тенис

Надал го откажа учеството на турнирот во Ротердам

Светскиот рекет број два, Шпанецот Рафаел Надал е принуден да го откаже настапот на турнирот од серијата АТП 500 во Ротердам, поради болки во грбот, соопшти раководството на турнирот, закажан за 1 до 7 март. Шпанецот беше запрен на Австралија опен во четвртфиналето во кое загуби од Гркот Стефанос Циципас, што му се случи само по втор пат во кариерата на Грен Слем турнирите. Својот втор и последен настап во Ротердам, Надал го имаше во 2009 година, кога во финалето беше поразен од Британецот Енди Мареј.


Нов тенисер во куќата на славните, голем ден за поранешниот рекет број еден

Легендарниот австралиски тенисер Лејтон Хјуит е нов член на Тениската куќа на славните со седиште во Њупорт, потврди ИТФ.
Хјуит, кој во моментот е селектор на Дејвис куп тимот на Австралија, рече дека ова за него е огромно признание.
„Исклучително почестен сум што ќе бидам дел од Тениската куќа на славните. Кога се натпреварувате, концентрирани сте на тренинг и резултатите во текот на неделата или годината, не гледате на работи како оваа. Кога сето тоа ќе се собере и дојдете до кандидатура, чувствувате огромно признание како играч.“ – вели Хјуит.
Поранешниот број еден на чело на АТП листата помина вкупно 80 недели, освои 30 сингл титули, меѓу кои и УС Опен во 2001. година.
„Во Куќата на славните се сите оние кои ми беа идоли во текот на кариерата, како Тони Роуч, Џон Њујомб и Род Лејвер, но и многу други. Сите тие ме мотивираа и да се биде дел од тениската историја заедно со нив е неверојатна чест.“ – додаде Хјуит.
Членови на Куќата на славните, тениски новинари и историчари, а делумно и навивачи, земаат учество во гласањето на кандидатите.
Лејтон Хјуит последниот гренд слем натпревар го одигра во 2016. година на Австралија Опен, а последната титула ја освои во 2014. година на трева токму во Њупорт.


Мареј: Младите тенисери не им се дораснати на Новак и Рафа

Енди Мареј, не е изненаден што Новак Џоковиќ лесно ја освои деветтата титула на Австралија опен. Според него, помладите тенисери не се доближиле до „големата тројка“.
„Очекував финалето да биде поконкурентно иако знам колку е добар Новак кога е мотивиран. Страшно е тоа што помладите момчиња не покажаа дека се доближуваат до првите тројца на светов“, потенцираше Мареј.
33-годишниот Британец кој има три Грен слем титули, додаде дека не го гледал поголемиот дел од турнирот во Мелбурн бидејќи бил разочаран што не играл.


Иванишевиќ: Рафа и Новак ќе го надминат Роџер на врвот

Горан Иванишевиќ, тренерот на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, по победата на Ноле на Австралија опен, вели дека Шпанецот Рафаел Надал и Ѓоковиќ ќе го престигнат Федерер по бројот на освоени трофеи. „Пред неколку години реков дека Рафа и Новак ќе го поминат Федерер. И сè уште сум сигурен во тоа. Овие момци ме изненадуваат секој ден. Рафа дефинитивно ќе освои барем уште еден турнир, се надевам дека нема два. Тие се неверојатни. Момците играат сè подобро и подобро. Младите тенисери се се поблиску, но големата тројка е се подобра. Не знам кога ќе заврши нивната доминација. Можеби тие ќе ги надминат резултатите на Маргарет Корт и Серена, но, она што го прават на теренот е неверојатно. Импресивно е како тие играат на најважните натпревари“, вели Иванишевиќ.


Мелбурн во „локдаун“, на сред турнир укината публиката на АО

Австралиската сојузна држава Викторија оди во целосен локдаун. Од вечерва (петок) на полноќ се воведува карантин кој ќе трае до среда, како би се спречило ширењето на британскиот сој на коронавирусот. И покрај тие мерки, тенисот на првиот гренд слем сезонава во Мелбурн продолжува, но без публика на трибините.
Организаторите на турнирот во соопштението потврдија дека на гледачите до среда ќе им биде забранет пристапот на стадионите. Досега, по 30 илјади навивачи дневно можеа да присуствуваат на натпреварите.
Австралија Опен трае до 21. февруари, а публиката веќе беше ограничена на 50 отсто од вообичаениот капацитет.
Премиерот на сојузната држава Викторија, Даниел Ендрус изјави дека британскиот сој на коронавирусот не потекна од хотел во кој се сместени тенисерите.
„Краток, но строг локдаун ќе биде ефикасен. Се работи за најзаразната варијанта на коронавирусот.“ – изјави премиерот.


Ќе го издржи ли грбот на Надал првиот гренд слем сезонава?

Рафаел Надал го совлада Ласло Џере во рамки на првото коло на Австралија Опен, имаше убедливи 3:0, а шпанскиот тенисер се надева дека ќе може да стигне далеку на овој турнир. „Остварив максимална победа и тоа е добро. Секогаш е тешко кога долго време немате одиграно официјален натпревар. Ова е добар почеток, задоволен сум.“ – изјави Надал. Рафа го пропушти АТП купот поради повреда на грбот, а зборуваше и за таа ситуација. „Ситуацијата и понатаму не е идеална, како што реков и пред неколку дена. Денеска не беше сјајно, морав малку да го променам движењето при сервис. Сега ќе имам слободен ден, па нов натпревар. Морам да размислувам позитивно. Ќе се трудам да останам на турнирот, секој ден е се поголема шансата дека ќе се опоравам.“ – вели шпанскиот тенисер.


ВТА турнир со две победнички, за финале немаше време?!

Естонката Анет Контавеит и американката Ан Ли, ја поделија титулата на ВТА турнирот Грампианс Трофи викендов, откако организаторите останаа без време да го организираат финалето. Турнирот требаше да заврши во недела, но еден од вработените во хотелот во кој тенисерките беа сместени во карантин беше позитивен на коронавирус, па сите натпревари планирани во четвртокот беа одложени. Време за финале едноставно не остана, бидејќи веќе денеска на распоредот беа првите натпревари од Австралија Опен. Двете тенисерки ќе примат парична награда и врачен им е трофеј, односно ќе им биде доделена титула, објави ВТА. „Секако, би сакала да го одигравме финалето, но така е како што е, па на еден начин е и убаво да се подели трофејот.“ – изјави Контавеит.

https://twitter.com/Tennis/status/1358273170118045703

Добри вести од Мелбурн, сите тенисери се негативни на КОВИД-19

Сите 507 играчи и вработени на Австралија Опен, кои беа сместени во хотелот во кој работник беше заразен со коронавирус, се негативни на КОВИД-19 и добија одобрение да учествуваат на првиот гренд слем турнир сезонава, изјави директорот на турнирот, Крег Тајли.
„Сите кои се тестираа се негативни. Ова е навистина добар резултат, не само за заедницата, туку и за тенисерите.“ – изјави Тајли.
Сите од хотелот Гранд Хајат мораа на тестирање, откако еден од работниците беше заразен со вирусот. Поради тоа, 160 тенисери и тенисерки, како и тренери, мораа во самоизолација. За среќа, тоа беше само еден ден, додека не се направија тестовите.
Од повеќе од 1.200 играчи, тренери и официјални лица кои долетаа на турнирот, досега се забележани осум заразени со КОВИД-19.
Шпанската тенисерка Паула Бадоса, е единствена од натпреварувачите која се зарази со вирусот, но во средата беше пуштена од хотелскиот карантин.
Државата Викторија, чиј главен град е Мелбурн, денеска не извести за нови случаи на коронавирус.
Властите одобрија до 30 илјади навивачи дневно на Австралија Опен кој започнува во понеделник, што е околу 50 отсто од капацитетот.


Револуција во Мелбурн, ВТА го „забрзува“ турнирот

Овогодинешниот Австралија Опен во женска конкуренција ќе се игра во малку поразличен облик, со оглед на специфичната ситуација со коронавирусот која ги диктира правилата.
Организаторите на неколку дена пред почетокот на Отвореното првенство на Австралија се одлучија третиот сет да се одигра „забрзано“, односно ќе се игра таканаречен тај-брејк во истиот.
Тоа значи дека доколку дојде до трет сет, тенисерките во значително пократка варијанта ќе го решаваат прашањето на победникот.
Австралија Опен започнува во понеделник, а бранител на титулата во женска конкуренција ќе биде американката Софија Кенин, која минатата година во три сета ја победи Гарбине Мугуруза.


Како изгледа „Бетмобилот“ на Ѓоковиќ вреден 100 илјади долари? (фото)

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го купи најновиот модел на Тесла „Х“, луксузен електричен модел на автомобилот чија цена во основната понуда се движи околу 100 илјади долари.
Тесла „Х“ има пет седишта и 1020 коњски сили. До 100 километри на час забрзува за само 2.5 секунди, а максималната брзина му е 210 километри на час.
Ѓоковиќ е инаку познат како голем почитувач на ликот и делото на Никола Тесла.
Поради необичниот дизајн и начинот на кој се отвораат вратите, љубителите на автомобилот ја нарекоа Тесла „Х“ како „Бетмобил“.