Бербатов призна дека Панчев бил негов идол од детството

Димитар Бербатов откри дека негов идол кој обожавал да го гледа и му се воодушевуал е Дарко Панчев.

На 108 натпревари во дресот на Манчестер Јунајтед Бербатов постигна 48 гола во период од 2008 до 2012 година, а сега откри нешто што на јавноста не и беше познато.

„Ако би се вратил во минатото да издвојам еден од моите омилени фудбалери, тогаш тоа е Дарко Панчев. Тој човек даваше голови на сите начини. Ми се допаѓаше начинот на кој ги тресеше мрежите, Звезда во тој период имаше фантастичен тим, но тој беше посебен…Можеби поради името, го сакав тоа како одекнува неговото име: Дарко Панчев! Ми беше омилен“, откри Бербатов.

Бербатов преку Пирин дојде во ЦСКА Софија, од каде потоа играше за Баер Леверкузен (2001-2006), па Тотенхем (2006-2008), а после четири години во Манчестер јунајтед, играше и за Фулам (2012-2014), Монако (2014-15), ПАОК (2015-16) и Керала Бластерс (2017-18). Дресот на бугарската репрезентација го носеше на 78 натпревари и постигна 48 гола.