Хауард ја заврши кариерата по само два натпревари во Грузија

Американскиот центар Двајт Хауард стави крај на својата кошаркарска кариера по два одиграни натпревари во Суперлигата на Грузија.
Хауард ќе остане запаметен како кошаркар кој остави длабока трага во НБА-лигата. Во регуларниот дел од сезоната одигра 1.242 натпревари, а во плејофот настапи на уште 125 средби. Во текот на кариерата просечно бележеше 15,7 поени, 11,8 скока, 1,3 асистенции и 1,8 блокади по натпревар. Во плејофот неговиот просек изнесуваше 15,3 поени, 11,8 скока, 1,2 асистенции и две блокади.
Популарниот „Супермен“ на 8 декември ќе го прослави својот 41. роденден, а на залезот на кариерата го облече дресот на Блек Фортрес од Тбилиси. Токму неговиот клуб објави дека 208 сантиметри високиот член на Кошаркарската куќа на славните во Спрингфилд одлучил да се повлече по 22 години активно занимавање со кошарка, со краток прекин пред дефинитивно да стави крај на професионалната кариера.
Хауард остави длабока трага во НБА-лигата уште од драфтот во 2004 година, кога Орландо го избра како прв пик. За франшизата од Флорида настапуваше до 2012 година, кога го имаше и првиот ангажман во Лос Анџелес Лејкерс. Потоа ги бранеше боите на Хјустон, Атланта, Шарлот, Вашингтон и Филаделфија, а најголемиот успех во кариерата го оствари во 2020 година, кога ја освои шампионската титула со Лејкерс во таканаречениот „балон“.