тенис

Кирјиос ќе игра на Ролан Гарос по пауза од осум години

Австралискиот тенисер Ник Кирјиос ќе игра на Ролан Гарос за првпат од 2017 година. Контроверзниот тенисер е на списокот на играчи во двојки регистрирани за Отвореното првенство на Франција. Партнер ќе му биде сонародникот Џордан Томпсон.

Кирјиос е без настапи на тениските терени од Мастерсот во Мајами, а ќе игра во сингл на турнирот во Штутгарт.


Зверев сака еден ден да биде трениран од Ѓоковиќ

Германскиот тенисер Саша Зверев се надева дека Новак Ѓоковиќ еден ден ќе му биде тренер.

Пред некое време, Данил Медведев изјави дека слушнал оти Новак, кога ќе ја заврши кариерата, ќе го тренира Зверев.

На Мастерсот во Рим, на тенисерите им беше поставено прашањето – кого би сакале да видат за тренер.

Алекс де Минор, Холгер Руне, Стефанос Циципас го издвоија Новак, исто како и Зверев, кој одговори со насмевка.

„Кога ќе се пензионира, сигурно ќе ми биде тренер. Тоа е тоа“, вели Зверев.

Следеше констатција дека многумина би го посакале Новак на тоа место.

„Тој е мојот тренер. Потпишавме“, истакна Саша на шега.


Неколку кандидати за тренер на Новак Ѓоковиќ

Пред Ролан Гарос Новак Ѓоковиќ бара нов тренер, а постои листа на очигледни кандидати за тоа место.

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, повлече (не)очекуван потег пред Ролан Гарос – одлучи да го отпушти Енди Мареј и да заврши соработката која не донесе титули.

На листата на кандидати има и неколку исклучително интересни имиња – од легендарни тенисерки до Виктор Троицки.

Кога Ѓоковиќ се раздели со Иванишевиќ, странските медиуми пренесоа вест дека најдобриот на сите времиња би можела да го тренира жена!

Тогаш се спомнуваа Амели Морезмо, Кончита Мартинез и Џуди Мареј, мајка на неговиот подоцнежен тренер Енди. Имаше и оние кои ја поддржуваа идејата дека легендарната Моника Селеш прифати својот прв тренинг ангажман и го води Новак Ѓоковиќ кон трофеите, но малку е веројатно дека тоа ќе се случи.


Ролан Гарос додели вајлд-карти за Вавринка и Гаске

Трикратниот шампион на Гренд слем турнирите, Швајцарецот Стен Вавринка и легендарниот француски тенисер Ришар Гаске добија специјални покани (вајлд карти) за појавување во главниот ждреб на Ролан Гарос, објавија организаторите.

На женскиот турнир, француските тенисерки Дајан Пари (102-ра на ранг-листата на ВТА), Леолија Жанжан (104-та) и Клое Паке (138-ма) исто така добија покани за директен влез во главниот жреб на турнирот, објави Француската тениска федерација (FFT).

Гаске (38), кој моментално е на 160-то место на светската ранг-листа, уште во октомври објави дека овогодинешниот Ролан Гарос ќе биде последниот турнир во неговата кариера, па затоа неговата вајлд-карта беше очекувана. Имаше малку поголема неизвесност околу Вавринка (132-ри на АТП листата), шампионот на Отвореното првенство на Франција во 2015 година, но организаторите решија и него да го почестат.


Заврши соработката меѓу Ѓоковиќ и Мареј

Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј по само шест месеци ја прекинаа соработката. Српскиот тенисер тоа го потврди и преку социјалните мрежи.

„Ти благодарам, тренеру Енди, за сета напорна работа, за забавата и поддршката во изминатите шест месеци, на теренот и надвор од него.

Му благодарам на Новак на неверојатната можност да работиме заедно. Му посакувам се најдобро во продолжението на сезоната“, напиша Мареј.


Ивановски поразен во квалификациите во Загреб

Македонскиот тенисер Калин Ивановски не успеа да се пласира на главниот М75 челенџер во Загреб, откако беше поразен во последното квалификациско коло од Босанецот Мирза Башиќ со конечни 2-1, по сетови 4-6, 6-3 и 7-6/1.

Мечот траеше два часа и 23 минути, а победата на крајот сепак замина кај 33-годишниот Башиќ, кој ќе го продолжи настапот на турнирот во Хрватска.


Ѓоковиќ доби „вајлд-карта“ за учество во Женева

Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ доби посебна покана за учество на АТП турнирот во Женева и ја прифати. Ова значи дека тој ќе се бори за својата 100-та титула во кариерата во швајцарскиот град.

Настанот е закажан за неделата пред Ролан Гарос, од 17 до 24 мај.

За потсетување, Ѓоковиќ претходно се повлече од Мастерсот во Рим, без многу објаснувања, по неколку неочекувани порази во првите кола на големите турнири.

Минатата година, Новак стигна до полуфиналето во Женева кога беше елиминиран од Томас Махач. Оваа година, Ѓоковиќ ќе се соочи со Тејлор Фриц, Каспер Руд, Григор Димитров, како и со Махач и други како негови конкуренти за титулата.

Србија ќе има уште еден претставник, бидејќи Миомир Кецмановиќ, исто така, ќе биде во главниот состав.


Руд: Ми олесна по триумфот во Мадрид, претходно загубив шест финалиња

По освојувањето на својата прва Мастерс титула во кариерата, Норвежанецот Каспер Руд откри што чувствувал по триумфот во Мадрид.

Во финалето тој го победи Џек Дрејпер со 7-5, 3-6, 6-4. Пред ова, Норвежанецот загуби шест претходни големи финалиња.

„Тоа беше мешавина од олеснување, радост и чиста среќа. Последните неколку години на турнеја покажаа колку е тешко да се настапи добро на најголемите турнири. Никогаш не сум успеал да стигнам до самиот крај и да ја освојам титулата, но овој пат го направив тоа. Многу сум горд на оваа недела во Мадрид бидејќи ја задржав концентрацијата во текот на целиот турнир и во финалето. Го загубив вториот сет, Џек ја презеде контролата, но на крајот се вратив во мечот. Особено сум задоволен од последниот натпревар и горд на начинот на кој го завршив натпреварот“, изјавил Руд.


Заврши казната на Синер, Италијанецот се враќа на Мастерсот во Рим

Италијанскиот тенисер Јаник Синер официјално повеќе не е под суспензија. Денес му истече тримесечната суспензија, претходно изречена поради кршење на антидопинг правилата.

Иако беше суспендиран, Италијанецот не загуби многу, сè уште е прв во светот, со речиси 2.000 поени повеќе од второпласираниот Саша Зверев.

Првиот турнир на Синер по неговото враќање ќе биде Мастерсот во Рим, кој започнува оваа среда, а потоа ќе игра и во Хамбург, со цел да собере што е можно повеќе натпревари пред Ролан Гарос.

Според најавите, денес, тој ќе тренира на еден од терените на комплексот во Рим, а спаринг сесијата ќе биде отворена за јавноста, додека првиот натпревар по суспензијата ќе се игра во втората рунда, бидејќи е слободен во првата, во петок или сабота.


Каспер Руд по голема борба го освои Мадрид

Норвешкиот тенисер Каспер Руд ја освои титулата на Мастерсот во Мадрид.

Во финалето во Мадрид, тој го победи британски тенисер Џек Дрејпер со 2-1 во сетови, резултатот беше 7-5, 3-6, 6-4 за два часа и 29 минути игра.

Тој му го одзеде сервисот на Дрејпер во третиот гем од првиот сет, ја зачува предноста до крајот и поведе во мечот.

Дрејпер играше подобро во вториот сет, направи два брејка во седмиот и деветтиот гем и се избори за решаачки сет.

Во решавачкиот сет, Руд направи брејк во петтиот гем, го задржа водството до крајот и стана првиот Норвежанец кој освоил титула на турнирите од Мастерс серијата.

Тој моментално има 13 АТП титули.