Ла Лига не го прифаќа лекарскиот извештај на Барса без потписот на Тер Штеген

Шпанската Ла Лига нема да може да го прифати медицинскиот извештај на Барселона за повредата на голманот и еден од капитените на тимот, Марк-Андре тер Штеген, без потпис на играчот, објавува „Кадена Сер“. Да потсетиме дека кон крајот на јули, 33-годишниот голман беше подложен на операција на грбот.

Претходно беше објавено дека раководството на Барселона не било информирано за одлуката на Тер Штеген да се подложи на операција, а закрепнувањето од истата ќе трае долго. „Кадена СЕР“ тврди дека Германецот одбива да се согласи клубот да испрати извештај за неговата повреда до медицинската комисија на Ла Лига.

Барселона наводно бара да покрене дисциплинска постапка против Тер Штеген во врска со ова, бидејќи верува дека неговите постапки предизвикуваат финансиска и спортска штета. Барселона тврди дека има законска основа да го достави медицинскиот извештај на играчот, кој Ла Лига мора да го испита за да го примени правилото за повреда, без негова согласност. Сепак, лигата ќе го разгледа извештајот само со согласност на играчот, бидејќи тука стапува на сила законот за заштита на податоци.