Лев: Германските клубови не ми се мотивација

Баерн Минхен е во потрага по нов тренер кој ќе го наследи Томас Тухел кој на сегашната функција ќе остане до крајот на актуелнава сезона.

Кој ќе седне на жешкото столче на „Алијанц Арена“ се уште не е познато, а меѓу имињата кои се споменуваа беше онаа на поранешниот германски селектор, Јоаким Лев кој доби можност да се огласи на оваа тема и воедно да се отпише од трката.

„Веројатно има причини зошто не сакам да бидам тренер на Баерн. Баерн веројатно не е заинтересиран за мене како тренер, а и јас немам интерес за Баерн. Доволно долго бев селектор на Германија. Во моментов не доаѓа предвид да станам тренер во германски клуб. Цели 17 години патував низ оваа земја, бев на сите стадиони… Германија има добри клубови, но тие не ми се доволна мотивација, -рече Лев кој се уште се нема повлечено од фудбалот.

Не сум се повлекол од фудбалот, но на крајот на сезоната ќе видам дали ќе има понуди. Можеби некој ќе бара квалификуван тренер за селектор на репрезентација. Ќе видам што ќе ми биде достапно“, заклучи искусниот стручњак кој има 64 години.