Јувентус се соочува со одземање на шампионска титула и праќање во Серија Б

Од Италија стигнуваат информации дека екипата на Јувентус може да заврши во втората италијанска лига и да остане без последното освоено скудето поради сомневањата за нелегални трансфери и прикривање на остварените добивки.

Финансиската полиција на Италија по барање на обвинителството пред неколку дена изврши упад во канцелариите на клубот од Торино и започна со проверување на книговодствената документација.

Марко Донецели кој е претставник на Асоцијата за заштита на потрошувачите во Италија, излезе со свое мислење за целиот случај.

„Ако со истрагата се открие дека Јувентус имал нелегални активности со кои стекнал предност пред останатите клубови во однос на реализација на трансфери со играчи, тогаш е загрозена регуларноста на првенството и одговорните лица во клубот ќе мора да сносат одговорност.

Освен раководните лица, постои можност за казнување на целиот клуб со испраќање во понизок ранг на такмичење и одземање на последната освоена титула во италијанското првенство“, изјави Донецели.