Казната на Шкендија преполовена на два меча

Шкендија новата сезона 2026/27 во Првата македонска фудбалска лига ќе ја започне со два домашни натпревари на терените на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија во Скопје.

Иако поради реконструкцијата на Градскиот стадион во Тетово, тетовскиот клуб го пријави стадионот во Гостивар како свој домашен терен за новата сезона, првите две средби ќе ги одигра во главниот град поради дисциплинската казна изречена по финалето на Купот на Македонија од минатата сезона.

Првично, Шкендија беше казнета со четири домашни натпревари без присуство на публика, но по жалбената постапка санкцијата беше намалена на два меча. Поради тоа, клубот донесе одлука тие натпревари да се одиграат во Скопје, каде што условите и квалитетот на теренот се значително подобри.

Новата првенствена сезона за Шкендија започнува в недела, на 26 јули, со дуелот против Скопје, кој ќе стартува во 19 часот. И натпреварот од третото коло против Брегалница, закажан за 15 август, ќе се одигра на истиот стадион.

По одигрувањето на овие две средби, Шкендија ќе се пресели на стадионот во Гостивар, кој ќе биде нејзин домашен терен до завршувањето на реконструкцијата на стадионот во Тетово.