Арсенал го потврди вториот трансфер ова лето

Младиот белгиски фудбалски репрезентативец Алберт Самби Локонга (21) ги напушти редовите на Андерлехт и кариерата ќе ја продолжи во лондонски Арсенал.

Клубовите не го објавија износот на трансферот, но медиумите шпекулираат дека Арсенал ќе плати околу 17 милиони евра за 21-годишниот фудбалер.

Локонга за сениорскиот состав на Андерлехт дебитираше во 2017. година, откако помина низ клупската академија. Минатата сезона беше стандарден првотимец запишувајќи 37 настапи, три гола и асистенции.

„Алберт е многу интелигентен играч кој покажа голема зрелост во своите настапи во текот на неговиот развој.“ – вели тренерот на Арсенал, Микел Артета.

Младиот Белгијанец е второ засилување за Арсенал сезонава, откако го доведоа дефанзивецот Нуно Таварес од Бенфика.