Берокал: Бевме добри во одбраната и најдовме решенија во нападот

Македонската кошаркарска репрезентација ја исполни и првата цел зацртана во јулскиот ФИБА „прозорец“. Со убедливата победа над Ирска (77:56), нашиот национален тим го обезбеди првото место во групата „А“ од претквалификациите за Евробаскетот 2029 и избори пласман во следната натпреварувачка фаза.

Избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал одиграа уште еден зрел и дисциплиниран натпревар. Одбраната повторно беше на високо ниво, а во нападот знаеше како да ги казни грешките на противникот и без поголеми резултатски осцилации да стигне до петтата победа во исто толку одиграни натпревари.

  • Мислам дека одигравме добар натпревар. Не беше лесно да се победи, но ние се адаптиравме на играта на противникот. Бевме добри во одбраната, најдовме решенија и во нападот, па успеавме да ја оствариме целта и да се квалификуваме за следниот круг. Немаме многу време за одмор, сега ни следи Луксембург, кој ќе ни биде увертира за следната рунда. Среќен сум од остварената цел. Во овој „прозорец“ видов повеќе кошаркари и сум задоволен. Видов повеќе домашни играчи, шанса добија нови имиња како Марко Луканоски, Петар Бошалески и Павел Иванов, а ги увидов и квалитетите на Нејт Сестина и на Стјуард Јуниор. Еден ден ќе уживаме за победата, а потоа ни следи пат кон Луксембург. Ќе се подготвуваме за тој натпревар, секако дека желбата е уште еднаш да се победи, изјави Берокал.

Македонија веќе в недела ја очекува последниот предизвик во оваа фаза – гостувањето во Луксембург.

Во вториот натпревар од групата вечерва Азербејџан како гостин го совлада Луксембург со 76:74.

Македонија е прва во групата со 10 бодови, пред Луксембург и Азербејџан, кои имаат по 7, а Ирска е последна со 6.