Македонија со пораз од Србија заврши на 20. место на Европското првенство

Македонската младинска ракометна репрезентација го заврши настапот на Европското првенство со пораз од Србија со 34-30, во натпреварот за конечен пласман. Со овој резултат нашата селекција го освои 20. место во конкуренција на 32 репрезентации.
Клучен период од натпреварот беше слабиот настап во првото полувреме, во кое Србија дојде до висока предност. Македонските ракометари во неколку наврати имаа негатива од девет гола (10-19 и 11-20), а на паузата заминаа со резултат 12-20.
Во второто полувреме сосема поинакво издание на Македонија во кое нашите младинци играа многу поквалитетно во двата правци, постепено ја топеа негативата и со серија одлични акции успеаја да намалат на 26-29 на почетокот од последните десет минути.
За жал нашите млади ракометари немаа сила да направат целосен пресврт во натпреварот кој на крајот заврши со победа на Србија од 34-30.