Јанис со 50 поени ја донесе првата титула за Милвоки по 50 години (видео)

Милвоки Бакс станаа НБА шампиони по цели 50 години. Јанис Антетокумбо во шестиот натпревар од финалната серија симболично постигна 50 поени и донесе победа од 105:98 за конечни 4:2 во серијата против Феникс.

Јанис во најголемиот натпревар од неговата кариера ја даде и најдобрата партија во кариерата. До 50 поени стигна со шут од игра 16/25, но и неверојатни за него 17 од 19 слободни фрлања. Овој пат ги погодуваше со импресивна смиреност, а второто го промашни дури во последните секунди, кога веќе се беше решено, можеби дури и намерно за да не ја „расипе“ бројката од 50 поени.

Со 50-те поени, Јанис запиша и 14 скокови, две асистенции и пет блокади. Крис Мидлтон постигна 17 поени, Боби Портис 16, а Џру Холидеј со традиционално одличната одбрана остана за чекор краток од „трипл-дабл“, со 12 поени, 11 асистенции и девет скокови.

Антетокумбо беше прогласен и за МВП на финалето, што заедно со штотуку освоениот прстен е најголемата награда во веќе доста успешната кариера за грчкиот кошаркар, иако има само 26 години.