ЕУРО 2020 – 09. Финска одблиску

Финска е сензација број еден во евро-квалификациите!

Земјата на хокејот и скијачките скокови премиерно се пласира на едно Европско првенство и следното лето ќе дебитира на завршен турнир. Користејќи го зголемувањето на натпреварувањето од 16 на 24 селекции, Финска без ѕвезди во тимот одигра одлични квалификации и најави изненадување како исландското.

Иако стилот на скоро сите селекции е англо-саксонски, може да се забележи многу креација во две генерации: данската 1992 и шведската 1994 година. Тоа беше скандинавската ренесанса и потврда дека иако фудбалот не им е приоритет, северно-европските земји сепак играле значајна трага во фудбалската историја. 

Финската фудбалска репрезентација ја претставува Финска на меѓународните фудбалски натпревари и е под контрола на Фудбалската асоцијација на Финска.

Иако финската репрезентација никогаш не се квалификувала на финалниот турнир на Светското првенство и покрај нејзината долга историја. Нордиската нација постигнала извонреден напредок во 2000-тите, достигнувајќи го врвот, на 30-тото место на рангкингот на ФИФА. Под раководство на Рој Хоџсон тие постигнаа забележителни резултати против многу поетаблирани европски тимови. По неколкуте години со лоши резултати, паднаа на ранг-списокот на ФИФА на 110-то место, што е најниско во нивната историја. Меѓутоа, во есента 2017 година, Финска започна да се искачува на рангирањето на ФИФА, а во септември 2018 година, го зазема 58-то место.

Која е тајната на финскиот успех?

Финска со години имала добри играчи, најпознати меѓу нив секако Јари Литманен, легендата на Ајакс и Сами Хипија, стоперот на Ливерпул, но повеќе од 80 години безуспешно се обидуваат да отидат на Европско или Светско.

Што донело промени? За селектор поставиле поранешен играч од домашното првенство кој работел и како наставник во школо, и тој донел многу позитивни промени.

Марку Канерва во декември 2016 година станал селектор на Финска. Претходно бил помошник тренер и играл фудбал во 80-те и 90-те години. Од репрезентацијата која во минатото немаше ниту една победа и од која се повлекоа неколку добри играчи меѓу кои Микаел Форсел од Челси, Јуси Јаскелаинен, Перпарим Хетемај и Роман Еременко, сега Канерва направи екипиште кое згази во квалификациите.

Во формација 4-4-2 Канерва инсистира на многу одговорна и цврста одбрана (примиле само 8 гола на 8 меча а на пет натпревари не примиле ниеден гол во квалификациите), а во нападот се потпираат на најголемото изненадување на стартот од Премиер лигата, Тиму Пуки од Норич.

Интересно, селекторот Марку Канерва ја водел и селекцијата У21 на Финска која во 2009 година се пласираше на Европското младинско во Шведска. Од таа селекција сега има пет играчи во репрезентацијата.

Резултатите беа неверојатни: Финска ја освои својата група во Лига на нации откако победи на првите 4 натпревари и обезбеди пласман во Лига Б како и плејоф во случај да не одат на Европско преку традиционалните квалификации.