Карлос Алкараз по освоеното прво место на турнирот во Монте Карло, од денес ќе биде на втората позиција на АТП листата на најдобрите светски тенисери.
„Видов дека треба само да уживам. Затоа не размислувам за рејтингот. Пласманот повеќе не е приоритет“ – рече Шпанецот. „
Во наредните неколку месеци од сезоната на земјени терени, ќе се обидам да продолжам во истиот дух“, потенцираше Алкараз.
Мусети: Бев заморен и не бев подготвен за ова финале
Тенисерот, Лоренцо Мусети, го коментираше поразот од Шпанецот, Карлос Алкараз, во финалето на турнирот во Монте Карло.
„Знаев што сакам но, беше физички тешко. Дојдоа до израз моите проблеми, заморот и стресот, наталожени во последните неколку денови. Не можев да играм.
Карлос е легенда на нашиот спорт иако е помлад од мене. Тој руши рекорди, да бев 100% физички подготвен ќе можев да издржам подолго“, рече Мусети.
Димитров не освои ниту гем и неславно испадна во Монте Карло
Бугарскиот тенисер Григор Димитров на неславен начин е елиминиран во четвртфиналето на Мастерсот во Монте Карло.
Алекс де Минор беше подобар од 18. тенисер во светот, што само по себе не е изненадување, изненадување претстаува резултатот. Австралиецот по само 45 минути игра се пласира меѓу четирите најдобри во Кнежевството.
Де Минор на противникот не му дозволи да освои ниту еден гем, победи со 6:0, 6:0.
Тоа е негова трета последователна победа над Бугаринот и прво полуфинале на земјана подлога и второ полуфинале во кариерата на Мастерс турнирите.
Што да се каже за самиот меч во кој еден тенисер ги доби сите 12 гема? Димитров за кратко време направи 23 неизнудени грешки, односно три пати повеќе од противникот.
Познато е дека Димитров не сака да игра на оваа подлога, но не толку за да не освои ниту еден гем. Особено против Де Минор, кој и самиот не е специјалист за земјена подлога.
Мора да се признае дека десеттиот тенисер го игра најдобриот тенис во кариерата на земјена подлога бидејќи на претходните три меча во Монте Карло против Махач, Медведев и Димитров испушти само седум гема.
Де Минор за финале ќе се бори против подобриот од дуелот меѓу Лоренцо Музети и Стефанос Циципас. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Шпанците Карлос Алкараз и Алехандро Давидович Фокина.
Иванишевиќ е нов тренер на Циципас
Горан Иванишевиќ ќе стане тренер на Стефанос Циципас, пренесува грчката „Газета“.
Според овој извор соработката треба да започне пред Вимблдон, односно веднаш по завршувањето на Ролан Гарос.
Таткото Апостолос, му беше тренер на Стефанос во поголемиот дел од кариерата. По честите расправии, а потоа и отказот, Циципас од летово работи со Димитрис Хаџиниколау, селекторот на Грција во Дејвис купот.
Затоа, може да се каже дека овој потег на Циципас беше очекуван.
Иванишевиќ соработуваше со неколку врвни играчи: Марин Чилиќ со кого го освои Ју-ес Опен во 2014 година, Милош Раониќ, Томаш Бердих и секако Новак Ѓоковиќ со кој го имаше најголемиот успех, дури девет гренд слем титули.
Циципас моментално игра на Мастерсот во Монте Карло, а со него е и таткото Апостолос.
Чилеанецот Табило го исфрли Ѓоковиќ во Монте Карло
Новак Ѓоковиќ го заврши учеството на Мастерсот во Монте Карло со пораз во првото коло од Чилеанецот Алехандро Табило.
Табило по речиси час и половина игра го победи Ѓоковиќ со 2-0 во сетови (6-3, 6-4).
Новак е третпат елиминиран во својот прв меч во Монте Карло во кариерата.
Ова е втора победа за Табил во исто толку натпревари против Ѓоковиќ, откако лани на Мастерсот во Рим го елиминираше со 2-0 во сетови.
Неговиот ривал во третото коло на турнирот ќе биде подобар од пресметката меѓу Димитров и Вашеро.
Синер спремен да се врати на тениските терени
Првиот светски рекет Јаник Синер ќе успее да го одбрани АТП врвот и покрај неиграњето, а прв настап се очекува да го има на Мастерс турнирот во Рим.
Името на Синер се најде меѓу пријавените за настап на овој турнир во „вечниот град“. За точно еден месец Италијанецот ќе се врати на терените навреме за да се загрее за вториот сезонски Грен слем турнир Ролан Гарос.
Овој месец како последен од суспензиајта за Синер значи враќање на тренинзите во официјалните тениски комплекси.
Тенисерките со победа го отворија Били Џин Кинг Купот
Македонија обезбеди лесна победа против Јужна Африка на стартот на Били Џин Кинг Купот кој се реализира во Ларнака – Кипар.
Магдалена Стоилковска за само четириесетина минути ја совлада Дона Ле Ру со убедливи 6-3 и 6-0 додека Лина Ѓорческа беше сигурна против Мари Луи ван Зил и победи со 6-2 и 6-1.
Со тоа мечот во двојки ќе нема значење.
Нашите тенисерки утре во второто коло ќе се сретнат со селекцијата на Норвешка. Скандинавките на стартот очекувано ја добија пресметката со Косово.
Пет француски тенисери суспендирани заради местење мечеви
Светската агенција за тениски интегритет (ITIA) соопшти дека пет француски тенисери се казнети за прекршување на Антикорупциската програма на тенисот. Претходно, шефот на синдикатот, Григор Саркисјан доби пет години затвор за наместени натпревари, а голем број тенисери добија долгорочни дисквалификации.
Јаник Тивант (38) доби доживотна забрана. Тој призна дека наместил 22 натпревари помеѓу 2017 и 2018 година, вклучително и 16 негови. Тивант исто така е казнет со 75.000 долари.
Томас Брехемиер (28) е суспендиран на 7 години и 6 месеци откако призна дека наместил 11 натпревари помеѓу 2017 и 2018 година. Неговата суспензија ќе заврши на 11 август 2032 година.
Габриел Петит (29) е суспендиран на 6 години и 6 месеци и казнет со 35.000 долари. Ја призна одговорноста за седум местени натпревари помеѓу 2017 и 2018 година. Дисквалификацијата на спортистот ќе заврши на 20 септември 2031 година.
Томас Сетоји (29) беше дисквалификуван на 10 години и казнет со 20.000 долари и мора да плати отштета од 5.500 евра. Тој беше прогласен за виновен за наместени три натпревари во 2017 година и непријавување на корупциски заговор во 2018 година. Дисквалификацијата на играчот ќе заврши на 31 март 2035 година.
Хуго Даубиас (28) е суспендиран на две години и казнет со 15.000 долари. Тој призна дека наместил два натпревара во 2017. Суспензијата на Даубијас ќе заврши на 20 март 2027 година.
Додека се суспендирани, на играчите им е забрането да играат, да тренираат или да присуствуваат на кој било тениски натпревар организиран од ITIA или од која било национална асоцијација.
Македонските тенисерки отпатуваа во Ларнака во пресрет на мечевите од БЏК купот
Женската тениска репрезентација на Македонија по неколку дневните подготовки во Скопје од понеделник ја очекуваат мечевите во Втората Евро-африканска зона од Били Џин Кинг купот (БЏК купот). Македонските тенисерки од вчера се во Ларнака, Кипар каде ќе се играат мечевите.
Македонија втора година по ред ќе игра во оваа зона откако во 2023 година на мечевите во Скопје успеа да избори пласман во повисок ранг.
Минатата година Македонките го освоија четвртото место со три победи (Естонија, Грузија и Израел) и еден пораз (Хрватска), додека пласман во Првата зона изборија Хрватска и Литванија која беше домаќин.
За претстојните мечеви ќе се играат на Херодоу тениската Академија предводникот на женскиот национален тим на Македонија Димитар Лабудовиќ ќе смета на Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Ана Митевска и Јана Божиновска.
На турнирот во Ларнака ќе играат 11 репрезентации, кои ќе бидат поделени во три групи (две со четири селекции, а една со три селекции). Покрај Македонија ќе настапат уште националните тимови на: Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар (домаќин), Египет, Естонија, Грузија, Израел, Косово, Норвешка и Јужна Африка.
Касаткина ја смени националноста, во иднина ќе игра за Австралија
Руската тенисерка Дарија Касаткина, дванаесетта на ВТА ранг-листата, во петокот објави дека сега ќе ја претставува Австралија откако австралиската влада го прифатила нејзиното барање за постојан престој.
Касаткина се натпреварувала на ВТА турнирите на како неутрална спортистка откако на руските и на белоруските играчи им беше забрането да се натпреваруваат под нивните знамиња поради руската инвазија врз Украина од 2022 година.
Касаткина, која не се вратила во Русија повеќе од две години откако откри дека е хомосексуалка и беше една од ретките руски спортистки која јавно се изјасни против војната, живее во Дубаи. „Австралија е местото што го сакам, таа е неверојатно гостопримлива и место каде што се чувствувам како дома“, напиша таа во пораката објавена на Инстаграм.
„Сакам да бидам во Мелбурн и се радувам што ќе престојувам таму“, рекла таа и додала дека веднаш ќе почне да ја претставува својата нова татковина. „Секогаш ќе имам почит и длабоко ценење кон моите корени, но возбудена сум што ќе го започнам ова ново поглавје во мојата кариера и живот под австралиското знаме“. Оваа 27-годишна тенисерка има освоено осум ВТА титули, а нејзиниот најдобриот резултат на Гренд слем турнирите е пласманот во полуфиналето на Ролан Гарос во 2022 година.