тенис

Ѓоковиќ го потврди учеството на Мастерсот во Индијан Велс

Новак Ѓоковиќ го потврди турнирот на кој ќе се врати на терените по поразот од Јаник Синер на Австралија Опен. Српскиот тенисер ќе учествува на Индијан Велс од Мастерс серијата.

Имаше дилеми дали ќе игра Новак на овој турнир каде што не се појавил од 2019 година поради пандемијата со корона-вирусот, но преку неговиот официјален сајт Ѓоковиќ потврди дека ќе настапи тука.

Турнирот во Индијан Велс се игра од 6-ти до 17-ти март, а Ѓоковиќ досега освои пет титули, последната беше во 2016 година.

Засега нема потврда дали ќе продолжи и во Мајами каде што исто така поради ковид правилата не играше изминатите години.


Кирјиос изненадувачки најави завршување на кариерата

Aвстралискиот тенисер, Ник Кирјос ги изненади љубителите на тенисот признавајќи дека е пред одлука да ја заврши кариерата.

Во својата последна колумна за „Еуроспорт“ каде што работи како коментатор на случувањата на Австралија Опен, Кирјос најави дека разгледувал можност да стави крај.

Тој се мачи со повреди и поради тоа го пропушти овогодинешниот Австралија Опен и сега е поблиску до одлука да се повлече од играњето тенис.

„На една крстосница сум во кариерата, дојдов до точка каде што почнав да размислувам за живот по тенисот.

Разговарав со менаџерот и тој ми кажа дека би можел да патувам низ светот и да заработувам од коментирање спорт, да правам интервјуа за ток-шоуа…Реалноста е дека дел од мене знае дека времето на теренот за мене можеби е и истечено и тоа е нормално“, изјави Кирјос.


Аранча Санчез Викарио осудена на условна затворска казна

Поранешната шпанска тениска ѕвезда Аранча Санчез Викарио е осудена на условна затворска казна поради измама, соопшти денеска судот во Барселона.

Санчез Викариo и нејзиниот поранешен сопруг Жозеп Сантакана, заедно со уште три лица, се осудени поради прикривање имот со цел да избегнат плаќање долг од 7,6 милиони евра на луксембуршката банка „Banque de Luxembourg“, вклучувајќи и камати.

Поранешната шпанска тенисерка нема да отслужи затворска казна под услов да не го прекрши законот во следните две години.

Санчес Викарио и нејзиниот сопруг, кои се разведоа во 2019 година, го отфрлија обивението, а Сантакана е осуден на три години и три месеци затвор, се наведува во судското соопштение.

Санчез Викарио го обвини Сантакана, тврдејќи дека тој располагал со нејзините пари и оти не била свесна за незаконските активности на својот поранешен сопруг, кој на банката треба да ѝ плати отштета од 6.6 милиони евра.

Големото име на шпанскиот женски тенис, Санчез Викарио, три пати триумфираше на Ролан Гарос, а ја освои титулата и на Ју Ес Опен, пред да се пензионира во 2002 година.


Француски тенисер суспендиран на десет години заради местење мечеви

2RNJNE3 Sept. 1, 2023, New York, NY: Frances Tiafoe (USA) catches balls during his match against Adrian Mannarino (FRA) on day five of the 2023 US Open. ©Susan Mullane/Alamy Live

Лени Митјан е француски тенисер кој не е познат на пошироката јавност, но сега се најде во центарот на вниманието поради скандал.

Имено, Митјан доби суспензија од цели 10 години поради местење натпревари во тенисот и ќе мора да плати казна од 20.000 долари.

Оваа одлука е донесена поради неодамна завршениот кривичен случај поврзан со синдикатот за местење натпревари во Белгија. Григор Саргасјан кој бил главен на овој синдикат е осуден на пет години затвор по соработката со ИТИА и белгиските власти.

Во текот на 2018 година Митјан беше рангиран како 458-ми тенисер во светот, а тој ги отфрли обвинувањата за местење натпревари помеѓу 2017-та и 2018-та година. На крајот сепак беше потврдено дека учествувал во местење на мечеви и влијаел на други играчи да не го даваат својот максимум.

Неговата суспензија ќе важи до 21-ви декември 2033 година, а во тој период не може да игра, но ниту да присуствува на било кој настан организиран од АТП или ИТФ.


Мареј: Ми недостигаат големите дуели со Надал и Ѓоковиќ

Енди Мареј рече дека му недостасуваат пресметките на теренот против големите ривали Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, и изрази надеж дека повторно ќе игра против нив во завршниците на големите турнири.

Надал идната недела се враќа на теренот, на турнирот во Бризбејн, по речиси едногодишна пауза поради повреда, а Мареј последен пат играше против Шпанецот во 2016 година.

Мареј, кој исто така ќе настапи во Бризбејн, имаше проблеми изминатите години со колкот и поради тоа долго отсуствуваше од теренот, но успеа да се врати меѓу најдобрите 50 тенисери на АТП листата. Против најдобриот светски рекет Ѓоковиќ играше само еднаш од 2017 година.

„Би сакал да имам можност повторно да играм против нив, идеално би било во подоцнежните фази на големите турнири. Ми недостасува тоа чувство. Не се сеќавам кога последен пат играв против нив“, рече Мареј во изјава за британските медиуми.


Австралија Опен го зголеми наградниот фонд за 13%

Наградниот фонд на Австралија Опен е зголемен за 13% и изнесува 59.1 милиони долари, објавија денеска организаторите на првиот сезонски грен – слем турнир кој почнува на 14 јануари во Мелбурн.

„Го зголемивме наградниот фонд за секое коло на Австралија Опен, со големи зголемувања во квалификациите и воведните рунди во поединечна конкуренција и во двојки. Клучно за продолжување на успехот на Австралија Опен е најдобрите играчи во светот да добијат соодветен надомест, бидејќи знаеме дека тоа на тенисерите им овозможува инвестирање во сопствените кариери и во многу случаи им помага во остварување на успех во текот на целата сезона“, изјави директорот на грен – слем турнирот во Мелбурн, Крег Тилеј.

Настапот во првото коло на тенисерите ќе им донесе награда од 82.000 долари, додека победниците во машка и женска конкуренција ќе инкасираат по 2.1 милиони долари.

Во квалификациите на женскиот турнир ќе настапи и најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа.


Ѓоковиќ: Алкараз ќе доминира во следните десет години

24-кратниот победник на Грен слем собирите и лидер на ранг-листата на Здружението на тениски професионалци (АТП), српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, го искажа  мислењето за вториот рекет на светот, 20-годишниот Шпанец, Карлос Алкараз.

„Тој ќе биде еден од најголемите лидери во тенисот во наредните 10-15 години. Дефинитивно ќе продолжиме да гледаме многу работи од него на големите турнири. Надал не играше во 2023 година, Федерер се пензионираше. Нашата генерација си заминува а тоа што се појавува во Алкараз е одлично“, изјави Ѓоковиќ.


Венус Вилијамс не размислува за пензија

Американската тенисерка Венус Вилијамс, најави дека ќе се врати на теренот во март следната година на ВТА турнирот во Индијан Велс, пренесуваат американските медиуми. Вилијамс се опоравува од повредата на коленото.

Таа се повреди на натпреварот од првото коло на Вимблдон против Елина Свитолина.

„Во текот на летото играв со повреда, речиси никој не го знаеше тоа. Не сакав да го пропуштам УС Опен. Бев елиминиран во првото коло на турнирот во Њујорк, а потоа решив да не играм до крајот на годината, затоа што му дадов шанса на моето колено да заздрави“, изјави Вилијамс.

Американската тенисерка најави дека ќе го пропушти првиот дел од следната сезона, бидејќи планира да се врати на теренот во март. Таа истакна дека очекува настап на турнирот во Индијан Велс кој е закажан од 6 до 17 март следната година.


Халеп најави пензија ако ѝ биде потврден допинг-тестот

Симона Халеп најави дека ќе се повлече од тенисот доколку нејзината жалба не биде прифатена и усвоена.

Романската тенисерка истакна дека најверојатно ќе објави крај на кариерата, доколку судот за спортска арбитража не ја усвои нејзината жалба околу суспензијата која и ја спакуваа.

Да потсетиме, поранешната прва тенисерка во светот е привремено суспендирана, поради наводно тврдења дека е вмешана во допинг консумирање во октомври 2022 година, што значи дека нејзината забрана би траеал до 6 октомври 2026 година, а тоа ќе значи дефинитивен крај за неа.

Тридневното рочиште пред судот за спортска арбитража, по нејзино барање е закажано за почетокот на февруари.

„Четири години е многу за мојата фаза од кариерата, не знам како ќе го поднесам тоа, ако не ми ја усвојат жалбата, веројатно тоа ќе биде крај за мојата кариера“, порача Халеп за Еуроњуз.

Халеп е двократен освојувач на гренд слем турнирите, во 2018 година го освои Ролан Гарос, а година дена подоцна и Вимблдон.


Ѓоковиќ и Алкараз го одиграа натпреварот на годината

Финалето на Мастерсот во Синсинати во кое Новак Ѓоковиќ го совлада Карлос Алкараз со 2-1 (5-7, 7-6, 7-6) по три часа и 49 минути игра е прогласен за најдобриот тениски дуел во 2023 година во избор на Светската тениска федерација (АТП).

Во образложението на изборот АТП наведе дека Ѓоковиќ и Алкараз одиграле „дуел кој долго ќе се памети во светот на тенисот“.

Србинот Ѓоковиќ се извлече од пораз кога Шпанецот Алкараз имаше меч – топка, по што дојде до триумф во најдолгиот дуел во два сета уште од 1990 година.

„Ѓоковиќ го подигна нивото на игра во импресивна демонстрација на физичка издржливост и ментална сила, спасувајќи меч – топка во тајбрејкот во вториот сет пред да го совлада младиот противник и да ја освои својата 39. мастерс титула“, наведе АТП.