Антонио Конте назначен за нов тренер на Тотенхем

Антонио Конте и официјално е нов тренер на Тотенхем, потврдија од лондонскиот клуб преку соопштение на социјалните мрежи. 

Договорот на италијанскиот стратег е до летото 2023 година со опција за продолжување по истекот на истиот. Според информациите од Англија, Конте ќе заработува 15 милиони фунти годишно.

За Антонио Конте ова ќе биде враќање во Премиер лигата како тренер, бидејќи претходно го водеше тимот на Челзи со кого стана и шампион во сезоната 2016/17.

„Исклучително сум среќен што повторно се враќам во Премиер лигата во улога на тренер. Со нетрпение чекам да почнам со работа во Тотенхем и да ја пренесам на тимот и на навивачите мојата страст, менталитет и одлучност кои ги имав како играч а сега и како тренер“, изјави Конте за официјалната веб страна на клубот.