Исник Алими од Сепси дополнително повикан во репрезентацијата
Исник Алими, фудбалер од средниот ред на романски Сепси е нов фудбалер во репрезентацијата на Македонија.
Поранешниот фудбалер на италијанските Аталанта, Виченца, Шибеник од Хрватска и азербејџански Габала, денеска се става на располагање на нашиот најдобар национален тим.
Алими е стандарден фудбалер на романскиот Сепси и со одличните настапи за својот клуб се наметна како профил на играч кој може да ја зголеми конкуренцијата во средниот ред од нашата репрезентација.
Во минатото, Алими настапуваше на официјални квалификациски турнири за младинските репрезентации на Македонија до 17 и 19 години.
„Алими бележи одлични игри во романското првенство со Сепси. Неговото искуство и формата во која се наоѓа може само да ја зголеми конкуренцијата во нашиот тим и да ни донесе дополнителен квалитет“, изјави селекторот Благоја Милевски.
Исник Алими денеска во 18:30 часот ќе го има првиот тренинг со А репрезентацијата на Македонија.