска федерација за ваков прекршок предвидува суспензија од две месеци до две години.

„И јас сум човек“, напишала Ричардсон на социјалните мрежи.


15-годишната Миа Блажевска ќе настапи на ЛОИ во Токио

Македонската најдобра пливачка во овој момент Миа Блажевска-Еминова која има само 15 години ќе ја претставува Македонија на Летните Олимписки игри во Токио.

Таа ќе настапи како носител на специјална покана на која има право МОК, а ќе биде поддржана и од Светската пливачка федерација.

„Миа Блажевска – Еминова е предложена од МОК и ФИНА да биде наша претставничка во пливање на Летните олимписки игри во Токио 2020!Таа има најдобар резултат меѓу најдобрите македонски пливачки (741 ФИНА поени), постигнат во Белград, на 20 Јуни 2021 година. Миа на овој меѓународен митинг, на трката на 100 метри – слободно, постигна време од 57.13 секунди, резултат со кој го стекна правото да се натпреварува на Летните олимписки игри во Токио. Миа има 15 години, но веќе 11 години професионално се занимава со пливање.Мораме да признаеме дека нешата пливачка надеж е вистинска рекордерка!“, објавија од МОК.


Матијашевиќ сменет, Душко Николиќ нов селектор на одбојкарите

Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија денеска донесе одлука да ги промени селекторите на машката сениорска и на женската репрезентација за одбојкарки до 19 години.

По анализата на настапите и на резултатите во Европската сребрена лига 2021, во којашто македонскиот национален тим не успеа да го освои златниот медал, иако финалето го играше на домашен терен, челниците на ОФМ ја прекинаа соработката со Никола Матијашевиќ и решија да му го доверат кормилото на репрезентацијата на неговиот досегашен асистент Душко Николиќ.

Извршниот одбор на ОФМ го констатираше придонесот на Матијашевиќ во остварувањето на досегашните цели, но исто така ја истакна потребата од промена пред учеството на Европското првенство во септември во Тампере. Назначувањето на Николиќ ќе значи постојаност во работата на репрезентацијата, но од друга страна ќе овозможи и нов пристап во подготовките за нашето второ учество на континенталните самити.


Нови преговори помеѓу Мерцедес и Хамилтон

Седумкратниот Формула 1 шампион, Луис Хамилтон, потврди дека ги започнал преговорите со тимот на Мерцедес за нов договор.

Хамилтон во февруари го продолжи договорот на година дена, а сега е пред потпишување на нов со Мерцедес.

„Нема што да се крие, ги започнавме преговорите, се оди во добар правец, работите се одвиваат позитивно.“ – изјавил Британецот за Би-Би-Си.


Мо Фарах остана без пласман на Олимписките игри

Познатиот британски атлетичар, 38-годишниот Мо Фарах на митингот одржан во Манчестер не ја исполни нормата за настап на Олимписките игри во Токио.

Фарах на трката на 10.000 метри оствари време 27:47 минути, заостанувајќи 20 секунди зад олимписката норма.

Фарах, кој е роден во Сомалија, доминирае на последните две изданија на олимписките игри во Лондон 2012. и 2016. во Рио де Жанеиро во двете средни атлетски дисциплини. На двете ОИ освои четири златни медали, на 5.000 и 10.000 метри.

„Не знам што да мислам што ќе биде следно. Ако не можам да се натпреварувам со најдобрите, зошто да се мачам?“ – рече Фарах, кој во последните години се посвети на маратоните и имаше низа проблеми со повреди.



Јован Стојоски ќе ја претставува Македонија на ЛОИ во Токио

Членот на охридскиот атлетски клуб Јован Стојоски ќе биде македонски претставник во атлетика на Олимписките игри во Токио, одлучи Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Стојоски има олимписки циклус за паметење, постигнувајќи одлични резултати каде и да настапуваше. Покрај Стојоски специјална покана добија каратистката Пулексенија Јованоска, стрелачот Бранко Бранковски и пливачите Филип Дерковски и Ева Петровска.

Со исполнета А норма на Олимписките игри во Токио ќе се натпреваруваат Дејан Георгиевски – Таеквондо односно Магомедгаджи Нуров – Борење слободен стил.

Олимписките игри во Токи започнуваат на 23 јули и ќе траат до 8 август.



Мото ГП: Маркез триумфираше по 19 месеци!

Возачот на Репсол Хонда, Марк Маркез дојде до својата прва победа по 19 месеци откако славеше на осмата трка од шампионатот во Мото ГП која се возеше во Германија.

Осумкратниот светски шампион, 11-ти пат по ред славеше на „Сасенринг“, осми во кралската класа и го постигна најдобриот резултат откако минатата сезона се здоби со скршеница на надлактицата на отворањето на сезоната, поради што беше надвор од патеката цели девет месеци. Шпанецот ја забележа 57-та победа во најсилната категорија во Саксонија, и вкупно 83-та за него во кариераата.

Маркез мина низ целта со предност од една и пол секунда пред Мигел Оливеира од КТМ Расинг, додека возачот на Јамаха, Фабио Квартараро беше на третиот чекор од подиумот. 

Шампионатот во Мото ГП продолжува следниот викенд во Асен со ГН на Холандија, проследено со летна пауза.


Непријатни вести за Олимписките игри во Токио!

Член на олимпискиот боксерски тим на Уганда беше позитивен на КОВИД-19 по задолжителните проверки на сите спортисти кои допатуваа во Јапонија.

Девет боксери од Уганда, тренери и официјални лица пристигнаа на аеродромот „Нарита“ во Токио. Тоа е втора странска репрезентација што допатува во Јапонија на Олимписките игри, по австралискиот женски тим во софтбол. Австралијките се на јапонско тло од 1 јуни и досега имаа негативни тестови.

По два позитивни резултати, спортистот од Уганда беше изолиран. Според весникот „Асахи“, сите девет спортисти од Уганда претходно биле вакцинирани со „Астра Зенека“ и имале негативни тестови за ПЦР тестови пред да се качат на авион. Олимписките игри во Токио започнуваат на 23. јули.