Николов донесе триумф за Вардар против Арсими

Вардар успешно го мина гостувањето во Гостивар и славеше против Арсими со 0-1. Стрелец на победничкиот гол за актуелниот шампион беше Бобан Николов во 19.минута, на асистенција на Закариќ. Арсими останува на дното по овој пораз, а од 68.минута играше и со фудбалер помалку по исклучувањето на Арџент Гафури.

Вардар од почетокот наметна притисок и бараше водечки гол. Во 15.минута, Матиќ ја погоди мрежата на домаќинот, но голот не беше признат по интервенција на ВАР, поради офсајд ситуација во која се најде асистентот Диабате.

Потоа се закани и Закариќ, а во 19.минута Бобан Николов со удар со глава донесе водство за Вардар. Асистент беше токму Закариќ, кој одлично нафрли во шеснаесетникот на гостите.

Следеа уште неколку обиди на Вардар за удвојување на предноста, преку Бабунски, Николов, Закариќ, но без ефект.

На спротивната страна Арлинд Алити се обиде да го изненади Талески, но голманот на Вардар беше поуспешен.

Гаје се закани на стартот на вториот дел, но не беше прецизен, а потоа Омерагиќ не беше прецизен со удар со глава на спротивната страна.

Во 58.минута Закариќ беше во убава шанса, но неговиот шут беше блокиран, а потоа и скротен од голманот Силјановски.

Три минути подоцна Азер Омерагиќ имаше колосална шанса, излезе сам пред голманот Силјановски, но не успеа да реализира.

Во 68.минута, Арџенд Гафури беше исклучен, по интервенција на ВАР, откако со лакот во лице го удри Мигел Пиреш. Домаќините негодуваа, меѓутоа мораа да продолжат со играч помалку.

Шест минути подоцна Мислав Матиќ имаше убава шанса за погодок, откако налета на одбиена топка од голманот Силјановски, но го префрли голот од непосредна близина.

Во 81.минута, Закариќ подготви шанса за Јанкулов, но тој не погоди откако топката заглави во калта пред петерецот.

На крајот, триумф од 0-1 за Вардар и три бода од тимот на Миодраг Божовиќ.