Нејмар им се врати на тренинзите во Сантос по тешката повреда

Сантос полека ја добива својата најголема ѕвезда назад на теренот, откако Нејмар повторно се појави на тренинзите по хируршката интервенција на менискусот на левото колено.

Искусниот напаѓач веќе работи со тимот и учествуваше на последната тренинг сесија, но стручниот штаб не сака да ризикува. Поради тоа, Нејмар нема да биде во комбинација за настап на престојното дерби против Сао Паоло, бидејќи сè уште не е во целосна натпреварувачка форма.

Очекувањата во клубот се дека неговото официјално враќање ќе се случи во недела, кога Сантос ќе го одигра клучниот натпревар против Нороесте во претпоследното коло, дуел кој може да има големо значење за сезонските амбиции.

Последниот настап на Нејмар датира од 7 декември, кога настапи против Крузеиро и покрај здравствените проблеми, со цел да му помогне на тимот во борбата за опстанок во елитата. Само две недели подоцна, напаѓачот замина на операција и започна процес на рехабилитација.