Тејтум со 50 поени донесе плеј-оф за Бостон

Одиграни се првите натпревари од плеј-ин фазата во НБА лигата, турнир за последните две места во доигрувањето во двете конференции.
Синоќа беа одиграни натпреварите од Источната конференција, а ги одбележа сјајниот Џејсон Тејтум. Тој со 50 поени го „растури“ Вашингтон и го одведе Бостон до победа од 118:110 и влез во доигрувањето како седмопласирана екипа. Додаде и осум скокови и четири асистенции, а беше непогрешлив од линијата за слободни фрлања, погодувајќи ги сите 17.
Така, 23-годишниот Тејтум веќе трет пат во својата кариера постигна барем 50 поени и му недостасува само уште еден таков натпревар за да се израмни со Лери Брд, кој го држи рекордот на франшизата.
Откако вториот најдобар играч на Селтикс сезонава, Џејлен Браун е повреден и нема да се врати во доигрувањето, се истакна и Кемба Вокер со 29 поени, седум скокови и две асистенции, додека кај Вашингтон, Бредли Бил постигна 22 поени со девет скокови и шест асистенции, додека Расел Вестбрук натпреварот го заврши со 20 поени, 14 скокови и пет асистенции.