тенис

Надал се согласи да игра на отворањето на новиот „Сантијаго Бернабеу“

20-кратниот освојувач на Грен Слем турнирите, Шпанецот Рафаел Надал ја прифати понудата од претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез да игра на егзибициски тениски натпревар на отворањето на реновираниот стадион „Сантијаго Бернабеу“.
Долгогодишниот навивач на Реал Мадрид треба да игра против Роџер Федерер, но доколку Швајцарецот не се согласи, организаторите ќе се обидат да го поканат Новак Ѓоковиќ.
Реновирањето се очекува да заврши следната година. Стадионот со капацитет од 81.000 гледачи може да стане најголемиот објект на кој се одиграл еден тениски меч во историјата.


Надал се откажа од уште еден важен турнир

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал потврди дека се откажа од настап на Мастерс турнирот во Мајами, кој ќе се игра на крајот од овој месец, како би се подготвил што подобро за претстојниот дел од сезоната на земја, која стартува за помалку од месец дена.
Оваа информација со жалење ја потврди третиот тенисер на светот.
„Со тага објавувам дека сезонава нема да учествувам на турнирот во Мајами, град кој го сакам. Морам целосно да се опоравам за сезоната на земја во Европа. Посебна порака им испраќам на моите фанови во САД, посебно на оние во шпанското говорно подрачје на Флорида кои ми даваат голема поддршка.“ – напиша Надал.
За потсетување, Надал неделава го препушти второто место на АТП листата на една деценија помладиот Даниил Медведев, а првиот турнир на земја ќе го има на 11. април кога стартува Монте Карло.
Надал никогаш не славел на турнирот во Мајами, а последното финале го одигра во 2017. година, кога беше поразен од Федерер.


Тенисер на сред натпревар се закануваше со убиство!

Тенисерот од Босна и Херцеговина, Дамир Џумхур беше дисквалификуван од турнирот во Акапулко по скандалозното однесување на натпреварот против Холанѓанецот Ботик ван Сандсхулп.
Се се случи во момент кога Ван Сандсхулп зеде брејк, што го револтираше Џумхур кој започна да удира со топчиња кон противникот, да го навредува судијата и да се заканува со убиство.
Повод за ваквото однесување беше дискутабилната одлука која претходеше на брејкот, бидејќи линискиот судија сигнализираше поен, нешто со што Џумхур не се согласи.
Интересно е дека 125. тенисер на светот сам го напушти теренот по овој инцидент, а кратко потоа се огласија и организаторите на турнирот во Акапулко потврдувајќи ја дисквалификацијата на Џумхур поради лошото однесување.
За потсетување, овој тенисер своевремено беше на 23. место на АТП листата.


Медведев испиша историја на АТП листата!

Ако почетокот на минатата недела на АТП листата го одбележа рекордот на Новак Ѓоковиќ по бројот на недели поминати на првата позиција, третата недела од март ќе помине во знакот на Даниил Медведев, кој по турнирот во Марсеј се проби на второто место. Избивањето на 25-годишниот руски тенисер на втората позиција одекна во светот на тенисот, бидејќи Медведев е првиот играч по 15-годишната доминација на големата четворка кој успеал да го оствари ова достигнување. Претходните деценија и половина тоа беа само Ѓоковиќ, Надал, Федерер и Мареј. Медведев по триумфот во Марсеј му побегна на второпласираниот Надал 270 бодови, а Ѓоковиќ ја започна 312 недела на чело на АТП листата. Откако Медведев го помина на листата, на Надал му се заканува и Доминик Тим, кој се доближи на само 45 бода. Меѓу првите 10 остана и Циципас, Федерер, Зверев, Рубљев, Шварцман и Беретини.


Федерер се врати, па најави повторно повлекување!

Роџер Федерер, еден од најдобрите тенисери на сите времиња, но сега по година дена пауза и поради повреда и операција на коленото дури шести играч на светот, ги изненади сите со својата објава по поразот во четвртфиналето во Доха. По поразот од 42. играч од АТП листата, Николоз Басилашвили, иако имаше меч топка, Федерер објави дека повторно се повлекува. „Беше одлично да се вратам на терен, уживав во секоја минута помината во Доха. Голема благодарност до мојата екипа која ми помогна да дојдам до овде. Сепак, одлучив дека би било подобро да се вратам на тренинзите и затоа нема да играм во Дубаи наредната недела. Поразот во Доха веќе го преболив, можеби никогаш полесно. Започнав од нула и среќен сум што успеав да одиграм два натпревари во три сега со одлични играчи. Тоа беше доста важен чекор за мене. Се уште не сум на 100 отсто, тоа можам да го видам и почувствувам. Целта ми е да бидам на максимум до почетокот на сезоната на трева, тогаш за мене започнува сезоната. Можеби ќе бидам подобар пред турнирите на трева, но тоа би бил само бонус.“ – вели Федерер. 40-годишниот Федерер е освојувач на 20 гренд слем титули, што е рекорд кој го дели со Рафа Надал. Меѓутоа, опасно им се приближува седум години помладиот Новак Ѓоковиќ, кој со триумфот на Австралија Опен дојде до 18 гренд слем титули, а неодамна го сруши рекордот на Надал по бројот на недели поминати на првото место на АТП листата. Новак е таму веќе 311 недели.


По 405 дена, Федерер се врати на тенисот!

Роџер Федерер повторно игра тенис. Во својот прв натпревар по минатогодишниот Австралија Опен, односно 405 дена пауза поради две операции на десното колено, на АТП турнирот во Доха го победи Даниел Еванс со 7:6, 3:6 и 7:5. Долгата пауза остави и мала трага на освојувачот на 20 гренд слем турнири, кој беше и малку збунет со некои новости на своето враќање на терен. Така, мораше да го прашува главниот судија Мохамед Лајани колкава е максималната пауза измеѓу два поени, а не беше сигурен ниту дали мора тој да се погрижи за неговата крпа, или тоа ќе го направи некој од собирачите на топчиња. Федерер, кој немаше настап од поразот против Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Австралија Опен минатата година, го освојуваше турнирот во Доха во 2005, 2006 и 2011. година.


Ѓоковиќ апсолутен рекордер – 311 недели на врвот на АТП листата

Новак Ѓоковиќ официјално од денес стана историски број еден, односно тенисер со најголем број на недели на врвот на АТП-листата. Новак Ѓоковиќ денес ја започнува 311 седмица на врвот на АТП листата, а второто место му припаѓа на Роџер Федерер кој останува на 310 седмици. Зад нив се Пит Сампрас со 286, Иван Лендл со 270 и Џими Конорс со 268 седмици. Првпат Ѓоковиќ се искачи на првата позиција на АТП листата во 2011 година, а од тогаш до сега вкупно 311 недели бил водечки тенисер во светот. Следната цел на Ѓоковиќ во кариерата треба да биде бројот на Грен Слем титули. Во моментов зад неговото име се 18 Грен Слем титули, а пред него се Рафаел Надал и Роџер Федерер со по 20 освоени титули на големите турнири.


Федерер откажа настап на уште еден голем турнир

Великанот на светскиот тенис, 39-годишниот Роџер Федерер го откажа настапот на овогодинешниот турнир од серијата Мастерс 1000 кој ќе се игра во Мајами од 22. март до 4. април.
Според пишувањата на медиумите, менаџерот на Федерер, Тони Годсик изјави дека Федерер го планира својот прв настап сезонава да биде во Доха на турнирот кој започнува наредната недела, а потоа би требало да игра и една недела подоцна во Дубаи, но после тие два турнири му е потребен одмор.
Федерер последниот меч го одигра ушет на 30. јануари минатата година кога во полуфиналето на Австралија Опен беше поразен од Новак Ѓоковиќ. Следеа две операции на десното колено, поради кои го пропушти останатиот дел од сезоната, која беше скратена поради пандемијата на коронавирусот, но големиот тениски ас не заигра ниту на овогодинешниот Австралија Опен.
Федерер четири пати го освојуваше турнирот во Мајами, вклучувајќи го и последното издание на тој турнир пред две години.


Ѓоковиќ следната недела ќе го достигне историскиот рекорд на Федерер

Новак Ѓоковиќ го изедначи рекордот на Рожер Федерер по бројот на седмици на првото место на АТП рејтинг листата. Ѓоковиќ ја почнува 310-та недела на врвот, со што го достигна успехот на Федерер. На осми март следната недела, Ѓоковиќ ќе го надмине Федерер и ќе стане апсолутен рекордер по бројот на седмици поминати на врвот од АТП рејтингот. Српскиот тенисер прв пат во кариерата на првата позиција се најде на 4 јули 2011 година. Потоа, четири пати се враќаше на првото место, а шест пати ја завршил годината како најдобар тенисер. Како прв тенисер во светот Ѓоковиќ има скор од 387 победи и 53 порази, вклучувајќи 117 победи и 30 порази против ривали од ТОП 10. Во финалните натпревари од сите турнир има скор 39-13.


Се ближи ситуација во тенисот каква не сме виделе од 2005. година

Ако Данил Медведев дојде до финалето на АТП турнирот во Ротердам идната недела, ќе ја преземе втората позиција на АТП листата од Рафаел Надал.
Тоа ќе биде прв пат уште од 2005. година во топ 2 тенисери на светот да биде некој што не е дел од големата четворка – Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер, Енди Мареј и Рафаел Надал.
Последен кој успеал да се „вметне“ во одбраното друштво беше Лејтон Хјуит на 24. јули 2005. година.
Минатата недела Медведев стана 19. различен тенисер кој во последните 16 години успеал да стигне до топ 3. Зад второпласираниот Надал заостанува само 115 бодови и со пласман во финалето во Ротердам би го прескокнал легендарниот шпанец, кој се откажа од учество на турнирот.
Ѓоковиќ и понатаму останува недопирлив на врвот.