Вардар 1961 ги започна подготовките за новата сезона

Македонскиот ракометен рекордер и актуелен освојувач на двојната круна, Вардар1961 ги почна подготовките за новата сезона. Екипата првпат ќе има вака напорна сезона и покрај во ЕХФ лигата на шампионите и СЕХА лигата, ќе игра од самиот почеток и во домашното првенство. Кон крајот на август почнуваат четвртфиналните средби од СЕХА лигата, па затоа тимот порано од вообичаеното почна со подготовките.

„Се надевам дека играчите ќе ја оправдаат довербата. Ќе видиме дали ќе има уште засилувања и во стручен штаб и во играчкиот кадар. На Златибор ќе биде полесно да се подготвуваме. Не очекува и натпревар против Еурофарм Пелистер и тоа ќе биде вистински празник. Имаме Струшки турнир и Хумел”, рече тренерот на „црвено-црните”, Веселин Вујовиќ.

Тимот по враќањето од Златибор ќе работи во Скопје, а потоа ќе замине за Струга каде ќе игра на традиционалниот турнир. Планирано е играње и на турнир во Магдебург по што почнуваат официјалните натпревари, четвртфиналето во СЕХА лигата.