Мустафи поради бројот не може да биде регистриран во Леванте

Поранешниот германски репрезентативец Шкодран Мустафи го напушти Арсенал по пет години поминати во Лондон и се насели во Леванте.

Дури и за време на престојот во англиската престолнина, тој честопати доаѓаше во центарот на вниманието поради бизарни ситуации, а такво нешто се случи и со неговото пристигнување во новиот клуб. Поранешниот играч на Валенсија стана играч на градскиот ривал Леванте, но неговиот почеток таму не беше баш најдобар, бидејќи неговата регистрација беше блокирана поради клупска грешка.

Леванте му го даде бројот 13 на дресот, со што прекрши две правила. Имено, во шпанската лига, тој број можат да го имаат само резервните голмани, а второто правило е прекршено бидејќи по почетокот на сезоната, бројките што беа зафатени не можат да се променат.

Голманот Аитор Фернандез веќе го носеше бројот 13 во првите два натпревари, а кога голманот го напушти клубот, Коке го презеде бројот 1. Коке не играше, па „единицата“ беше достапна, додека бројот 13 според правилата во Ла Лига мора да почека нов сопственик до крајот на следната сезона.