Анчелоти: Ливерпул има потешка подготовка за финалето од нас

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, одржа прес-конференција пред последниот натпревар сезонава во Ла Лига на „Лос Бланкос“. Мадрид е домаќин на победникот на Купот – Бетис на „Сантијаго Бернабеу“.

„Расположението е многу позитивно. Сакаме да направиме добар последен натпревар од сезоната пред нашите навивачи. Испраќаме прекрасна сезона и сакаме да им изразиме благодарност на навивачите“, изјави 62-годишниот стручњак.

Тој беше прашан и за претстојното финале во Лигата на шампионите против Ливерпул на 28 мај. 

„Природно е да има некоја нервоза пред финалето на Лигата на шампионите. Ова е огромен натпревар. Мислам дека Ливерпул има потешки недели до финалето од нас, бидејќи се подготвува за голем, важен натпревар овој викенд. Веќе го прославивме триумфот во првенството. Тие го прославија освојувањето на ФА Купот“, изјави Анчелоти.