У-17: Оптимизам помеѓу играчите пред натпреварот со Србија

Македонската репрезентација до 17 години предводена од селекторот Тони Јакимовски на тренинг центарот „Петар Милошевски” се подготвуваше за натпреварот против Србија во рамки на контролниот турнир што се одржува во Скопје.

Нашите млади фудбалери во воведното коло од турнирот славеа победа со 2:1 против Кипар. Марко Стојилевски и Зани Назифи беа стрелци на головите. 

Даниел Марковски, фудбалерот на Хелсинборг и член на младата репрезентација на Македонија е задоволен од прикажаната игра против Кипар.

– „Одигравме одличен натпревар против Кипар, но секогаш има простор за напредок, секогаш може подобро. На теренот делувавме одлично како колеткив, бевме подобра екипа, сосема заслужено остваривме победа. Играме против Србија, репрезентација која има голем квалитет, очекувам тешка средба со многу борба и отворена игра. Се надевам дека ќе оствариме нова победа“.

Капитенот Марко Ѓорѓиев вели дека оваа репрезентација на Македонија посакува учество на Европско првенство.

– „Нашата желба и цел е да обезбедиме учество на Европско првенство. Играме долго време заедно и одлично се познаваме. Овој контролен турнир претставува подготовка за она што не очекува во октомври, а тоа се квалификациите за пласман во елитната фаза. Одигравме добар натпревар со Кипар, се надевам дека повторно ќе бидеме на посакуваното ниво и на дуелот со Србија“.

Нашите фудбалери во октомври ги очекуваат квалификации за пласман во елитната фаза за Европско првенство. Во нашата група се Република Ирска, Полска и Андора.