Германија со седум гола го уништи дебито на Курасао на Мундијалите

Фудбалската репрезентација на Германија на импресивен начин го отвори настапот на Светското првенство 2026, совладувајќи го Курасао со убедливи 7:1 во натпреварот од првото коло во групата Е.

Уште од самиот почеток беше јасно дека станува збор за пресметка меѓу две селекции со различен квалитет. Германците влегоа како апсолутни фаворити против дебитантот на Мундијалите, но Курасао сепак успеа да испише историски момент.

Германската доминација започна уште во 6. минута кога Лукас Нмеча, по асистенција на Флоријан Вирц, го отвори резултатот за 1:0.

Иако „панцерите“ целосно ја контролираа играта, во 21. минута Курасао стигна до историски погодок. Комененсија прецизно го совлада Мануел Нојер и го постигна првиот гол на Курасао на Светските првенства.

Радоста на аутсајдерот траеше кратко. Само неколку минути подоцна Нико Шлотербек по корнер повторно ја донесе Германија во водство, а до паузата Кај Хаверц реализираше пенал за 3:1.

Во второто полувреме германската машинерија целосно се разигра.

Џамал Мусијала во 47. минута зголеми на 4:1, а потоа следуваа нови удари кон голот на Елој Рум.

Во 67. минута Натаниел Браун постигна прекрасен погодок со волеј за 5:1, додека Дениз Ундав во 78. минута се запиша меѓу стрелците за убедливи 6:1.

Конечните 7:1 ги постави Хаверц во 88. минута, кога со прецизен лоб удар го совлада противничкиот голман и ја заокружи убедливата победа на Германија.

За Курасао, кој за првпат настапува на Светско првенство, останува историскиот прв гол на мундијалите, но и тешката задача што го очекува тимот на искусниот Дик Адвокат во продолжението од турнирот.

Во следното коло Курасао ќе се соочи со Еквадор, додека Германија ќе ги одмери силите со Брегот на Слоновата Коска.