Пресврт на „чизмата“: Пирло нема да стане селектор на Италија

Иако изгледаше дека Андреа Пирло е на чекор до селекторската функција на италијанската репрезентација, неговото назначување е ставено во мирување поради неочекувани контроверзии поврзани со неговите комерцијални ангажмани.
Според информациите на „Газета дело Спорт“ и „Кориере дело Спорт“, преговорите меѓу Италијанската фудбалска федерација и поранешниот светски шампион биле речиси завршени, но во последен момент биле запрени поради неговата соработка со руската обложувачка компанија „Фонбет“.
Пирло од октомври минатата година е глобален амбасадор на оваа компанија, а токму тој ангажман предизвика бројни реакции во италијанската јавност. Дополнителни критики се појавија по неговата неодамнешна промотивна посета на Москва, каде беше заедно со уште еден поранешен италијански репрезентативец и светски шампион, Марко Матераци, кој исто така е амбасадор на истата компанија.
Со оглед на затегнатите односи меѓу Италија и Русија по почетокот на војната во Украина во 2022 година, дел од јавноста и луѓето во италијанскиот фудбал сметаат дека ваквата соработка не е соодветна за личност која треба да ја предводи националната селекција.
Поради тоа, претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Џовани Малаго, побара дополнително да се разгледа целата ситуација пред да биде донесена конечната одлука за новиот селектор.