Фудбалерките на Арсенал ја освоија светската титула

На свој терен, на „Емирати“ стадионот во Лондон, Арсенал по продолженија го совлада бразилскиот Коринтијанс со 3-2 и ја заокружи фантастичната сезона.
Европските шампионки први дојдоа до водство преку Оливија Смит во 15. минута, но радоста траеше кратко. Помалку од шест минути подоцна, Габи Заноти беше прецизна за израмнување.
Нова предност за Арсенал донесе Шарлот Вубен-Мој во 58. минута и изгледаше дека лондонскиот клуб ќе ја заврши работата во регуларниот дел. Сепак, Коринтијанс не се предаде. Во шестата минута од судиското надополнување бразилската екипа доби пенал, а Вик Албукерке го претвори во гол за 2:2 и продолженија.
Решавачкиот момент се случи во првото продолжение, кога Кејтлин Форд во 14. минута го постигна победничкиот погодок и го однесе Арсенал на светскиот фудбалски трон. Со оваа победа, фудбалерките на Арсенал ги обединија титулите европски и светски шампион пред голем број навивачи на трибините во Лондон.