Шкендија не се ни испоти за да го победи Скопје

Шкендија го совлада ФК Скопје со 3-0 во последниот меч од првото коло во новиот шампионат на Македонија. Мечот се одигра на комплексот на ФФМ, а тетовци беа надмоќни во сите елементи на фудбалската игра.
Шкендија имаше одлична можност да поведе уште во втората минута. Криезиу нафрли од левата страна, Зејнулаи од петерецот упати удар со глава, но Кристијан Наумовски одлично одбрани.
Во десеттата минута Зејнулаи постигна погодок, но не беше признат откако ВАР утврди офсајд ситуација на Криезиу на почетокот на акцијата.
Во 17.минута, Шкендија дојде во водство. Фад Нзенгуе испрати силен удар од десетина метри откосо од левата страна и го совлада Кристијан Наумовски.
Тетовци имаа уште неколку можности до крајот на полувремето, но на одмор заминаа со еден гол позитива.
На почетокот на вториот дел, Фабрис Тамба упати силен удар во 51.минута, а Наумовски исфрли во корнер. Пет минути подоцна повторно Тамба шутираше, а Наумовски овој пат спаси со интервенција со нога.
Во 66.минута, конечно Фабрис Тамба успеа да биде подобар од Наумовски. По нафрлувањето на Трумчи, Тамба шутираше од свртување, а Наумовски иако мислеше дека ја скроти, топката на крајот ја мина гол-линијата за 2-0.
Потоа дојде и трет гол во 75.минута. Себастијан Спахиу продре по левата страна, го проигра Рафа Силва, кој со силен удар од 16 метри ја затресе мрежата на Скопје.
Две минути подоцна, Рафа Силва со удар од далечина го погоди и дирекот. Во 82.минута, шанса по корнерот од левата страна имаше и Фетаи, но шутираше крај голот.
Во финишот, по интервенција од ВАР собата, беше досуден пенал за Шкендија, откако Марко Ѓорѓиевски беше соборен во шеснаесетникот, но Бесарт Ибраими не ја искористи најстрогата казна. Голманот на ФК Скопје, Кристијан Наумовски со одлична интервенција успеа да одбрани.