Јокиќ сруши историски рекорд на Вилт Чембрлен

Српскиот центар Никола Јокиќ го престигна легендарниот Вилт Чембрлен и стана центар со најмногу трипл-дабл учиноци во историјата на НБА лигата. Во победата против Оклахома синоќа од 122-110, Јокиќ го забележа својот 79. трипл-дабл во кариерата и уште еднаш покажа зошто е двократен МВП.

Интересно е што синоќешниот трипл-дабл дојде во една од најлошите негови партии, каде имаше само 15 поени, но со 14 асистенции и 13 скока, но притоа исто така имаше и рекордни 10 загубени топки.

Во вториот ноќешен меч екипата на Орландо со 130-129 славеше над Голден Стејт нанесувајќи му го четвртиот последователен пораз на шампионот. Стеф Кари беше најдобар на теренот со 39 поени, но тоа не помогна да се прекине црната низа на Вориорс. Кај победниците, Сагс постигна 26 поени и беше најефикасен кај Орландо за кого ова беше само втора сезонска победа.