Ливерпул го ангажира легендарниот Тафарел

Фудбалскиот клуб Ливерпул официјално објави дека легендарниот поранешен голман,Клаудио Тафарел, се приклучува во тренерскиот тим на голманите во екипата.

55-годишниот поранешен светски шампион со Бразил, пристигна во клубот по препорака на првиот голман на тимот и негов сонародник, Алисон Бекер.  Тафарел освен во Ливерпул, ќе продолжи и со својата работа како голмански тренер во бразилската репрезентација.

Со своја изјава за ангажирањето на Клаудио Тафарел се јави и тренерот Клоп кој даде објаснување за направениот избор.

„Како голмани во нашиот тим ги имаме Алисон Бекер, кој за нас е најдобар во светот. Го имаме Келехер, кој е неверојатен, а исто така и Адријан, кој многупати ги покажал своите квалитети откако е со нас. Тука се и помладите Марсело Питалуга и Харви Дејвис, така што имаме пет голмани во различни возрасни групи, што е одлично. Сакаме да изградиме сопствена идеологија за голманите. Разговаравме со Алисон бидејќи двајца од најдобрите голмани во светот се Бразилци, па решивме да стапиме во контакт со Тафарел. Може да ни донесе поинаков поглед на голманската игра“, истакна Клоп.