Грција го освои Светскиот Куп во ватерполо

Историски успех за грчкото ватерполо – националниот тим конечно се искачи на светскиот врв, откако во драматичното финале на Светското првенство ја совлада селекцијата на Унгарија со 15-14.
Со овој триумф, избраниците на Теодорос Влахос за првпат го освоија златниот медал на едно големо меѓународно натпреварување, ставајќи крај на долгата низа разочарувања во финалните пресметки.
Грчката репрезентација со години е дел од светската ватерполо елита, но највредниот трофеј постојано им измолкнуваше. Првото финале го одиграа уште во 1997 година, кога беа поразени од САД, а потоа следуваа уште неколку болни неуспеси на најголемата сцена.
Меѓу нив се поразите од Србија во финалето на Медитеранските игри во 2018 година и на Олимписките игри во Токио во 2021 година, од Унгарија во финалето на Светското првенство во 2023 година по изведување пенали, како и од Шпанија во финалето на Светското првенство минатата година.
По освоената бронза на Европското првенство претходно оваа година, Грците покажаа дека се подготвени за најголеми дострели, а победата над Унгарија им го донесе долгоочекуваното светско злато и најголемиот успех во историјата на нивното ватерполо.