тенис

Кирјос застана во одбрана на Ѓоковиќ: Новак е нашиот Леброн Џејмс

Кирјос, кој минатата недела го нарече Ѓоковиќ „будала“, во интервју за американската телевизиска мрежа Си-ен-ен, рекол дека „Ѓоковиќ е нашиот Леброн Џејмс“.
Кирјос, во интервјуто истакнал дека се чувствува сигурно во пресрет на првиот Гренд слем во сезоната, Австралија опен. Тој рекол дека Ѓоковиќ мора да се однесува одговорно, бидејќи е пример за останатите играчи.
„Мислам дека е важно да се повикаат играчите на одговорно однесување, особено тоа треба да важи за оној кој е лидер на нашиот спорт“, рекол Кирјос.
„Технички, Ѓоковиќ е нашиот Леброн Џејмс, мора да им дава пример на останатите тенисери. Едноставно не беше вистинското време да го прави она што тој го правеше во екот на пандемијата. Сите ние правиме грешки и за нив треба да одговараме. Мораме да бидеме одговорни. Ние сме колеги, се натпреваруваме едни против други, но никој друг не го прозва за она што го правеше со својот турнир“, заклучил Кирјос.


Намалени наградите на Австралија Опен

Организаторите на Австралија Опен донесоа одлука да ја реструктуираат поделбата на парите кога наградите се во прашање. Така, победниците во машка и женска конкуренција годинава ќе добијат помала награда во однос на минатата година. Како што е соопштено, на шампионите во сингл конкуренција ќе им бидат доделени околу 2,75 милиони австралиски долари, во однос на минатогодишните 4,12 колку што добија Новак Ѓоковиќ и Софија Кенин. Наградниот фонд сепак ќе остане ист, 71,5 милиони австралиски долари, па тенисерите кои ќе бидат елиминирани во раните фази ќе добијат поголема награда во однос на минатата година. На пример, поразените во првото коло ќе заработат дури сто илјади долари, што е зголемување за 10 отсто од минатогодишното издание.


АТП турнирот повторно се враќа во Белград

Здружението на тениски професионалци (АТП), додаде два нови турнири во својот календар како би ги зголемиле шансите за настап на играчите, кои во голема мера беа ограничени поради пандемијата на коронавирусот.
Статус на АТП турнири добија турнирот во сала во Сингапур, кој ќе се игра од 22. до 28. февруари, како и турнирот на земја во шпанска Марбела, кој на програмата е од 5. до 11. април.
Исто така, турнирот на земја кој требаше да се игра во април во Будимпешта, се преместува во Белград. Во главниот град на Србија пред десетина години се играше Србија Опен, се одржаа три изданија на турнирот, а два освои Новак Ѓоковиќ.
Од друга страна, откажан е единствениот турнир на земја во САД, оној во Хјустон кој вообичаено се игра во април.


Два позитивни случаи пред почетокот на Австралија опен

Случаите на позитивни играчи и вработени на Австралија опен со ковид-19 се искачија на 10. Денеска организаторите на првиот Грен Слем за оваа година, потврдија дека има уште два позитивни случаи меѓу играчите, плус уште два случаи меѓу вработените.
Засега, 72 тенисери се во изолација откако слетаа со чартерите за да го поминат периодот на карантин пред настап на турнирот. Според планираното, Австралија опен ќе стартува на 8 февруари.


Австралија Опен останува на три освоени сетови

Директорот на Австралија Опен, Крег Тили ги отфрли барањата на неколку тенисери за натпреварите на овој турнир во машка конкуренција годинава да се играат на два освоени сетови, а не како што е вообичаено на три.
„Ние сме гренд слем. Сега се игра на три добиени сетови во машка и на два добиени во женска конкуренција, а ние ќе се држиме до тоа.“ – вели Тили.
Организаторите на првиот гренд слем турнир годинава, организираа дури и чартер летови со кои допатуваа учесниците, а по позитивните тестови на коронавирус помеѓу патниците во три авиони кои викендов слетаа од Абу Даби, Лос Анџелес и Доха, 72 тенисери се во изолација во хотелските соби кои не смеат да ги напуштат.
Од минатиот четврток, во Австралија допатуваа повеќе од 1.200 тенисери, тренери, претставници на медиуми како би се подготвиле за Австралија Опен.
Почетокот на турнирот е планиран за 8. февруари во Мелбурн, три недели подоцна од првичниот план поради острите мерки на Австралија при влез во земјата.
Границите на Австралија се затворени, освен во вонредни околности, а сите кои допатуваа ќе мораат во карантин на 14 дена.


Се поместува терминот за одигрување на Австралија Опен?!

Извршниот директор на Австралија Опен, Крег Тили ја отфрли можноста да се помести одигрувањето на првиот гренд слем од сезоната поради големиот број на тенисери кои се наоѓаат во карантин. Тили ја остави можноста за Владата на државата Викторија да донесе некои посебни мерки за изолација, доколку се стекнат услови. „Ниту еден играч додека е во изолација нема да може да го напушта хотелот. Сега ја разгледуваме ситуацијата од недела во недела, па во консултации со Владата ќе донесеме одлуки. Што се однесува до одлагањето или промените на распоредот, тоа воопшто не е во план и распоредот останува како што и претходно беше најавен. Единствена можност е да играчите кои се во карантин добијат поголем простор во хотелот каде ќе можат да тренираат.“ – изјави Тили. Бранител на титулата во машка конкуренција е Новак Ѓоковиќ, кој во минатогодишното финале го совлада Доминик Тим. Турнирот треба да стартува за нешто помалку од три недели.


Родена е без половина прсти, а сега направи сензација на Австралија Опен!

Франческа Џонс, 20-годишната британска тенисерка, направи едно од најголемите изненадувања на стартот на квалификациите за Австралија Опен. Таа ја победи тенисерката од Романија, Моника Никулеску која е 144. тенисерка на светот и некогашна топ 30 тенисерка, со резултат 6:3, 6:2. Џонс е родена со ектодермална дисплазија, односно со по четири прсти на рацете и со седум< прсти на нозете. „Играм тенис со различни карти од другите, но тоа не значи дека не можам да победам со тие карти.“ – порача Џонс воочи натпреварот со Никулеску во Доха, каде се играат квалификациите за првиот гренд слем годинава. „Мислам дека мојата најголема предност е главата, бидејќи во животот поминав низ секакви ситуации и бројни операции. Многу луѓе на мое место тоа не би го виделе како предност, но јас поради тоа се чувствувам многу посилна. Се наоѓам на чекор напред бидеќи поради болеста научив многу за себе и животот.“ – вели Џонс. Таа во У-14 конкуренција во еден момент беше четврта тенисерка на светот, но потоа имаше низа на операции поради кои кариерата и беше успорена. Тенисерката од Лидс, минатата година дојде до 241. место на ВТА листата, па така избори место во квалификациите за Австралија Опен.


Победа во првиот меч на Лина Ѓорческа во новата година

Нашата најдобра тенисерка на ВТА листата, Лина Ѓорческа, успешно ја започна новата сезона. Таа во 1. коло на ИТФ фјучерсот во Хамбург, Германија, успеа да ја победи италијанката Татијана Пиери со 2-1 по сетови (1-6, 6-2, 10-2).
Ѓорческа во наредната рудна ќе ги одмери силите со домашната претставничка, Ела Шајдел, која патем кажано доби „вајлд-карта“ за да настапи на турнирот.
Победникот од тој меч ќе си обезбеди место во главната шема на собирот во Хамбург кој се игра за награден фонд од 25.000 американски долари.


Кики Бертенс го пропушта Австралија Опен

Холандската тенисерка Кики Бертенс, соопшти дека поради опоравување од повредата на ахиловата тетива, ќе го пропушти првиот гренд слем турнир годинава во Австралија. „Мојата рехабилитација се одвива добро, но морав да ја донесам оваа тешка одлука годинава да го прескокнам патувањето во Австралија. Турнирот е прерано за мене, а ризикот е голем.“ – објави Бертенс на својот Твитер профил. Холандската тенисерка наведе дека се надева на нејзино враќање на тениските терени во март. Бертенс, која во моментот се наоѓа на деветтото место на ВТА листата, досега на гренд слем турнирите има најдобар резултат на Ролан Гарос, кога во 2016. година стигна до полуфиналето. Отвореното првенство на Австралија ќе започне на 8. февруари, а ќе трае до 21. февруари.


Тони Надал: Алкараз ќе биде наследник на Рафа

Тони Надал се грижи да пронајде и да усоврши таленти кои во иднина би можеле да постигнат слични успеси како оние на неговиот внук, но искусниот Надал сега открива дека најблиску до тоа е Карлос Алкараз кој имаше импресивен напредок во 2020-та година.
Како 17-годишен тинејџер, Алкараз оваа сезона направи значаен исчекор во кариерата и беше дел од неколку професионални турнири, а чичкото на Надал типува дека тој може да го наследи Рафа со оглед на тоа што поседува страшен тениски потенцијал и оружја во својата игра.
„Првпат го гледав Алкараз на турнир кој се играше во нашата академија и покрај поразот тој ден, заклучив дека тој има брилијантна кариера пред себе. Алберт Молина е негов менаџер и тој е мој добар пријател, па веќе ми забележа што со моите изјави можам да му префрлам голем притисок. Јас во Карлос гледа глава која може да се носи со притисокот, многу е зрел за 17 години и веќе има изградено агресивна игра со многу варијации. Сите удари му се добри и неговата еволуција во ранкингот е константна. Стигна до 136-то место на АТП листата, направи голем исчекор од јуниорските денови каде постојано беше прв или втор“, вели Тони Надал.