тенис

Синер нема да настапи на Мастерсот во Рим

Јаник Синер, најдобриот италијански тенисер нема да учествува на најголемото тениско натпреварување кое се игра во неговата татковина.

Шампионот на Австралија опен поради повреда го пропушти крајот на турнирот во Мадрид, а во саботата на социјалните мрежи објави дека нема да биде подготвен ниту за Мастерсот во Рим.

-Не е лесно да се напише оваа порака, но по новите разговори со лекарите и специјалистите за моите проблеми со колкот, морам да објавам дека за жал нема да можам да настапам во Рим, напиша Јаник Синер.

На турнирот во Рим нема да настапи ниту Карлос Алкараз, а под голем знак прашалник е и бранителот на титулата Данил Медведев.


Ѓоковиќ не е прв фаворит пред Ролан Гарос

Новак Ѓоковиќ се подготвува за Мастерсот во Рим и Ролан Гарос, а обложувалниците објавија коефициенти за Грен слемот во Париз, а таму Новак не е фаворит.

За разлика од Србинот, сите негови конкуренти играа во Мадрид. Алкараз мака мачи со подлактицата по шпанската престолнина, а Андреј Рубљов го победи во четвртфиналето, додека Јаник Синер се повлече поради повреда на колкот.

И двајцата сега имаат неизвесност пред продолжението на сезоната и Ролан Гарос, а прашање е дали ќе можат да ги санираат повредите до Рим кој започнува за неколку дена.

Сепак, обложувалниците се уште сметаат дека Алкараз е главен фаворит за титулата во Париз, Новак е втор, Синер трет, а Надал четврти, откако во Мадрид покажа дека се уште може да игра добро и покрај проблемите што ги има со телото и повредите, кога се здрави.


Синер заради повреда го откажа настапот на Мастерсот во Мадрид

Италијанскиот тенисер Јаник Синер се откажа од полуфиналето на мастерсот во Мадрид, кое требаше да го игра против Феликс Оже-Алиасим.

Синер имаше повреда на колкот и реши да не ризикува дополнително за да не си го загрози здравјето.

„Многу сум тажен што морам да се повлечам од следниот меч во Мадрид. Колкот ме мачи цела недела и болката станува сè посилна“, кажа Синер.


Ѓоковиќ: Се надевам дека барем уште еднаш ќе играм против Надал

Новак Ѓоковиќ сака повторно да игра со Рафаел Надал пред да се повлече од тенисот.

„Имам голема почит кон легенда како Рафа и се надевам дека ќе играм со него барем еднаш пред да му заврши кариерата. Тој е добра личност и легенда на нашиот спорт. Тој е мојот главен ривал. Во Австралија реков дека се надевам дека ќе го видам барем на уште еден или два турнири. Сè уште верувам во тоа“, сподели Новак за еден од неговите најголеми ривали во кариерата.

Шпанскиот репрезентативец веќе неколку пати сигнализираше дека наскоро може да стави крај на својата натпреварувачка тениска кариера.


Ѓоковиќ го откажа настапот на Мастерсот во Мадрид

Мастерсот во Мадрид ќе биде „посиромашен“ за најдобриот тенисер Новак Ѓоковиќ, кој се реши да го откаже овој турнир. На негово место во главната ждрепка влезе Лука ван Еш.

Србнинот последен пат настапуваше на овој турнир во 2022 година, кога испадна во полуфиналето од Карлос Алкарас. Ова ќе значи дека Јаник Синер ќе биде прв носител на турнирот.

Ѓоковиќ ќе се подготвува за мастерсот во Рим, што ќе му биде „генерална проба“ пред Ролан Гарос. Српскиот тенисер изјави дека неговата цел е да биде во одлична форма за Франција.


Мугуруза објави неочекуван крај на кариерата

Шпанската тенисерка Гарбине Мугуруза објави дека се повлекува од професионалниот тенис.

Во јануари 2023 година, спортистката објави дека паузира од кариерата.

„Исклучително сум им благодарна на сите луѓе кои ми помогнаа и ме придружуваа на овој пат. Сега сум подготвена да започнам ново поглавје во мојот живот, кое веројатно ќе биде некако поврзано со тенисот и спортот“, рече Мугуруза на прес-конференција во Мадрид.

Триесетгодишната Шпанка е поранешен светски рекет број еден. За време на нејзината кариера, таа освои два Грен слем турнири во сингл (Ролан Гарос 2016 и Вимблдон 2017). Вкупно има 15 ВТА титули (десет од нив во сингл).


Надал последен пат играше на турнирот во Барселона

Поранешниот тенисер број еден во светот, Рафаел Надал вели дека тешко дека повторно ќе игра во Барселона. Матадорот од Мајорка 12 пати го освојуваше трофејот во Барселона, а сега во второто коло загуби од Алекс де Минор со 7-5, 6-1.

„!Можам со речиси целосна сигурност да кажам дека нема повеќе да се натпреварувам овде. Посакувам да можев да бидам поконкурентен, но за мене беше убаво што можев да одиграм два натпревари. Тешко ми е… Имав среќа да напишам прекрасна историја на овој турнир, а сега другите ќе се обидат да ме престигнат. Се има почеток и крај, нема драма“, изјави Надал.

Додаде дека ќе игра во Мадрид ако се чувствува добро, а сега треба да одработи добра недела на тренинзи.

Шпанецот се обидува да гледа на иднината со оптимизам.

„Овде заминувам убеден дека направив чекор напред, не требаше да бидам на својот врв денес. Ако моето тело добро реагира на тренинзите, верувам дека ќе направам чекор напред и во Мадрид. Ако телото може да го издржи дополнителното оптоварување, тогаш ќе можам да се справам подобро – не зборувам за победа, туку за да имам ниво на игра за да можам да се борам. Малку подобро во Мадрид, малку подобро во Рим и во Париз, ако даде Господ. Тоа ќе биде моментот да се обидам да дадам се од себе, тоа ќе биде моментот да умрам за тоа“, изјави Рафа по мечот.


Алкараз се враќа и ќе го брани трофејот во Барселона

Карлос Алкараз го пропушти Мастерсот во Мајами поради повреда на раката, но е пријавен за турнирот од серијата 500 кој идната недела ќе се одржи во Барселона.

Неговото име фигурира на листата на учесници и ќе учествува во ждрепката во која ќе биде прв носител, а со тоа и ќе ја брани титулата освоена минатата година.

Во Барселона не играат Новак Ѓоковиќ и Јаник Синер, но пријавени се Андреј Рубљев, Каспер Руд, Алекс де Минор, Стефанос Циципас итн.

Турнирот во Барселона почнува в понеделник, но со оглед на тоа што е прв носител, својот меч Алкараз ќе го одигра на 17 април.


Надал пак е повреден, ќе ги скокне првите турнири на земја


Шпанскиот тенисер Рафаел Надал поради проблеми со грбот ќе отсуствува околу шест недели, пренесува денеска весникот Диарио Спорт.

Според изворот, голема е веројатноста Надал да ги пропушти турнирите во Монте Карло, Барселона и Мадрид.

Оваа сезона, 37-годишниот Шпанец настапи на турнирот во Бризбејн, каде во четвртфиналето загуби одавстралискиот тенисер Џордан Томпсон.

Надал притоа го повреди колкот поради што го пропушти Австралија Опен и се повлече од турнирите во Доха и Индијан Велс.


Халеп добива вајлд-карта за Мастерсот во Мадрид

Двократната Грен слем шампионка и поранешната светска тенисерка број 1, Симона Халеп, го искажа своето воодушевување што доби уште една вајлд-карта за настап на голем Мастерс турнир. Таа доби покана да настапи на Мастерсот во Мадрид.

„Многу им благодарам на организаторите на турнирот во Мадрид за оваа можност. Мадрид отсекогаш бил посебно место за мене, од кое останале радосни спомени. Благодарна сум за шансата да создадам нови моменти. Се гледаме наскоро“, напиша Халеп на социјалните мрежи.

Турнирот во Мадрид ќе се одржи од 23 април до 4 мај. Интересно, специјална покана од организаторите на турнирот доби и данската тенисерка Каролин Вознијацки, која претходно јавно ги критикуваше организаторите на турнирот во Мајами (САД) дека и дале вајлд-карта на Халеп, која се врати откако беше дисквалификувана поради допинг.