Египет по пенали ја елиминира Австралија и обезбеди историско осминафинале

Репрезентацијата на Египет оствари историски успех и се пласираше во осминафиналето на Светското првенство, откако по подобро изведување на пенали ја совлада Австралија. Ова е првпат во историјата Египќаните да се најдат меѓу 16-те најдобри на светот, откако исцрпувачката битка по 120 минути игра заврши без победник, 1-1.

Средбата започна одлично за „фараоните“. Се играше 13. минута кога Ашур ја затресе противничката мрежа и донесе почетно водство за Египет од 1-0, резултат кој остана активен до заминувањето на одмор.

Сепак, по десет минути игра во вториот дел, Австралија успеа да израмни. Несреќниот Хани си постигна автогол и ја врати резултатската неизвесност на 1-1.

До истекот на регуларните 90 минути мрежите мируваа, мечот влезе во продолженија. Новите 30 минути исто така не донесоа промена на семафорот, па патникот во следната фаза мораше да биде одлучен преку пенал-лотаријата.

Таму египетските фудбалери покажаа челични нерви и беа безгрешни од белата точка, а вистинско ремек-дело беше погодокот на Мохамед Салах, кој атрактивно погоди со популарната „паненка“. Кај Австралијците потфрлија Сутар и Херингтон, кои не успеаја да ги реализираат своите удари.

Во осминафиналната рунда, Египет ќе ги одмери силите со победникот од пресметката помеѓу селекциите на Аргентина и Зеленортските Острови.